Управниот одбор на ЗЕЛС ја одржа петнаесеттата седница

Управниот одбор на ЗЕЛС на петнаесеттата седница што се одржа на 28 февруари, 2023 година во административната зграда на ЗЕЛС дискутираше за повеќе актуелни теми поврзани со спроведување на надлежностите на единиците на локалната власт; донесе неколку одлуки со кои се утврдува начинот и условите за спроведување на одредени постапки, а во одредени  групи и тела формирани од ЗЕЛС беа номинирани нови членови.

Присутните едногласно ја усвоија Одлуката за утврдување на начинот и условите за сертифицирање и ресертифицирање на форумските модератори, во организација на ЗЕЛС. Беше посочено дека ЗЕЛС пред повеќе од десет години започна со иницирањето на примена на нова алатка за демократско учество на граѓаните во донесување на одлуки на локално ниво, преку спроведување на форумски сесии што ги водат лиценцирани форумски модератори. Постапката на сертификација на кандидатите се состои од задолжително следење на обука и полагање на испит што го организира ЗЕЛС. Со овој документ се утврдува симболична парична сума што кандидатите треба да ја уплатат доколку сакаат да се сертифицираат или ресертифицираат; утврдено е дека времетраењето на важноста на серификатот е пет години; а за нивно ангажирање за спроведување на форумските сесии, општината ќе им плати не повеќе од 3.000 денари на ден. Само сертифицираните модератори може да бидат ангажирани од страна на општините, а податоците за лицата кои се стекнале со сертификат се истакнати на интернет страницата на ЗЕЛС, во делот: https://zels.org.mk/page/forumski-moderatori.

Управниот одбор ја усвои и Одлуката за  утврдување на начинот и условите за сертифицирање и ресертифицирање на единиците на локалната самоуправа со сертификат за поволно деловно опкружување во Југоисточна Европа (БФЦ ЈИЕ) . Станува збор за единствена регионална програма за евалуација и подобрување на условите за водење бизнис и инвестирање на локално ниво, каде општината треба да примени јасен реформски план и патоказ за создавање поволна деловна средина и воведување меѓународно признати стандарди за ефикасна и транспарентна локална администрација. Во Одлуката е утврдена и методологијата за стекнување со сертификатот; времетрањето од 12 месеци на процесот на сертификација или ресертификација што ќе се одвива преку пристапување на електронската платформа;  важноста од три години на сертификатот и висината на надоместокот за сертификацијата што  за урбаните општини ќе изнесува 7.500 евра, а за руралните општини 5.000 евра. Посочено беше дека наскоро ЗЕЛС ќе објави повик до заинтересираните општини за пријавување за стекнување со овој сертификат, при што беше нагласено дека досега низ овој процес минале општините: Богданци, Велес, Град Скопје, Гази Баба, Илинден,Струмица и Штип.

Лоби групата за родова еднаквост при ЗЕЛС, во изминатиот период имаше активна улога во промовирањето на поголема примена на родовиот аспект во креирањето на локалните политики; обезбедувањето на родово буџетирање; собирањето на статистички родови податоци со цел  поголема еднаквост меѓу мажите и жените во рамките на секоја локална самоуправа. Лоби групата е составена од градоначалнички, градоначалници и одреден број на претседателки на општински совети.  На оваа седница беа номинирани нови членови во ова тело на ЗЕЛС кои ќе ги продолжат започнатите активности и ќе придонесат во лобирањето за донесување на соодветни законски одредби во оваа област. За членови во ова тело беа номинирани : Данела Арсовска- градоначалничка  на Град Скопје; Габриела Илиеска-претседателка на Советот на Општина  на Битола; Изабела Павловска– претседателка на Советот на Општина Крива Паланка; Дарко Костовски- градоначалник на Општина Бутел; Костадин Костадиновски- градоначалник на Општина Струмица и Кирил Пецаков- градоначалник на Општина Охрид.

Управниот одбор ја усвои и Одлуката за спроведениот попис и утврдениот извештај за отпис на ствари во сопственост на ЗЕЛС. Во таа насока, предлогот беше едногласно прифатен и беше донесена Одлука со која ЗЕЛС ќе донира на АДКОМ ( Здружение на даватели на комунални услуги ) уред за испитување/проверување на загуби на вода во водоводни цевки, а кој потоа бесплатно ќе може да го користат јавните претпријатија за свои потреби. Станува збор за донација што ЗЕЛС ја добил  уште во 20О5 година, но кој досега не ја употребувал.

Поради зачестеното отсуство од седниците, на дел од членовите на Управниот одбор, беше донесена Одлука со која се утврдува дека после три последователни отсуства на член на Управниот одбор, истиот ќе биде сменет во согласност со Статутот на ЗЕЛС. Исто така, на седницата беше договорено  да се примени  систем на ротација на локацијата на одржување на седниците на Управниот одбор, односно седниците наместо само во административната зграда на ЗЕЛС да се одржуваат и во  други општини, по покана од градоначалникот. 

Презентирана новата предлог –формула за распределба на блок дотациите за основно образование  

Од особено значење беше информацијата што ја изнесе претседателот на Комисијата за следење на системот на финансирање на единиците на локалната самоуправа, градоначалникот на Општина Радовиш, Ацо Ристов  за најавените промени, односно воведувањето на нова формулата за распределба на блок дотации во основното образование. По спроведени поголем број на анализи што ги реализирал МОН со поддршка на УНИЦЕФ утврдено е дека досега за образованието не се одвојувани доволно финансиски средства и дека околу 89% од блок дотациите во основно образование  се трошат за плати и надоместоци за наставниот кадар. Училишната мрежа е неефикасна и неоптимизирана, односно 90% од учениците наставата ја следат во централните училишта, а бројот на подрачните училишта е двојно поголем од оној на централните училишта. Просечниот однос- наставник ученик е намален од 18,7 ученици на еден наставник во учебната 2000/2001 до  10 ученици по наставник, во учебната 2021/22година, а годишен трошок за основно образование по ученик во нашата земја во 2019 година изнесувал 1.007 евра што е за пет до седум пати помал од земјите од Европската Унија, па и од оние во регионот. Од таму се пристапило кон утврдување на основниот концепт на предлог формулата која содржи четири компоненти: Основна компонента; Варијабилна компонента; Прилагодувачка компонента и Развојна компонента. Новиот модел се  темели на утврден стандард по ученик, кој постепено ќе се зголемува, а во делот на развојна компонента, посочен е петгодишен период на прилагодување на општините. Во овој петгодишен период општините треба да преземат активности за оптимизација на трошоците со реалните потреби за обезбедување на квалитетно образование,  во согласност со стандардните трошоци. Како примери беа посочени, мал број деца наспроти голем број на наставници; полупразни училишни објекти; голем број на училишни правни субјекти  и друго. Предложениот модел треба да обезбеди транспарентна распределба на средствата. Овој предлог –модел во следните месеци ќе биде ставен на разгледување и дебатирање со општините, но и со сите останати релевантни субјекти.

На седницата беа презентирани и систематизирани предизвици што општините ги посочија на доставеното барање од стручната служба на ЗЕЛС . Генерално тие се поклопуваат со систематизираните ставови на ЗЕЛС што беа ревидирани од овој состав на Управен одбор на ЗЕЛС во минатата година. Беше посочено дека треба да се утврдат околу пет  приоритетни предизвици на локалната власт, на кои ќе им се посвети големо внимание и заложби за нивно надминување. Беше договорено за приоритетноста за избор на петте предизвици да се дискутира на следната седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, по што ќе се побара состанок со Владата на РСМ. 

Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски ги информира присутните дека следната недела е договорен состанок со министерот за финансии. Присутните утврдија дека освен претседателот на состанокот ќе присуствува еден од потпретседателите на ЗЕЛС, како и градоначалникот на Општина Радовиш. Ќе се разговара за можностите за обезбедување на одредени поволности околу дефинирањето на цената што општините ќе ја плаќаат за  јавното осветлување.  Присутните посочија дека на овој состанок треба да се изнесат и предизвиците поврзани со потребата за измени во Законот за комунални такси, состојба предизвикана поради донесувањето на новиот Тарифник од летото, 2021 година, од страна на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги, во кој тарифата за улично осветлување е исфрлена, односно повеќе не постои. 

На овој состанок градоначалникот на Општината Македонски Брод побара поддршка од Управниот одбор во обезбедување на поповолно решение за граѓаните и општината, предизвикано со  просторниот урбанистички план од 2004 година, според кој на територија на општината е предвидено изградба на брана Калуѓерица. Тоа ќе предизвика да се исели населението од повеќе села, замирање на туризмот поради поплавување на одредени заштитени природни богатства (пештери) и неможност за инвестирање во бизнис зоната, поради неможност да се обезбеди планска документација. Беше нагласено дека Агенцијата за просторно планирање го отвора просторниот план на државата, па во таа насока општините кои имаат слични предизвици треба  навремено да реагираат.