„Превенција и заштита на жртвите на родово - базирано и семејно насилство на локално ниво“

 

„Превенција и заштита на жртвите на родово -базирано и семејно насилство на локално ниво“ беше темата на обуката што ја организираше ЗЕЛС во соработка со Министерството за труд и социјална политика, а во рамките на одбележувањето на светската кампањата  „16 дена активизам против родово базираното насилство“. Обуката се одржа на 15 ноември, 2022 година, во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот. Поканетите претставници од општините (координатори  за еднакви можности  и одговорните лица за социјални заштита) дискутираа за обврските и вклученоста на единиците на локална самоуправа во овие активности во согласност со имплементацијата на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство (Истанбулска конвенција);  Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство (Службен весник на РСМ, бр. 24 од 29.1.2021 година) и Законот за социјална заштита.

Според Годишниот извештај на МВР за 2021 година, вообичаено жртви на семејно насилство се жени -77 %,  а во однос на роднинската врска со сторителите во 38,5% како жртви на семејно насилство се јавува сопругата. Понатаму при 18 % од кривичните дела жртви се родителите и во 10, 5% жртви се децата. Во 2021 година се бележи зголемување на бројот на кривичните дела при семејно насилство, односно регистрирани се 1.056 кривични дела од оваа област .

 

Истанбулската конвенција експлицитно наметнува обврски на локалните власти во делот на  воспоставување на координирани политики, превенција и заштита

Истанбулска конвенција е ратификувана од нашата земја на 23 март 2018, а стапи на сила на 01 јули 2018 година. Оваа Конвенција експлицитно наметнува обврски на локалните власти во три столба: координирани политики, превенција и заштита. Според Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство единиците на локалната самоуправа се обврзани  да креираат локални политики и програми за заштита на жените жртви на родово-базирано насилство и жртвите на семејното насилство; да воспоставуваат услуги за заштита и поддршка на жртвите, меѓу кои и засолништа и советувалишта за жртвите ; да спроведуваат почетна и континуирана едукација за вработените за извршување на овие надлежности; да воспостават меѓусебна и координирана соработка на локално ниво помеѓу центрите за социјална работа, полициски станици, здравствени установи, предучилишни и образовни установи; да соработуваат со здруженијата, фондациите и други организации во промоција, превенција и заштита од родово-базирано насилство на жените и семејното насилство. Претставничката од Министерството за труд и социјална политика, Софија Спасовска, посочи дека не треба и не е во можност секоја општина да воспостави одредени социјални услуги, меѓу кои се и оние што се наменети за овој вид на жртви, но нагласи дека е потребно нивно воспоставување на регионално ниво. Затоа е потребна взаемна координација на општините од секој плански регион и координација на сите релевантни чинители во рамките на секоја единица на локална самоуправа.

Општината има важна улога во собирањето на статистичките  податоци за социјалните состојби.

За да се креираат политиките во оваа област потребно е општината да располага со точни податоци, па во таа насока на обуката беше потенцирана улогата на општината во собирањето на статистички податоци за состојбата со родово-базирано насилство врз жените и семејното насилство, но и други податоци од областа на социјалната заштита. Во оваа насока, општината треба да соработува со членовите на општинските совети за социјална заштита, особено со претставниците на полицијата и центрите за социјална работа од кои треба да добива статистички податоци во редовни интервали. Дополнително, со цел да добијат сознанија за  потребите на жртвите, како и за ставовите во однос на насилството, локалните власти може да спроведуваат соодветни истражувања/мапирања на локално ниво, при што методологијата за истражувањата во домен на насилство врз жени и семејно насилство се изработува од искусни и обучени истражувачи.

Бројни примери од општините за воспоставување на социјални услуги

Дел од присутните претставници од општините изнесоа и одредени добри практики во својата општина  во однос на  градењето на политики и креирање на услуги, не само за жените -жртви на семејно насилство, туку и за останати, социјални услуги за своите граѓани. Од Општина Струмица беше посочено воспоставувањето на ,,шелтер центар за жртви од семејно насилство“ за кој општината обезбедила соодветен простор и секоја година од буџетот одвојува по еден милион денари, а активностите ги реализира во соработка со невладина организација ,,Скај плус“. Општината има отворено и Советувалиште за жените -жртви на семејно насилство, а планирано  е воспоставување на услугата- ,,отворена куќа“. Од  Општина  Битола информираа дека општината во соработка со граѓанско здружение во моментов воспоставува советувалиште за помош и поддршка на жртви на родово-базирано и семејно насилство како регионален сервис. Успешна приказна беше посочена и за  Општина Арачиново, која прва воспоставила  дневен центар за деца со посебни потреби, а ваков центар има отворено и Општина Врапчиште. Слични  добри практики имаат и голем број други општини кои со сопствени средства воспоставиле една или повеќе социјални услуги за своите граѓани.

Воспоставување на социјални услуги

Претставничката од МТСП посочи и на важноста за задолжително воспоставување на Совет за социјална заштита во секоја општина, потоа на изработката на Социјален план што овој Совет треба да го изработи, но и  одговорноста која ова тело треба да ја има кон Регионалниот совет. Исто така, таа потенцираше и на важната улога на единиците на локална самоуправа во собирањето на статистичките податоци во оваа област,  при што информираше и за можноста за воспоставување на Центар за општински услуги. При тоа беше појаснето дека при воспоставувањето на социјалните услуги општината треба да се води од потребите на нејзиното население, но дека е потребно на регионално ниво да бидат обезбедени речиси сите социјални услуги, што треба да се постигне со добра взаемна меѓуопштинска соработка на ниво на еден плански регион. Беше посочено дека при воспоставувањето на одредени социјални услуги, предвидено е и нивно финансирање од страна на МТСП, но по пат на објавување на јавни конкурси, како и објавување на повици за даватели на социјални услуги. Беше нагласено дека општината треба да препознае, дали има некое граѓанско здружение и дали е тоа лиценцирано и да  воспостават заедничка соработка за обезбедување на одредена услуга. Присутните претставници од општините нагласија дека често се соочуваат со предизвикот да  немаат соодветен давател на социјална услуга или пак, тој  не се стекнал со  потребната лиценца, бидејќи нема доволно финансиски средства за достигнување на бараниот стандард, воспоставен од МТСП. Беше нагласено дека ваквите предизвици не се карактеристични за секоја социјална услуга, но онаму каде што е можно, ваквата состојба треба добро да се образложи во самиот елаборат и да се нагласат причините, за да се  обезбедат одредени олеснувања, барем во почетокот на воспоставувањето на услугата.