Излезе од печат Гласилото на ЗЕЛС за декември

Генералното собрание на ЗЕЛС, во декември, ја одржа третата седница на која делегатите едногласно изгласаа зголемување на членарината за ЗЕЛС за два денара. Наместо досегашните 8 денари по жител, секоја општина од следната година ќе плаќа годишна членарина во висина од 10 денари, помножено со бројот на нејзините жители утврдени во последниот попис спроведен во државата. Генерално, вкупната сума што сега треба да ја плаќаат најголемиот број општини речиси е иста, или некаде незначително зголемена. Присутните изразија заложби за примена на нови методи на дејствување за обезбедување на потребните резултати, како и поголема посветеност и единство во ЗЕЛС во лобирањето за постигнување на потребните реформи во локалната власт. На оваа седница, Собранието ги усвои и Буџетот и Акцискиот план на ЗЕЛС за 2023 година.

Во декември, Управниот одбор на ЗЕЛС одржа две седници на кои посебно внимание беше посветено на предизвиците со енергетската криза, особено за јавното осветлување. На двете седници беа повикани претставници од ЕВН, со кои се дискутираше за одлуката на Владата, со која до 12 декември 2022 година, општината треба да избере снабдувач на отворен пазар, во спротивно од 1 јануари 2023 година, независно од статусот на мал потрошувач, јавното осветлување ќе биде снабдувано од снабдувачот, во краен случај по цени кои се 20 % повисоки од пазарните цени. Беше донесен заклучок општините кои добија допис од EVN group да поднесат приговор до компанијата, а заклучокот од вториот состанок во овој месец беше ЗЕЛС да упати барање до Владата, цената на уличното осветлување да биде наплаќана по реалната цена на чинење на произведената електрична енергија на АД ЕСМ. На оваа тема, но и за други прашања поврзани со финансирањето на општините, претседателот на Комисијата за финансирање при ЗЕЛС, Ацо Ристов, градоначалник на Општина Радовиш, оствари средба со министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов. 

Од активностите на ЗЕЛС за јакнење на општинската администрација беа реализирани обуки на кои беа презентирани искуствата што беа стекнати при спроведувањето на регионалниот проект „Управување со отпад од стаклена амбалажа во Западен Балкан“, а на општините учеснички во овој проект им беа доделени признанија за придонес за подобро управување со стаклена амбалажа, на завршната конференција, организирана во Белград. За потребите на општините за спроведување на „форуми во заедницата“, преку реализирани обуки и испит, ЗЕЛС обезбеди 23 сертифицирани форумски модератори. Во текот на овој месец со сертификати за учество на обуки поврзани со давање социјални услуги се стекнаа 45 претставници од локалната власт. Овој месец беше одржана и годишната конференција за децентрализација и локално управување „Локална самоуправа – време за можности и ревизија“ на која присутните дискутираа на повеќе актуелни теми што се рефлектираат врз локалната власт и децентрализацијата во земјата. За сите овие настани, но и  други информации поврзани со локалната власт можете да прочитате и во овој број на Гласило на ЗЕЛС.