Прва координативна средба со новите 10 партнерски општини на проектот „Зајакнување на општинските совети“

 Виница, Гевгелија, Градско, Дебар, Карбинци, Кисела Вода, Маврово и Ростуше, Ранковце, Ресен и Студеничани се новите општини кои беа избрани на јавниот повик за вклучување во проектот „Зајакнување на општинските совети“ што го спроведува УНДП, а каде ЗЕЛС е една од партнерските организации. Во фокусот на овој проект е  јакнењето на капацитетите на општинските советници во насока на зацврстување на улогата на Советот на општината за носење на одговорно работење и носење на  квалитетни одлуки за граѓаните . Правата координативна средба со претставниците од сите 10 општини беше одржана на 04 април, 2023 година во Скопје, на која присутните беа запознаени за сите активности што ќе се реализираат во следните 15 месеци, во рамките на сите три компоненти опфатени во Проектот.

Улогата на ЗЕЛС во овој проект е особено изразена во делот на активностите за вмрежување на советниците. Поточно, според надлежностите и обврските на Советот на општината, креирани се девет тематски  работни групи (ТРГ): 1. ТРГ за финансии и буџет 2.ТРГ за локален економски развој 3.ТРГ за јавни дејности 4. ТРГ за еднакви можности меѓу жените и мажите 5. ТРГ за меѓуетнички односи 6.ТРГ за иновации во ЕЛС7. ТРГ за животна средина и просторно планирање, 8 ТРГ за борба против корупцијата и 9  ТРГ за млади. Претседателите на општинските совети имаат можност да изберат една или повеќе тематски групи, со што во следниот период ќе следат и соодветни обуки. Како што истакна заменичката  на постојаниот претставник на УНДП во нашата земја, Сања Бојаниќ  од следниот месец започнува „Програмата за развој на капацитетите “ преку која секој советник од овие општини ќе има можност да следи специјализирани обуки комбинирани со практично учење. Оваа програма ќе биде исто така достапна и за претставниците на општинската администрација, како и за градоначалниците. Во сите овие 10 општини ќе се организираат и Форуми во заедницата, преку кои граѓаните непосредно ќе избираат проекти за кои сметаат дека се од приоритетно значење за нив, а за  чија реализација општината ќе добие финансиска поддршка во вид на грант. Дополнително, преку овој Проект се работи на  подобрување на законодавството, на дигитализација на услугите кон граѓаните, на зголемување на  транспарентност и на преземање на адекватни мерки за натамошна борба со корупцијата. Еден од клучните аспекти на проектот е и целосно почитување на принципите на еднаква родова застапеност и еднакви можности за сите граѓани во текот на спроведувањето на сите проектни активности. Во следните две години, предвидено е преку јавен повик да бидат избрани уште 20 нови единици на локалната самоуправа, со што вкупната бројка би бил 44  општини учеснички во овој Проект. Втората фаза од проектот „Зајакнување на општинските совети“ е финансирана од Швајцарската влада и Министерство за локална самоуправа, а ја спроведува и ко- финансира УНДП во соработка со национални и локални партнери.