Обука за јакнење на капацитетите на општинската администрација од областа на животната средина
Претставниците од општинската администрација, од областа на животната средина на 25 ноември, 2022 година, во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот имаа можност да дискутираат за најновата законска регулатива што претставува солидна основа за обезбедување на услови за приклучување кон европските стандарди што водат кон развој на циркуларната економија и обезбедуваат проширена одговорност на производителите на отпад (вкупно шест закони). Посебно внимание беше посветено на Законот за управување со отпад ( Службен весник на РСМ Бр. 2016/21); на Закон за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад и на Закон за управување со пакување и отпад од пакување („Службен весник на РРСМ Бр. 215/21)
Во таа насока, претставничката од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Ана Каранфилоска Мазневска, раководител на Сектор за отпад говореше за процесот на воспоставувањето на регионално управување со отпадот. Таа нагласи дека се изработени и одобрени од МЖСПП осум регионални планови за управување со отпад за кои се обезбедени стратешки оцени за влијание на животната средина во нашата земја. Потоа изработени се седум физибилити студии за инвестициски проекти и анализа на трошоци - придобивки; седум студии за оцена на влијанието врз животната средина; шест детални проекти за изградба на регионални центри за управување со отпад (т.е. регионални депонии, со потребна инфраструктура за преработка на отпадот и претоварни станици) и шест студии за затворање на сите нестандардни депонии во шест региони. По обезбедувањето на потребната документација обезбедени се и средства за имплементирање на проектите (ИПА фондовите и други достапни меѓународни фондови, кредитни линии ( ЕБОР, Светска Банка)).

Воспоставување на регионален систем за управување со отпад
Со Законот за Управување со отпад утврдено е дека советите на општините од соодветниот регион за управување со отпад донесуваат одлука за склучување на спогодба за здружување за воспоставување на систем за управување со отпад на регионално ниво. Регионалниот систем се состои од централен објект за управување со отпад (регионална депонија за отпад), претоварни станици и други објекти и инсталации за управување со отпад. Беше нагласено дека спогодбите за воспоставување на регионален систем донесени пред влегувањето во сила на овој закон продолжуваат да важат. Од особена важност за спроведување на регионалното управување, спроведувањето на регионалниот план и реализацијата на спогодбата е формирањето на Меѓуопштински одбор за управување со отпад. Членови на одборот се градоначалниците на општините кои припаѓаат во регионот или други лица овластени од нив. Во рамките на Центарот за развој на секој плански регион во кој е склучена спогодба, се формира Организациона единица за регионално управување со отпад. Беше нагласено дека се уште не е донесена нова методологијата за формирање на цена за услугите за отпад.
Закон за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад
Закон за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад е објавен во Службен Весник на РСМ. Бр.215 од 16 септември, 2021 година. Во овој Закон посебно внимание е посветено на правни лица кои вршат дејности или активности со кои се врши пласирање на производи на пазарот со чија употреба се создава отпад кој припаѓа на посебните текови на отпад (батерии и акумулатори, пакување, електрична и електронска опрема, гуми, масла, текстил и возила). Исто таа во него се поставени основите за формирање, начинот на работа и обврските на колективните и на самостојните постапувачи. Од особена важност е обврската за постапувачите со отпад, да потрошат најмалку 65% од утврдениот надоместокот и да ги потроши за инвестирање во инфраструктура, за собирање, транспорт, преработка, рециклирање и отстранување на отпадни производи и/ или посебен тек на отпад со кој управува. И колективниот и самостојниот постапувач имаат обврска за подигање на јавната свест за управување со посебните текови на отпад, при што може да се потрошат до 10% од вкупно остварениот приход или износ од надоместокот што би се платил, а активностите за информирање и подигнување на јавната свест не смеат да се употребуваат како реклами за колективниот и самостојниот постапувач.
Обврски за градоначалникот
Градоначалникот е должен да склучи договор со колективните односно самостојните постапувачи за воспоставување на собирни центри и друга инфраструктура за одделно собирање и селектирање на посебни текови на отпад. Градоначалникот на единицата на локална самоуправа е одговорен и должен да преземе мерки со цел исполнување на националните цели, сразмерно на уделот на количината и видот на отпад што се создава од подрачјето на општината. Исто така тој е должен да склучи договор со регистрираните колективни, односно самостојни постапувачи за воспоставување на собирни центри и друга инфраструктура за одделно собирање и селектирање на посебни текови на отпад и договорот да го направи достапен до јавноста преку објавување на веб страницата на општината. Најдоцна до 31 март во тековната година, градоначалникот е должен до стручниот орган да достави извештај за тоа колку се постигнати целите утврдени во договорот Во спротивно предвидени се мошне високи прекршочни санкции со висина и до 5.000 евра.
Посебно внимание беше посветено и на Закон за управување со пакување и отпад од пакување, каде меѓу другото беше нагласено дека со стапување во сила на овој Закон потрошувачката на пластични кеси во нашата земја е намалена за 87%.

