„26 Април“- ден на основање на ЗЕЛС . Честит 51 роденден

Денес ЗЕЛС го слави 51 роденден. Овој датум ,,26 Април“ во Статутот на ЗЕЛС е утврден како „Ден на ЗЕЛС и Ден на општините“. Во далечната 1972 година на овој ден било одржано основачко Собрание на кое била конституирана тогашната Заедница на општините и градовите на Македонија (ЗОГМ). Иницијативата ја покренале претседателите на собранијата на општините: Куманово, Кочани, Охрид, Скопје и Тетово. Претставници од 34 македонски општини ја дале својата согласност за основање, а потоа и за доброволно пристапување во Заедницата. Бил усвоен Статутот на Заедницата и биле донесени важни одлуки за начинот на нејзината работа. Со тоа, како што е запишано во архивските документи - „создадена е цврста платформа за најширока соработка на општините во Македонија“. 

Роденденот на ЗЕЛС претставува и потсетување на целиот процес на градење на децентрализиран систем во државата. Во периодот пред осамостојувањето на земјата, општините имале дури и државнички функции, потоа по независноста на државата, настанува одреден ,,вакум“ и се смета за најлош период за локалната власт, се до периодот на повторно јакнење на децентрализација на власта во земјава, чија имплементација, официјално започна на 1 јули, 2005 година. Во овој период, со својата сила и потенцијал ЗЕЛС дава голем придонес и има значајна улога во процесот на донесување на нови законски решенија, во креирањето на структурата, функционирањето, надлежностите и финансирањето на локалната власт.

ЗЕЛС е посветен на создавање на систем на локална самоуправа по мерка на граѓаните и прерасна во авторитативна, респектирана и моќна заедница. Мал е бројот на асоцијации што може да се пофалат со ваква импозантна бројка на сопствено континуирано градење и развивање. Сега ЗЕЛС обединува 80 општини и градот Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа и продолжува да ја остварува својата примарна функција, а тоа е да ги реализира сите оние барања што ги имаат единиците на локалната самоуправа и да ги застапува нивните интереси.  ЗЕЛС ќе продолжи со лобирањето за реализирањето на започнатиот пакет на промени за развивање на системот на децентрализација во земјава, за обезбедување на силни и финансиски стабилни општини; општини кои се подготвени да преземат нови надлежности и општини со добра организациска поставеност за обезбедување на квалитетни услуги за граѓаните.