Вкупно 22 кандидатa го положија теоретскиот дел од испитот за стекнување со сертификат за форумски модератор

Вкупно 22 кандидатa го положија теоретскиот дел од испит за стекнување на сертификат за форумски модератори, што беше организиран на 18 ноември, 2022 година, во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот. Кандидатите беа поделени во две групи и одговараа на вкупно 20 прашања поставени во електронска форма, по што веднаш ги добија и освоените бодови. Сите што  одговорија точно на 70% од прашањата, се стекнаа со правото да го полагаат  и практичниот дел од испитот, закажан на 5 и на 6 декември 2022 година. Комисијата што ќе го спроведува практичниот дел од испитот, составена од претставници од ЗЕЛС, од УНДП и надворешни членови ( сертифицирани модератори), на секој кандидат ќе му постави по две прашања, преку кои треба да ја согледа неговата подготвеност како ќе се справува со предизвиците што може да настанат при  практичната реализацијата на форумските сесии.

За полагањето на теоретскиот и практичниот дел, освен организирањето на обуката, кандидатите добија и соодветни материјали за поддршка при полагањето на испитот, меѓу кои и „Прирачник за полагање на испит за сертифицирани форумски модератори“, што го подготви ЗЕЛС . Всушност кандидатите треба да имаат соодветни знаења за законските основи на организациската и политичка поставеност на единиците на локалната самоуправа, надлежностите што тие ги спроведуваат; процесот на децентрализација на власта; облиците на граѓанско учество; да се запознаени со целите и видовите на форумите; начинот на работа на форумот, воспоставувањето на форумот, средствата за организирање, тимот на спроведување и друго.

Модерирањето (олеснувањето) на форумите е посебна форма на модерирање на средби на големи групи. Користените техники за олеснување треба да обезбедат рамноправност на сите учесници, релативно брзи начини за обезбедување на различни мислења и пристапи за  постигнување на консензус. Па од тука и улогата на модераторот е клучна за успешно спроведување на „форуми во заедницата“ една од  формите на граѓанско учество во заедницата. Сертификатот на форумските модератори е со важност од пет години.