Реализирани обуките за пренесување на стекнатите искуства од спроведувањето на регионалниот проект „Управување со отпад од стаклена амбалажа во Западен Балкан“

Спроведувањето на тригодишниот регионален проект „Управување со отпад од стаклена амбалажа во Западен Балкан“  е во завршна фаза ( јануари 2020 –декември 2022 година). ЗЕЛС, во соработка со Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), е партнер во имплементација на овој проект што е финансиран од Сојузното министерство за економска соработка и развој на Германија (BMZ) и компанијата ПАКОМАК (Македонија), во рамки на програмата за соработка со бизнис секторот develoPPP.de. Една од предвидените последни активности од проектот е пренесување на стекнатите искуства од неговата реализација на сите единици на локалната самоуправа. Во таа насока ЗЕЛС во периодот од 29 ноември, до 2 декември, 2022 година покани на обука претставниците од општинската администрација од областа на животна средина, како и претставници од комуналните претпријатија со цел да се запознаат со предизвиците со кои се соочуваа шесте пилот – општини од нашата земја при реализација на проектот, како и со заклучоците и дефинираните препораките што произлегоа од него. На присутните им беа презентирани и трите бизнис модели за исплатливо и економично управување со отпад од стакло ( во урбана средина, во рурална  средина и во  ХОРЕКА секторот,) дефинирани по спроведувањето на проектните активности. Овие бизнис модели треба да претставуваат своевиден примерок за сите општини при утврдувањето на систем на селектирање и управување со отпадот од стаклена амбалажа на својата територија. Во рамките на обуката беше претставена и најновата законска регулатива која ги утврдува обврските за сите учесници во создавањето и третирањето на отпадот, во насока на остварување на националните цели за собирање и рециклирање на отпад  кои се дефинирани да изнесуваат 70% до 2030 година. 

Во шесте пилот –општини драстично зголемен процентот на собран отпад од стаклена амбалажа

Уште на самиот почеток на средбата беше нагласено дека пилот општините од нашата земја кои учествуваа во овој проект: Илинден, Битола, Гевгелија, Град Скопје (Аеродром и Гази Баба) Тетово и Штип го надминаа бараниот процент за зголемување на собраниот отпад од пакување од стакло и наместо потребното зголемување од  20 %  за периодот од 2019 - 2021 година тие забележаа зголемување за 59%. Ова е резултат на посветеноста на реализацијата на задачите утврдени во проектот од страна на општините и нивните комунални претпријатија  и на приватниот комунален постапувач, ПАКОМАК, партнер во Проектот. Во рамките на Проектот, првенствено беше обезбедена соодветна инфраструктура за собирање на потребниот отпад од стакло за секоја пилот- општина, односно беа обезбедени вкупно 320 зелени контејнери, кои во вид на грант  им беа поделени на овие општини, според претходно утврдена анализа од страна на ангажираните експерти. Беше нагласено дека во овој процес, посебен предизвик претставуваше утврдувањето на локациите за поставување на контејнерите, со цел тие да им бидат лесно достапни на граѓаните. Беше изнесено дека во досегашната пракса на подготвување на планска документација од општините не се предвидуваат т.н. ,,зелени острови“, па во некои урбани средини добивањето на потребната документација од страна на надлежните служби за поставувањето на зелените ѕвона претставуваше сериозен предизвик. Во рамките на проектот беше изработена  и соодветна методологија која го опфаќаше и процесот на утврдување на  најоптималната големина на контејнерот, потоа евидентирање на собраниот отпад, начинот на транспортирање, се со цел да се утврдат најекономичните рути и интервали за подигање на стаклената амбалажа. Сето тоа придонесе за утврдување и на трите бизнис модели за урбана, рурална и ХОРЕКА средина кои се подетално објаснети во Прирачникот, што исто така е обезбеден во рамките на овој Проект  од кој, најмалку по еден  примерок ќе добие секоја општина.  Секоја општина може да утврди кој од овие модели е најсоодветен да го примени во својата средина при селектирањето на овој вид на отпад.

Спроведување на медиумска кампања од особена важност за подигање на свеста на граѓаните за селекција на отпад од стакло 

На средбата беше истакнато и значењето на спроведената медиумска кампања за подигање на свеста на населението за селекција  на отпадот, конкретно на отпадот од стакло. Во таа насока во рамките на проектот беа изработени поголем број на информативни постери, видео и аудио анимации, им беше обезбедено на неколку комунални претпријатија а испратат информативни лифлети за граѓаните преку  комуналните сметки, а во некои урбани средини беа реализирани и конкретни едукативни активности. Сепак, најголемиот дел од кампања се водеше преку социјалните медиуми, од причина што во овој период се спроведуваа мерките за изолација на граѓаните, предизвикани од пандемијата со Ковид-19. Сите материјали подготвени во рамките на проектот ќе им бидат испратени на сите општини, со цел да бидат искористени за јакнење на свеста за рециклирање на стаклена амбалажа кај своите граѓани. Јакнење на свеста за рециклирање на отпадот од стакло е од особена важност бидејќи процентот на користено стакло за пакување, добиено по пат на рециклирање во регионот на Западен Балкан е далеку под просекот во Европската Унија. Всушност, повеќето од користената стаклена амбалажа завршува на депонии или нелегални места за фрлање отпад, каде што на стаклото му се потребни повеќе од 5000 години да се распадне. Токму и причината за спроведување на овој  проект е поттикнување на селекцијата на стакло во трите земји : Босна и Херцеговина, С. Македонија и Србија и обезбедување на појдовни услови за развој на циркуларна економија во оваа област. Споредено со другиот отпад од пакување, стаклото е потешко и многу поскапо за транспорт. Трошокот за превоз е еден од главните фактори за намалување на вредноста на стаклото како рециклирачки извор. Во земјите на Западен Балкан, во моментов не постои функционален систем за управување со рециклирање на стакло и нема адекватни податоци за рециклирање на стакло што би претставувале појдовна точка да се овозможи економски ефикасен синџир на вредности за рециклирање на стакло и подобрување на соработката на многу различни засегнати страни во текот на целиот процес.

Правна рамка за подигање на националните цели за селектирање и собирање на отпад

Во насока на подигање на националните цели за селектирање и собирање на отпад;  обезбедување на услови за развој на циркуларна економија и усогласување  на нашата земја со ЕУ директивите, Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) уште во 2019 година   пристапи кон измени и дополнувања во законската регулатива. На обуката во ЗЕЛС посебно внимание беше посветено на трите закони : Закон за регионално управување со отпад (последна измена од септември, 202 1година) Закон за пакување и управување со отпад од пакување (нов концепт од септември, 2021)и  Закон за проширена одговорност на производители за управување со посебни текови на отпад (нов закон од септември, 2021година). Од особено значење е  подеталното регулирање на работата на колективните и самостојните постапувачи, но и утврдувањето на проширената одговорност за производителите за отпадот од пакување што го создаваат. Беше нагласено дека и при водењето на тендерските постапки од важност е да обрне внимание при изборот на стопанскиот субјект или трговецот што  создава отпад да има склучено договор со соодветен  колективен постапувач. Исто така, присутните беа информирани дека по забраната за употреба на пластични кеси за носење на стоки, во согласност со Закон за управување со пакување и отпад од пакување, МЖСПП собрало вкупно 120 милиони денари кои во следниот период ќе бидат распределени на општините за да ги искористат во насока на имплементација на Законот. Станува збор за средства собрани од надоместокот од купувачите во висина од 15 денари за парче биоразградлива кеса што ќе ја побараат од  продавачот.  

Обврски, препораки и стимулативни мерки 

Пред присутните беа изнесени и одредени препораки и обврски кои се однесуваат и за единиците на локалната самоуправа, како што е обврската да подготват планови за управување со отпад и во согласност со нив, да се утврдат микро- локации за поставување на опрема за собирање отпад од пакување во договор со избраниот оператор за собирање отпад од пакување. Бројот на локациите се утврдува соодветно на бројот на граѓани во населеното место. Се подготвуваат извештаи и истите задолжително се поставуваат транспарентно на веб страната на општината.  При тоа општината мора да соработува и да склучи договори со еден или со повеќе лиценцирани колективни постапувачи за соодветен отпад, а исто така треба да  обезбеди и континуирано градење на капацитети на општинска администрација и да се вклучи во подигањето на свеста кај населението за селекција  на отпад . Извештаите за висината на средствата собрани од надоместокот за отпад задолжително се објавуваат јавно, бидејќи со закон е утврдена и обврската 65% од тој износ задолжително треба да се инвестира во инфраструктура за селекција на отпад и 10% во кампањи за подигање на свеста кај населението. На обуката беше посочено дека искуствата од другите земји покажуваат дека во поттикнувањето на граѓаните да го селектираат отпадот, особено стимулативна мерка е кога наплатата за оваа услуга се врши според тежината на комуналниот отпад (кг.), а не според површината (м2) како што е сега кај нас. Новата методологија за утврдување на цената на оваа услуга, се уште не е донесена од страна на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.