Надзорниот одбор на ЗЕЛС едногласно ги усвои предлозите на Буџетот и на Акцискиот план на ЗЕЛС за 2023 година

Надзорниот одбор на ЗЕЛС на 16 декември, 2022 година ја одржа третата седница на која едногласно ги усвои предлог документите: Буџет и Акциски план на ЗЕЛС за 2023 година. Пред присутните беа претставени планираните активности што одат во насока на исполнување на стратегиските цели на ЗЕЛС: лобирање и застапување, градење на капацитети на општините, информирање и обезбедување на услуги за општините. Беше нагласено дека потпишувањето на  новиот предлог Меморандум за соработка со Владата е еден од приоритетите за следната година како и лобирањето за спроведување на реформите во системот на локална самоуправа, како и реализирањето на систематизираните ставови на ЗЕЛС. Активностите за јакнење на капацитетите на општинската администрација продолжуваат да се спроведуваат во согласност со Планот на обуки за 2023 што се утврдува  заедно со претставници од  општините, со цел да се креираат обуки кои им се најнеопходни на претставниците од локалната власт. Во делот на е- услугите, како резултат на големите износи што општините ги плаќаат на компанија која сега им го одржува софтверот за даноци, ЗЕЛС  планира во име на општините да обезбеди единствен електронски систем за даноци на имот за сите членки. Присутните беа информирани дека веќе течат преговори и со Европска Делегација за обезбедување на потенцијална финансиска помош. Во однос на другите полиња ЗЕЛС ќе се фокусира на реализација на проекти кои се однесуваат на родовото одговорно буџетирање, активности за спроведување на зелената агенда и енергетската ефикасност, унапредување на ЛЕР преку алатката БФЦ, унапредување на граѓанското учество во општините.

Во однос на предлог Буџетот за 2023 година тој е димензиониран на 29,500,00 денари. Пресметувањето на членарината за ЗЕЛС  се врши според  бројот на жители во општината, па тргнувајќи од резултатите на последниот попис, каде е забележано намалување на бројот на жители во најголем број општини, освен во Град Скопје се предлага зголемување на членарината за два денара, односно таа да изнесува 10 денари по жител. И креирањето на самиот предлог Буџет е направено на таа основа .Реално зголемување во  вкупната сума што ЗЕЛС би ги добил по овој основ на  приходите, всушност и нема, бидејќи  е намален бројот на население во земјава. Членовите на Надзорниот одбор  го прифатија предлогот, но побараа во иднина ,кога Управниот одбор дискутира за вакви прашања да бидат повикани  на седницата  со цел низ заедничка дискусија да се дојде до взаемно најприфатливо решение, кое потоа ќе му биде предложено на усвојување на Генералното собрание. Во однос на расходната страна, покрај оперативните трошоци, поголем дел од средствата се наменети за одржување на електронските системи, потоа за обезбедувањето на обуки за општинската администрација, за  платите на вработените и за активности на органите и телата на ЗЕЛС.