Средба на раководството на ЗЕЛС со евроамбасадорот, Дејвид Гир

 

 

Претседателот на ЗЕЛС, Данела Арсовска и потпретседателот, Висар Ганиу,  на 25 јануари, 2023 година имаа средба со амбасадорот Дејвид Гир,  шеф на Делегацијата на Европската Унија во нашата земја. Поради неодложни обврски, на овој состанок, што беше организиран на барање на ЗЕЛС, не успеа да присуствува и потпретседателот, Перо Костадинов. Амбасадорот беше запознаен со сите активности што ги презема ЗЕЛС за подобрување на финансиската стабилност на локалната власт; за разговорите на ЗЕЛС со Владата околу потребата за поддршка на општините во справувањето со енергетската криза, како и со потребата за зголемување на поддршката на општините со средства од европските фондови во сите сегменти, особено во делот на напорите за зголемено искористување на обновливите извори на енергија.

На почетокот на разговорот беше нагласена лошата финансиска состојба во која моментно се наоѓаат единиците на локалната власт, предизвикана пред се од  енергетската криза, што во основа произлегува од недоволната финансиска стабилност на единиците на локалната самоуправа.  Општините во континуитет преку ЗЕЛС укажуваа дека средствата што ги добиваат во било какви трансфери од централната власт не се доволни да ги покријат ниту потребите за редовно одржување на услугите, а не пак за нивно подобрување, или справување со ваква огромна енергетска криза. Беше нагласено дека наместо децентрализација, се повеќе  се спроведуваат активности за централизирање и финансиска зависноста на општините од централната власт.  Општините не добиваат доволно финансиски средства за спроведување на префрлените надлежности за нормално функционирање, па општините се присилени да одвојуваат дополнителни финансии од своите скромни буџети, за да не ги остават граѓаните без основни услуги. Тука беа спомнати училиштата и образовниот процес, градинките, противпожарните служби како и културните институции, кои и со најновите одлуки на Владата, не се ставени во групата на институции што ќе користат повластена цена на електричната енергија.

Како втора точка во дискусијата беше нагласен  третманот на општините во поглед на цената на струјата, особено оној поврзан со уличното осветлување. Општините се присилени да  воведуваат рестрикции на уличното осветлување во ноќните часови за да заштедат,  бидејќи дефинитивно овој финансиски удар не се во можност  уште долго да го издржат. Станува збор за огромни средства кои треба да им се исплатат на компаниите за испорака на електрична енергија од отворениот пазар, во споредба со минималните средства што општините ги добиваат на име на комунална такса за јавно осветлување. Беше нагласено дека ЗЕЛС веќе подолг период укажува на Владата и на Министерството за финансии за потребата од итна измени во  Законот за комунални такси, а на  Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги дека е потребно во најновиот Тарифник да ја предвидат и цената за јавно осветлување, но досега не е донесено никакво решение, туку само ветување дека ќе се посвети внимание на ваквите укажувања.  ЗЕЛС испрати и допис до Министерството за економија, со барање да им се овозможи на општините да купуваат електрична енергија од ЕСМ, државната компанија која произведува електрична енергија, по производствена цена, но и од таму, повеќе од еден месец нема никаков одговор.

Евроамбасадорот Гир нагласи дека Европската Унија и понатаму е силен партнер на нашата земја, каде посебно внимание е посветено и на поддршка на локалната власт и дека во иднина ќе се направат соодветни напори за обезбедување на  развивање на процесот на децентрализацијата и подобрување на услугите за граѓаните.