Претставници од пилот општините од проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“ се подготвуваа за изработка на локален акциски план за управување со отпад

 

Околу 30 претставници од шест пилот- општини од Пелагонискиот регион и од Југозападниот регион, вклучени во проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“ учествуваа на работилница што се одржа на 11 и на 12 септември, во хотел ,,Изгрев“, во Струга. Целта на оваа работилница, втора по ред, е  претставниците од  овие општини да се подготват за изработка на  Локален акциски  план за управување со отпад. На работилницата присутните имаа можност преку презентации и преку практична работа во групи да ги локализираат приоритетите и целите на Оперативниот регионален план за овие два региона (2023 -2025 година) во насока на изработка на првична верзија на локалниот акциски план за управување со отпад.

Станува збор за претставници од општините : Битола, Прилеп, Новаци, Охрид, Кичево и Пласница ( од Југозападниот и Пелагонискиот регион) што во следните четири години ќе учествуваат во имплементација на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“. Овие општини во месец јуни, оваа година потпишаа меморандуми за соработка со партнерите на проектот: ЗЕЛС, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за локална самоуправа, како и со САЛАР Интернационал  (дел од Шведската асоцијација на локални и регионални власти САЛАР). Проектот е финансиран од Шведската агенција за меѓународна соработка и развој СИДА. По потпишувањето на меморандумите  започнат е и процесот на имплементацијата на проектот на локално ниво.