Регионалниот пристап во информирање, вмрежување и размена на искуства како успешна приказна за време на криза

Во организација на ЗЕЛС и во соработка со општина Раховец од Р. Косово, а во рамките на Проектот SOLICO воспоставен за справувањето и управувањето со пандемијата COVID-19, на 21 март, 2023 година во х. Буши, Скопје беше организирана работилница за размена на добри пракси и предлози за идни акции околу управувањето со кризи и примена на солидарност. Проектот има димензија на европска, регионална, национална но пред се и локална солидарност и размена на искуства и научени лекции меѓу 11-те партнерите од проектот: општина Ленд Штајермарк (Австрија) и водечки партнер, асоцијација Вереин Ауксилиум (Австрија), Регионална агенција за развој – СЕРДА (БиХ), Алпс-Адриатик асоцијација за меѓународна соработка (Хрватска), жупанија Вараждин (Хрватска), општина Вас (Унгарија), Центар за граѓанско образование (Црна Гора), ЗЕЛС, Заедница на општини на Словенија, Автономна област Војводина (Србија) и општина Раховец (Косово).

На работилницата беа поканети и учествуваа претставници од општините кои работат на справување со кризи и координирање на еднаквите можности во општините кои слушнаа за искуствата од земјата и Косово за добрите пракси, истражувања и искуства собрани за време на справувањето со пандемијата на локално ниво.

Во поздравното обраќање извршната директорка на ЗЕЛС , Душица Перишиќ се осврна на ажурноста на локалните власти и институциите на централно ниво и телата формирани за справување со кризата во земјата, каде ЗЕЛС имаше координативна и информативна улога.

Градоначалникот на Општина Раховец, Смајљ Љатифи зборуваше за искуствата од Косово осврнувајќи се поконкретно на нивните активности кои се однесуваат на мобилизација и формирање на кризен штаб од сите релевантни институции за поддршка на граѓаните за време на пандемијата. Како предизвик ги истакна оскудните информации од Министерството за здравство и Светската Здравствена Организација-СЗО на почетокот од кризата, која понатаму преку кризниот штаб смета дека успешно ја менаџирале и со невладините организации со цел заштита на граѓаните од ширење на вирусот и поддршка во справувањето со економските последици. Во рамките на истражувањето кое го спровеле утврдиле дека најпогодени се малите бизниси( 67% од нив престанале со инвестиции во време на пандемијата), а штетата била проценета на 37 милиони евра. Она што како мерка го преземале во 2021 година за олеснување на последиците е намалување на 70% од износот на фирмарина за бизнис секторот. Градоначалникот Љатифи се пофали со успешното менаџирање на образовниот процес на ниво на општини за време на пандемијата и прогласување за најдобра општина од страна на Комисијата за заштита од пандемијата во 2020 година. Во Раховец биле ангажирани постојано над 30 лица за примена на мерките од Кризниот план, каде имале успешна соработка и со УНИЦЕФ, Министерство за здравство и други општествено одговорни компании со кои имале бројни донаторски активности. За проектот SOLICO зборуваше Гернот Волтер, советник за надворешни работи и Европа од државното министерство на Штаерска, Австрија, за почетоците од декември 2020 година па до денес истакнувајќи го регионалниот пристап како успешен на 9-те држави вклучени во него на патот кон ЕУ со цел подобро информирање, вмрежување, поддршка и размена на искуства при справување со кризи. Тој истакна дека од досегашните одржани 11 работилници како денешната, преку овој проект се утврди заедничкиот регионален пристап во информирање потенцирајќи ја значајната улога на локалните власти и другите јавни установи во моментите на справување со криза и потребата од нивна претходна подготовка и обука во било кој вид на криза. Значајни се активностите кои биле превземени од локалните власти за ублажување на последиците кај бизнис секторот, за што постојат бројни искуства од регионот.

Во таа насока, како позитивни примери од земјата беа споделени искуствата од Општина Куманово од Катерина Богдановиќ од, Општина Дебар зборуваше командирот на територијалната противпожарна единица Џетан Мифтаоски и д-р Ељбунит Креизиу од Општина Раховец. Кај сите нив заедничко е формирањето на кризен штаб составено од релевантни институции и авторитетни личности од општината, соработката со локалните и централни установи, невладините организации, општествено одговорни компании во насока на поддршка на населението преку различни активности. Дезинфекција на локални патишта и јавни установи, поддршка на социјално ранливи категории на лица во испорака на заштитна опрема и средства за дезинфекција, пакети со храна, до редовно информирање за потребата од вакцинација и отворање на пунктови во општините за олеснување на вакцинацијата и контролирање на движењето за време на карантин, со цел намалување на ширење на вирусот. Кај сите говорници од општините беше истакната потребата од постојани кризни штабови кои би биле обучени претходно за справување со сите видови на криза, но и обезбедување на резервен фонд на средства на национално ниво за време на кризи кој би бил за потребите на локално ниво.

За последиците од оваа криза од медицински аспект покрај д-р Кризеиу од Општина Раховец, зборуваше и д-р Златко Арсениевски од Министерството за здравство во земјата, член на Комисијата за борба против заразни болести кој ја подвлече значајноста од собирање на статистички податоци за време на вакви кризи со цел полесно и соодветно справување со кризата, особено кај најранливите категории и оние со претходни болести.

За начинот на организирање на образовниот процес и појавените предизвици за учениците, наставниците и родителите во текот на пандемијата зборуваше проф. д-р Авни Морина, директор за образование од Општина Раховец. Тој се осврна на користењето на дигиталните платформи и алатки за организирање на наставата, но и проблемите кои се појавуваа од ваквиот начин на настава во однос на можноста на учениците и родителите во обезбедување на компјутер и лаптоп, до подготвеноста на наставниот кадар за ваква настава, понатаму успешноста во испорака на сите содржини и правилно оценување. Ова како предизвик на регионално ниво треба да биде дел од понатамошните активности на SOLICO проектот, заклучи тој. Во последната сесија од работилницата се обратија Иван Вчков од Канцеларијата на UN Women, Скопје и Елтон Стафа, експерт за децентрализација од НАЛАС кои изнесоа заклучоци од спроведени истражувања и анализи поврзани со Ковид-19 пандемијата. Истражувањето на UN Women беше спроведено во насока на идентификување на посебните потреби и ефекти од кризата кај жените и мажите, како и стратегии за развој на справување со кризата, со посебен фокус на социјално-економското влијание, неплатената работа во домот и грижата, влијанието на родовите улоги и стереотипи, семејното насилство и пристапот до основните јавни услуги за време на кризата. Тој ја подвлече значајната улога на општините во преземање на интервентни мерки во рамките на нивните надлежности за време на криза со цел ублажување на последиците особено кај најранливите групи на жени со цел подобра економска сигурност, вработување и егзистенција, правилна распределба на домашните обврски и активности за грижа и пристап до основните услуги и безбедност.

Како заклучок од истражување за влијанието на кризата врз развојот на општините од земјите членки на НАЛАС, направено од почетокот на кризата март 2020 до декември 2022 година кое имало за цел да се идентификуваат добрите пракси и споделат, но и да се развијат заеднички политики за полесно справување со кризата зборуваше Елтон Стафа. Тој заклучи дека пандемијата генерално нема некое директно влијание за целокупниот развој и децентрализацијата на општините, но подвлече дека сепак кризата направила застој во развојот, така што заклучно со 2022 година општините од Југоисточна Европа се на ниво на развиеност од 2019 година, во сите сегменти. Во таа насока е потребна засилена координација меѓу локални и централни власти, зголемување на финансиите за општините, зајакнување на солидарноста во регионот и во самите земји, фокус кон дигитализацијата и враќање кон домашните продукти за економско зајакнување.