Дефинитивно прифатена една од предлог на мерките на ЗЕЛС за справување на општините со енергетската криза, се очекува да следи прифаќање и на останатите предлози
Една од предлог- мерките за справување на општините со енергетската криза, што Управниот одбор на ЗЕЛС ги достави до Владата на Република Северна Македонија и ги изнесе на прес-конференција уште на почетокот на оваа година, поточно на 11 јануари 2022 година, дефинитивно е усвоена. Училиштата во целата земја ќе бидат на регулиран пазар, односно за потрошената електрична енергија ќе плаќаат цена што е утврдена по тарифа за домаќинствата. Конечно ќе се реализираат заложбите на градоначалниците, децата да останат во училиштата и да ја следат наставата во своите училници.
Всушност, ЗЕЛС веќе десетина години наназад доставува низа укажувања и барања до централната власт за да ја повлече одлуката со која училиштата беа префрлени да плаќаат струја по индустриска тарифа, бидејќи тие не се организации кои создаваат профит. Затоа, заложбите на ЗЕЛС се и во иднина, по завршувањето на енергетската криза и вонредната состојба, училиштата да продолжат да ја користат тарифата за домаќинствата, односно повеќе да не се третираат како профитни организации.
Префаќањето на овој предлог на ЗЕЛС ( училиштата да бидат на регулиран пазар) само делумно ќе придонесе општините да се справуваат со предизвиците од оваа енергетската криза. Оваа одлука донекаде е презадоцнета за да се смета како сериозна поддршка на локалната власт, која веќе една година се соочува со огромни сметки од самите училишта, но и со огромни сметки за електричната енергија за уличното осветлување. Јавните претпријатија, чиј основач е општината, исто така, заедно со општините укажуваа за создавањето на високи долгови по овој основ и потребно е под итно и тие да добијат ваква поддршка, односно да се префрлат на регулираниот пазар за електрична енергија. Во спротивно, во прашање се доведува можноста за испорака на голем број услуги за граѓаните.
Пандемијата со КОВИД-19 и енергетската криза уште еднаш покажаа колку за граѓаните е важна локалната самоуправа, бидејќи тие секојдневно се обраќаат во општините, а не пред централната власт. Поточно, покажаа дека финансиските средства што се одвојуваат од државниот буџет за општините, за спроведување на префрлените надлежности, ни од далеку не се доволни за нивно ,,нормално“ функционирање, а уште помалку за справување со вакви светски предизвици, кога се оставени сами на себе.
Во таа насока, ЗЕЛС бара централната власт сериозно да ги разгледа и останатите предлог -решенија за справување на општините со енергетската криза, кои се доставени до Владата на Република Северна Македонија, уште во јануари оваа година и што поскоро да обезбеди продолжување на започнатиот процес на реформи на децентрализација на власта и на системот за финансирање на единиците на локалната самоуправа.