Делегатите на Генералното собрание на ЗЕЛС изгласаа зголемување на членарината за ЗЕЛС за два денара

 На третата седница на Генералното собрание на ЗЕЛС, што се одржа на 16 декември, 2022 година во хотелот ,,Double Tree by Hilton“, Скопје, делегатите едногласно изгласаа зголемување на членарината кон ЗЕЛС, за два денара. Наместо досегашните 8 денари по жител, секоја општина, од следната година ќе  плаќа годишна членарина во висина од 10 денари, помножено со бројот на жители што ги има според последниот попис спроведен во државата. Всушност и главната причина за покренувањето на оваа иницијатива од страна на Управниот одбор на ЗЕЛС, на 10 седница одржана на 10 ноември, 2022 година, беа токму податоците од пописот кои покажуваат намалување на бројот на жителите во најголем број општини. Тоа автоматски доведува и до намалување на средствата што ЗЕЛС ги добива по овој основ, а кои претставуваат околу 80% од годишните приходи на ЗЕЛС. Имајќи ја во предвид тешката состојба во која се наоѓаат општините, предизвикана од енергетската криза, се водеше грижа ова зголемување да не претставува дополнително оптоварување на општините. Генерално, вкупната сума што сега треба да ја плаќаат најголемиот број општини речиси е иста, или некаде  незначително зголемена. На седницата, исто така, беше нагласена важноста секоја членка  редовно да ја исплаќа членарината кон ЗЕЛС.

Потребни се нови методи на дејствување, во спротивно и понатаму ќе изостануваат  потребните резултати  

Претседателката на ЗЕЛС, Данела Арсовска посочи дека изминува една тешка година за сите единици за локална самоуправа во нашата земја, предизвикана од енергетската криза. На секоја од 10 седници што ги одржа Управниот одбор на ЗЕЛС неизбежна тема беше изнаоѓањето на најсоодветни решенија за справување со високите сметки за електрична енергија, беа одржани и средби со Премиерот, со бројни министри и со претставници на релевантни институции, но резултатите изостанаа. Затоа во следниот период еден од приоритетите ќе претставува  справување со овој предизвик, но и притисокот кон Владата да го потпише новиот Меморандум за соработка со ЗЕЛС, доставен уште пред шест месеци; потоа спроведувањето на систематизираните ставови на ЗЕЛС и силна заложба за продолжување на пакетот на промени во локалната власт, особено во делот на обезбедување на поголема финансиска стабилност во согласност со Европската повелба на локалната самоуправа. Арсовска посочи дека има сознанија одредени сознанија дека 70% од имотите, воопшто не се регистрирани во податоците со кои располагаат општините, па доколку се реализира иницијативата на ЗЕЛС, Агенцијата за катастар на недвижности бесплатно да ги префрли податоците од имателите на имот, како што тоа го прави со останатите државни институции, состојбата значително би се подобрила. Уште повеќе кон тоа би придонело и  воспоставувањето на електронски систем за данок на имот, со што општините значително би ги зголемиле финансиските средства од сопствени извори. 

Незадоволство во однос на вложениот труд и  добиените резултати од досегашните активности изнесе и градоначалник на Радовиш, Ацо Ристов, кој воедно е и член на Управниот одбор на ЗЕЛС. –„Изгубивме една година, а ништо не постигнавме. Несомнено сме најцентрализираната земја и нема надеж да постигнеме некаков развој, бидејќи повеќе од 70% сме зависни од трансферите на централната власт. Рамномерниот регионален развој наместо да напредува оди  во спротивна насока. Од законски предвидениот процент за оваа намена во периодот 2019 -2021 се потрошени само 40%, или просечно по општина од 90 до 100 илјади евра за оваа намена. Добиваме постојано нови финансиски обврски, а средства никој не ни префрла. Дури и за спроведувањето на локалните избори што е во надлежност на државата, исплаќањето на средствата за членовите на изборните комисии ни е доделено нам, на општините. Од каде пари?  Хаос и во распределбата на капиталните дотации, се делат средства  без никаква методологија. Сведоци сме и на одземање на надлежности во образованието. Затоа во следниот период мораме да ја менуваме тактиката, да преземеме нови начини, нови методи на дејствување, бидејќи онака како што досега дејствуваме видовме дека не остваривме никакви резултати“, потенцираше Ристов пред делегатите. 

Поголемо единство и храброст во лобирањето за  обезбедување на потребните реформи, порача Арсовска

Претседателката на ЗЕЛС, Данела Арсовска нагласи дека за видливи резултати. потребно поголемо единство и храброст во лобирањето  од сите членки во ЗЕЛС.
-„Мораме сите да придонесеме, активно да лобираме, а не секој да го гледа само сопствениот двор. Мораме да имаме консензус за сите прашања и да се обврземе со поголем поединечен ангажман во ЗЕЛС. Не можеме да постигнеме резултати ако сите не се вклучиме, бидејќи  сите вие имате моќ да лобирате за промени “, нагласи Арсовска. Таа потсети дека по констатирани незадоволства од општините од трансферот на средства за противпожарните услуги, за услугите во образованието, во градинските,  Управниот одбор утврди прашалник кој беше доставен до сите единици на локална самоуправа за да се произнесат дали сакаат да ги вратат ингеренциите на централната власт во овие области. –„ Незадоволство постои, за тоа говориме секојдневно, а 80 % од одговорите на општините беа дека не сакаат да ги вратат ингеренциите. Веќе се соочуваме и со одземање на надлежности во образованието на една општина, а утре тоа ќе и се случи и на друга. Затоа треба да го подигнеме гласот и преку ЗЕЛС единствени да преземеме нови чекори во преговорите со централната власт за сериозни реформи во системот на локалната самоуправа“, потенцираше Арсовска.

Нашата најважна алатка за дејствување ни е токму ЗЕЛС 

Пред присутните се обратија и потпретседателите на ЗЕЛС: Висар Ганиу, градоначалник на Општина Чаир и градоначалник на Општина Валандово, Перо Костадинов. Градоначалникот Ганиу исто така нагласи дека е потребно сите членки на ЗЕЛС да утврдат заеднички пат  и единствено да чекорат во решавањето на сите предизвици. Истото го потврди и градоначалникот на Валандово, кој нагласи дека за него  е  неразбирливо да се има честа да се биде  член на  Управниот одбор на ЗЕЛС, а при тоа да воопшто да не се присуствува на седниците. Истата забелешка ја изнесе и за присуството на делегатите на Генералното собрание. – „Ние комуницираме најдиректно со граѓаните и ние најдобро ги знаеме сите нивни предизвици. Сведоци сме на масовно иселување на население, не треба тоа да ни го покаже пописот. Затоа фокусот треба да ни биде локалната власт и рамномерниот регионален развој и треба единствени да дејствуваме. А нашата најважна алатка за дејствување ни е токму ЗЕЛС и затоа треба многу сериозно да ја разбереме неговата моќ“

Едногласно усвоени Буџетот и Акцискиот план на ЗЕЛС за 2023 година 

Делегатите на оваа седница едногласно ги усвоија Буџетот на ЗЕЛС и  Акцискиот план на ЗЕЛС за 2023 година. Овие два документа претходни беа усвоени и од страна на Управниот одбор на ЗЕЛС на 11 седница, и во вид на предлози беа дадени на гласање на Генералното собрание на ЗЕЛС. Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, низ бројки и табели го презентираше Финансискиот план за работењето на ЗЕЛС за следната година. Во делот на приходите најмногу средства се очекуваат од членскиот придонес од општините, но исто така средства се очекуваат и од  одредени проектни активности како и од реализирани услуги. Расходите се поврзани со предвидените активности за следната година, утврдени во Акцискиот план. Беше нагласено дека постојат сериозни тешкотии во собирањето на приходите по основ на членарина од општините. Долгот на општините кон ЗЕЛС изнесува 28 милиони денари, сума што е приближна на годишен трошок на ЗЕЛС за реализација на предвидените активности. Перишиќ упати апел до сите единици на локалната самоуправа редовно да ја плаќаат членарината кон ЗЕЛС, а оние кои имаат долгови задолжително да склучат договор со ЗЕЛС за исплата на долгот на рати. Исто така, таа изрази надеж дека, како и  до сега, нема да има потреба да се применува мерката што ја изгласа Управниот одбор на ЗЕЛС за одземање на правото на користење на електронските системи што ги одржува ЗЕЛС во име на општините, доколку нередовно се плаќа членарината. При тоа Перишиќ  ги образложи и причините за неопходното зголемување на членарината за два денара. 

Во однос на презентирањето на Акцискиот план, беше нагласено дека тој во континуитет се креира да го следи реализирањето на трите главни стратегиски цели на ЗЕЛС. Првата е застапување и лобирање што го врши ЗЕЛС во името на сите членки, каде особено внимание е посветено на активностите на телата и органите на ЗЕЛС. Втората стратегиска цел се однесува на обезбедување на електронски услуги, истражувања и информирање на членките и третата стратегиска цел е градење и јакнење на капацитетите на општинската администрација, преку ЗЕЛС тренинг центарот. Посебно внимание во следната година ќе биде посветено на обезбедувањето на електронски систем за  внесување и обработка на податоците за данокот на имот. ЗЕЛС  веќе  извесен период лобира за изнаоѓање на финансиска поддршка  од Владата на РСМ ,но и од странски донаторски институции. Во  името на сите општини, овој систем ќе го оддржува ЗЕЛС, за да не треба секоја општина поединечно да обезбедува и оддржува ваков електронски систем. Впрочем досега ЗЕЛС тоа успешно го прави со одржувањето на  електронските системи за дозвола за градба; за градежно земјиште и другите помали системи, со што придонесува за голема заштеда за секоја општина.