ЗЕЛС упати барање до Владата цената на уличното осветлување да биде наплаќања по реална цена на чинење на произведената електрична енергија на АД ЕСМ

ЗЕЛС да достави барање до Владата за итно донесување на одлука со која ќе овозможи потребната електрична енергија од околу 5 GWh/месечно за потребите на улично осветлување да биде испорачана од АД ЕСМ по реална цена на чинење на произведената електрична енергија. Ваквиот пристап ќе биде корисен за АД ЕСМ и за електроенергетскиот систем, бидејќи во најголем дел од времето се работи за ноќна енергија (моќност 20-30 MW), во часовите кога системот не е оптоварен и има вишок на електрична енергија. Со тоа ќе се  обезбеди стабилно снабдување на општините за потребите на уличното осветлување, реална цена за произведената, односно набавената електрична енергија од страна на АД ЕСМ и ќе ги заштити граѓаните од дополнителни трошоци од евентуално зголемување на таксата за улично осветлување. ЗЕЛС итно да го повика министерот за економија, Крешник Бектеши на заедничка средба со Управниот одбор на ЗЕЛС за да се образложи подетално ова барање и да се обезбеди проектирање на идните состојби. На состанокот да се повикаат и претставници од други релевантни институции, меѓу кои од ЕСМ, од ЕВН, од Регулаторна комисија за енергетика, водни услуги и други. Доколку Владата го прифати овој предлог, општините да се обврзат дека нема да прават рестрикции во испораката на услугата кон граѓаните. Оваа одлука да има важност само во услови на прогласена кризна состојба во енергетскиот сектор. Вака гласеше заклучокот што Управниот одбор на ЗЕЛС го донесе на продолжението на 12 седница, што се одржа онлајн на 21 декември, 2022 година.

И при прифаќање на ова барање на ЗЕЛС општините и понатаму ќе продолжат со субвенционирање во наплатата на таксата за улично осветлување  

Беше нагласено дека потрошувачката на електрична енергија за улично осветлување на годишно ниво  изнесува околу 60 GWh, или во просек месечно по околу 5 GWh, од кои речиси 50% од оваа електрична енергија се плаќа по цена за евтина/ноќна тарифа. Присутните членови на Управниот одбор на ЗЕЛС посочија дека доколку Владата се согласи електричната енергија за уличното осветлување општините да ја плаќа по цена што ја утврдува АД ЕСМ, тие и понатаму ќе мораат да продолжат со субвенционирањето на разликата меѓу наплатената такса за јавно осветлување и актуелната цена по која ја плаќаат потрошената енергија по овој основ. Придобивката од прифаќањето на овој предлог на ЗЕЛС би било ублажување на огромните трошоци што сега ги плаќаат општините за јавно осветлување, бидејќи иако станува збор за јавна услуга тие плаќаат по цена утврдена како за  профитните организации. Исто така, наместо сегашните рестрикции што ги преземаа речиси сите општини, ќе се обезбеди непречено осветлување на улиците во ноќните часови на цела територија на државата. При тоа, општинските совети  ќе се воздржат од донесување на одлуки за промени на висината на оваа комунална такса, со кои на граѓаните би им се наметнале дополнителни  месечни обврски.

Сето ова состојба во која се наоѓаат општините не е резултат само на зголемувањето на електричната енергија на светскиот пазар, туку и од дополнителни две  причини. Првата што Регулаторната комисија за енергетика направи усогласување со Директивите на Европската Унија и ја укина  (исфрли)  категоријата на цена за улично осветлување од Тарифникот, иако оваа категорија на цена е изречно утврдена со членот 20, тарифен број 10 од Законот за комуналните такси. Ова предизвика правен вакум и несигурност, поради што  ЕВН, која ја наплатува уличната такса за јавно осветлување во име на општините упати допис со кој нагласи дека се до обезбедување на правен основ ќе наплаќа по цена на електрична енергија како до поскапувањето, односно онаа што важеше до 31 јули, 2022 година. 

Притисокот врз општините беше надополнет и со владината Одлука за изменување на одлуката за преземање на мерка во услови на постоење на кризна состојба во снабдување со електрична енергија („Службен весник на Реоублика Северна Македонија“ бр. 260/22) која е на важност од 9 декември 2022 година и ги засега најголемиот број на општини, во делот за набавка на електрична енергија за потребите на јавно осветлување. Односно општините треба до 1 јануари 2023 година да изберат снабдувач на отворен пазар. Имајќи во предвид дека е невозможно во овој кус рок да се спроведе процес за јавна набавка и да се избере снабдувач на електрична енергија, јавното осветление ќе биде снабдувано од страна на снабдувачот во краен случај по цени кои се 20% повисоки од пазарните цени. Сето ова нанесува директна штета на буџетот на општините, а со тоа и на граѓаните.