Утврдени заклучоците за справување со состојбите во противпожарните служби што ќе бидат доставени на разгледување од Управниот одбор на ЗЕЛС

Членовите на работната група за утврдување на решенија за предизвиците со противпожарните територијални единици (ППТЕ) во општините, формирана на последната, 16 седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, одржа состанок во административната зграда на Општина Куманово, на 26 април, 2023 година. Членови на оваа работна група се градоначалниците: Марко Колев, градоначалник на Општина Велес; Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово; Сашко Митовски, градоначалник на Општина Крива Паланка; Жарко Ристески, градоначалник на Општина Македонски Брод; Ацо Ристов, градоначалник на Општина Радовиш и Иван Јорданов градоначалник на Општина Штип. 

Во дискусијата тие ги изнесоа сите предизвици со кои се соочуваат општините што управуваат со  противпожарните територијални единици. Како најголем предизвик беше посочен огромниот недостатокот на финансиски средства што овие општини, преку Министерството за одбрана, ги добиваат за спроведување на оваа надлежност. Поточно,  од тие средства општините не можат да покријат ни мал дел за платите на постојните вработени пожарникари во ППТЕ , а уште помалку да го обезбедат законски утврдениот број на пожарникари, утврден според соодветен број на жители на територијата за која е надлежна една ППТЕ. Исто така,  општините се изложени на трошење на дополнителни финансиски средства за исплата на судските решенија од тужбените побарувања на пожарникарите, заради неисплатени придонеси во изминатиот период. Беше нагласено дека и многу општини, кои во согласно со Законот за пожарникарство немаат формирано противпожарна единица, не ја почитуваат законската обврска за задолжително учествува во финансирањето на противпожарната единица која го покрива нејзиното подрачје. Беше нагласена и катастрофалната состојбата и во делот на опременоста на овие единици. Пожарникарите немаат соодветни одела, ниту друга потребна опрема, а возниот парк  во поголемиот дел од ППТЕ, е стар со 40 до 50 годишни противпожарни возила. Беше нагласено дека за некоја пософистицирана опрема за спасување од пожари или друг вид на кризи, општината не може ни да помисли, меѓу кои е и неопходното противпожарно возило со скали. 

Со оваа надлежност општините добија огромна одговорност, но речиси никакви финансиски средства за нејзино спроведување. ЗЕЛС и досега укажуваше на централната власт за  недостатокот на финансиски средства за оваа намена, но не се направени речиси никакви позитивни исчекори за подобрување на состојбите. Централната власт ни приближно не се однесува во согласност со Европската повелба за локална самоуправа, каде основно правило е со секоја префрлена надлежност да се обезбедат и соодветни средства за нејзино спроведување. Беше нагласено дека и средствата што се добиваат преку Дирекцијата за заштита и спасување се минимални. Градоначалникот на Општина Штип, кој е претставник од ЗЕЛС во рамките на Дирекцијата, посочи дека е договорено оваа година да се обезбеди набавка на  дел од потребната заштитна облека за пожарникарите. Ова произлегло од барањата посочени во анкетата што ја спровела Дирекцијата во ППТЕ, како неопходност во работењето на пожарникарите. Присутните  ги изнесоа и предлог решенијата утврдени во текстот на новиот Предлог на Закон на Закон за пожарникарство каде се посочени нови извори за финансирање на ППТЕ, односно  еден денар од секоја купена курија цигари  и  30 денари од продажба на м3 дрва за огрев да одат за ППТЕ, што можеби донекаде би ја ублажило состојбата за во иднина. 

Во таа насока, членовите на работната група донесоа одредени заклучоци што ќе бидат изнесени на следната седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, закажана за 11 мај, 2023 година во административната зграда на Општина Охрид и на Генералното собрание на ЗЕЛС . 

1. ЗЕЛС да испрати допис до сите општини, во најкраток рок да одговорат на две прашања. А) Колку изнесува, односно се планира да изнесува наменската дотација за 2022 и за 2023 година и Б)   Колку средства општината издвојува, односно планира да издвојува за плати и надоместоци за плати, материјални трошоци за истиот период ( за 2022 и за 2023 година)

2. Централната власт, итно, со ребаланс на буџет да ги обезбеди потребните средства и да им ги испорача на општините за обезбедување на плати и за придонеси на сите вработени пожарникари, а при тоа да се води од законски предвидениот број на потребни пожарникари според број на жители. Исто така, да се испорачаат и потребните средства за опрема на пожарникарите и ППТЕ како и за обезбедување на соодветни  противпожарни возила.  

3. Доколку во даден рок, што ќе го утврди Управниот одбор на ЗЕЛС, централната власт не ја реализира потребната буџетска интервенција, да се даде препорака до сите единици на локалната власт да донесат одлука за откажување од оваа надлежност. Во иднина општините би придонесувале во оваа област преку формирање на волонтерски противпожарни единици.