Преку интегрирање на родовата перспектива во локалните политики и буџети до одговорна и транспарентна општина

Во организација на SALAR INTERNATIONAL(дел од Шведската асоцијација на општини и региони), во рамките на проектот „Услуги за општинско одржливо управување“, имплементиран во партнерство со ЗЕЛС, на 27 јули, 2023 година беше одржана еднодневна обука за претставниците од пилот општините на тема “Интегрирање на родовата перспектива во локалните политики и буџет- улогата на ЗЕЛС кон родово одговорни општини“. 

На почетокот, учесниците беа поздравени од страна на извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ и Мартин Николиќ претставник на проектот кои искажаа благодарност на учесниците за присуството и важноста од организирањето на оваа обука во оваа фаза на проектот пред развивањето на општинските планови за управување со отпад во пилот општините: Битола, Охрид, Новаци, Пласница, Прилеп и Кичево. За улогата на ЗЕЛС во зајакнувањето на капацитетите на општините во областа на родовата еднаквост, како и запознавање со основите поими за род/пол, што е родова еднаквост, какви се родовите улоги, како да ги препознаеме родовите стереотипи и да ги надминеме во секојдневните односи, понатаму се задржа на потребата од родова интеграција и кои механизми и алатки им се на располагање на општините при изработката на локалните политики и буџет зборуваше Ирена Николов, советник за обуки и координатор за родова еднаквост во ЗЕЛС. За важноста од разграничувањето на термините пол и род, за состојбата со жени и мажи во образование, пазар на труд, жени градоначалнички во земјата и регионот презентираше Благородна Шопова, советник за обуки и социјална заштита во ЗЕЛС со цел добивање на појасна слика за потребата од преземање соодветни мерки од страна на општините во процесот на планирање на локалните политики и соодветно буџетирање. Таа се задржа и на важноста од вклучување на родовата перспектива во политиките за заштита на животна средина преставувајќи ги родовите улоги во релевантни сектори за климатски промени. Таа зборуваше и како последиците од климатските промени имаат негативно влијание врз економијата, поединците, заедниците и државите, со претпоставка дека ова влијание ќе биде поинтензивно во иднина. Иако негативните влијанија на климатските промени не препознаваат пол, сепак негативните ефекти се силно родово поделени заради општествените контексти, односно, општествените контексти ги дефинираат разликите во негативните влијанија врз основа на пол. 

Вториот дел на обуката беше посветен на алатките и методите за интегрирање на родовата еднаквост при развивањето на општинските програми и политики каде координаторката за родова еднаквост во ЗЕЛС ја претстави Методологијата за интегрирање на родовата перспектива во локалните политики и буџет на ЗЕЛС. Во овој дел се зборуваше за предусловите кои треба да се исполнат за да се интегрирање родовата перспектива кои се однесуваат на политичка волја, човечки ресурси и родова статистика. На учесниците на обуката им беа претставени и 5-те чекори како дел од процесот на интеграција на родовата еднаквост, како: Анализа на состојбите во однос на жените и мажите во дадениот сектор; Анализа на политиката и нејзината чувствителност кон родовите прашања; Анализа на буџетски алокации и трошоци; Родова анализа на обезбедување на услуги; Родова анализа на очекуваните резултати кои се добиени преку користење на методи за собирање на податоци. Како еден од инструментите важен за овој процес при собирање на родово разделени податоци е е-платформата за родово одговорно буџетирање на ЗЕЛС www.rob.zels.org.mk за која зборуваше Ивана Серафимова, советник за обуки во ЗЕЛС. Таа се осврна на значењето од родовата статистика, неопходната анализа на состојбите во одреден сектор при изработка на програмите и при развивањето на соодветни мерки за надминување на нееднаквостите, онаму каде што има. Таа се осврна на важноста од оваа обука за учесниците кои во наредниот период треба да ги развиваат плановите за управување со отпад каде што би  ја интегрирале родовата перспектива. Во таа насока, на крајот на обука им беше дадена вежба за дефинирање на мерки за управување со отпад во општините. На сите учесници им беше даден и примерок од Методологијата за интегрирање на родовата перспектива во локалните политики и буџет, која е објавена во електронска форма и на е-платформата и интернет страницата на ЗЕЛС.