Шест општини од Југозападниот и Пелагонискиот регион потпишаа меморандуми за соработка за имплементирање на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“

Битола, Прилеп, Новаци, Охрид, Кичево и Пласница се шесте општини од Југозападниот и Пелагонискиот регион што во следните четири години ќе учествуваат во имплементација на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“. По тој повод, на 5 јуни, 2023 година во Скопје беше одржана воведна конференција на која тие потпишаа меморандуми за соработка со партнерите на проектот: ЗЕЛС, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за локална самоуправа, како и САЛАР Интернационал, дел од Шведската асоцијација на локални и регионални власти САЛАР. Проектот е финансиран од Шведската агенција за меѓународна соработка и развој СИДА. Со потпишување на меморандумите започна и официјалниот дел на имплементацијата на проектот на локално ниво. 

На локално ниво, веќе  е изработена и студија за состојбата со отпадот во овој дел од земјата, а главниот фокус на проектот се активности со избраните пилот општини, со локалните комунални претпријатија и со нивните жители, како и планирање и испорака на услуги на управување со отпад во согласност со насоките на ЕУ, новото национално законодавство и стратешкиот план за отпад. Главниот очекуван  резултат е да се подобрат практиките за планирање за управување со отпадот и да се зајакне способноста на партнерските општини да испорачуваат инклузивно и одржливо управување со отпадот на локално ниво. Проектот тесно ќе соработува со овие шест пилот општини во Југозападниот и Пелагонискиот плански регион кои заедно формираат еден регион за управување со отпад, во согласност со новиот регионален систем за управување со отпад во земјата. Останатите 12 општини , од овие два региона,  исто така ќе имаат можност да имаат полза преку изработка на локални акциски планови (ЛАП), споделени најдобри практики и воведени модели за подобра меѓу- општинска соработка и координација. Проектот применува советодавен и инклузивен пристап кој се темели на човекови права во поддршката на целните општини, за да го унапреди општинското работење на управување со отпадот и да помогне да се создаде чиста и безбедна средина за луѓето. Земајќи ги предвид човековите права и родовите прашања, ќе се поведе грижа услугите да допрат до различни категории луѓе и во руралните и во урбаните средини.

ЗЕЛС како партнер во Проектот ќе се залага  да ги пренесе добрите практики на сите  општини во земјата

Во име на општините на конференцијата се обрати Душица Перишиќ, извршна директорка на ЗЕЛС која посочи дека управувањето со отпадот е една од важните  услуги што единиците на локалната самоуправа треба да им ги испорачаат на своите граѓани. Недостатокот на финансиски средства  за  изработка на  студии и на проекти, како и за инвестирање во инфраструктура, особено изградба на стандардизирани депонии и затворање на дивите депонии, потоа изградба на рециклажни и собирни центри, како и обезбедување на опрема за одлагање, но и за пренесување на отпадот беше главна причина поради која во 2018 година, единиците на локалната самоуправа, со одлуки на општинските совети ја овластија централната власт за спроведување на овој дел од надлежноста. – „ Денес сме сведоци дека работите се придвижуваат во позитивна насока и ме радува фактот што соработката меѓу ЗЕЛС и САЛАР Интернационал, со финансиска поддршка од СИДА – Шведската агенција за меѓународен развој, е насочена кон пилот општини од Југозападниот и Пелагониски регион, каде ЗЕЛС  ја има улогата, нивите конечни резултати да ги пренесе на сите општини. Овие шест општини ќе добијат поддршка јакнење на капацитетите на општинската администрација за изработка на соодветна документација, но и за развивање на свесноста кај населението за селектирање  на отпадот. Сепак она што сакам да го потенцирам е крајна заложба од сите нас за соодветна имплементација на законските одредби, и неселективно изрекување на казнените одредби, бидејќи заштитата на природата и обезбедувањето на здрава животна средина се од приоритетно значење за сите, додаде на крајот од своето обраќање извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ. 

„Веруваме дека овој проект ќе ни помогне да го зајакнеме управувањето со животната средина и да ги подобриме системите за управување со отпад низ целата земја. Овој потфат не е значаен само од аспект на усогласување со ЕУ; се работи за поттикнување на одржлив развој, заштита на нашите природни ресурси и подобрување на квалитетот на животот на нашите граѓани.“ изјави Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, која нагласи дека токму затоа започнувањето на имплементацијата на овој Проект симболично е поврзан со датумот  5 јуни- Светски ден на  животната средина. 

Рајан Нокс, извршниот директор на САЛАР Интернационал, посочи дека експоненцијалниот раст на отпадот бара соработка, иновативни идеи и промени во практиките за да се обезбеди поодржлива иднина. Усвојувајќи  единствен  пристап, проектот ќе работи со различно ниво на управување, односно локално, регионално и национално ниво.