Излезе од печат новиот број на Гласило на ЗЕЛС

Во текот на месец јуни ЗЕЛС организираше повеќе активности. Комисијата за следење на развојот на системот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, ја одржа 48-та седница во просториите на ЗЕЛС, каде што претставниците од локалната власт ја нагласија потребата од итно редефинирање на политиките за блок дотациите и  за  капиталните инвестиции за општините. Беше нагласена и потребата за измени во методологијата за блок дотации за културата, што е непроменета речиси 20 години. Уште еднаш беше побарано претставниците од централната власт, номинирани во ова тело, да бидат од највисокиот ранг на државни службеници или министри, бидејќи со сегашниот состав се девалвира улогата на Комисијата. Поради отсуство на претставник од соодветното министерство, присутните не дискутираа за методологијата за распределба на средствата за основно образование, а од истите причини не се отвори расправа и за предизвиците во противпожарната заштита. Усвоена беше Предлог-уредбата за методологијата за распределба на приходите од данокот на додадена вредност по општини за 2024 година. 

На конференцијата „Соодветно користење на училишните ресурси за поквалитетно образование“, организирана од МОН, УНИЦЕФ и Светската банка, претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, ги изнесе забелешките и предлозите на ЗЕЛС за новата предлог-формула за распределба на средства за основно образование и за најавената оптимизација на училишната мрежа.

Општините: Битола, Прилеп, Новаци, Охрид, Кичево и Пласница потпишаа меморандуми за соработка во проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, каде што ЗЕЛС е еден од проектните партнери. Целта е да се подобри практиката за планирање за управување со отпадот и да се обезбеди одржливо управување со отпадот на локално ниво. Проектот е финансиран од Шведската агенција за меѓународна соработка и развој (СИДА). 

Во овој период беше одржана средба со претседателката на Инспекцискиот совет, на која најави дека во периодот јули-септември 2023 година, претставници од Советот ќе вршат советодавни посети во сите општини каде што ќе разговараат за предизвиците во работењето на инспекциските служби со градоначалниците и со инспекторите. Во просториите на ЗЕЛС беше одржана и средба со директорката на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, на која беше укажано дека општините се соочуваат со голем притисок поради зголемениот број неосновани барања пристигнати од физички или правни лица, по основ на слободен пристап до информациите од јавен карактер. ЗЕЛС обезбеди надградување на постојната електронска платформа за родово одговорно буџетирање (www.rob.zels.org.mk) со поставување на нова алатка за родово разделени податоци, за што организираше и обука за одговорните лица од општините. За овие и други активности може подетално да прочитате во овој број на Гласило на ЗЕЛС. 

Гласило Јуни 2023