Комисијата за следење на развојот на системот на финансирање на единиците на локалната самоуправа изнесе низа предизвици поврзани со средствата од блок дотациите

Комисијата за следење на развојот на системот на финансирање на единиците на локалната самоуправа, на 13 септември, 2023 година во просториите на ЗЕЛС ја одржа 49-тата седница. Членовите на ова тело, составено од претставници од соодветни министерства како и со претставници од локалната власт во мнозински број, разгледаа неколку предлог –уредби за распределба на средствата за општините од  блок дотации, за 2024 година. Станува збор за : Предлог – Уредба за методологија за утврдување на критериуми за распределба на блок дотации за јавните установи за деца - детски градинки и центри за ран детски развој во состав на јавните детски градинки по општини, потоа за  Предлог – Уредба за методологија за утврдување на критериуми за распределба на блок дотации за јавните установи за социјална заштита - домови за стари лица и Уредбата за методологија за утврдување на критериуми за распределба на блок дотации од областа на културата.

На седницата претставниците од локалната власт упатија забелешки за начинот на кој Владата на РСМ веќе усвоила дел од предлог–уредбите, без претходно за нив да добие согласност од оваа Комисија. Тие изразија незадоволство бидејќи не се почитува една од поважните законски одредби за надлежностите на Комисијата. Односно Владата ги разгледува предлог уредбите за методологиите за блок дотациите за општините за следната година, само по претходна согласност за истите од страна на Комисијата за следење на системот за финансирање на единиците на локалната власт, што оваа година не беше случај за неколку од нив. Беше нагласено дека не смее да се дозволи улогата на оваа Комисија да се потценува и да се игнорира нејзината законска улога.

Општините бараат поголема самостојност во управувањето со блок дотациите

Дел од коментарите во однос на предлог- уредбите одеа и во насока дека на општините треба да им се даде поголема самостојност во управувањето со средствата од блок дотациите. Претставниците од локалната власт посочија и на потребата за промени во одредени административните процедури поврзани со користење на овие средства, особено во делот на добивање на согласности од централната власт, особено при вработувањето на наставен кадар во училиштата и градинките, за што треба претходно да се  обезбеди одобрение  од  Министерството за финансии. Беа изнесени примери кога општината, од сопствени средства, изградила  градинка, а се уште не добива согласност за нови вработувања. Исто така, беше посочена и потребата од овозможување на поголема мобилност во распределбата на наставниот кадар од едно во друго училиште или општина. Овие постапки во најголем број случаи се долготрајни и непотребни и придонесуваат за намалена експедитивност на локалната власт во обезбедувањето на квалитетни услуги. Беше посочена и потребата за обезбедување на законски можности, општината да спроведува одредени јавни набавки за поединечни училишта, од наједноставна причина што во одредени училишта има недостаток на лиценциран кадар за спроведување на овие постапки, а општината располага со доволен број на лиценцирани лица. Претставниците од централната власт најавија дека се подготвуваат законски измени во делот на  управувањето со  блок дотациите  од страна на општините, што индиректно ќе обезбеди и промени во посочените постапки. 

Итна дебата за преземање на стратешки чекори за предизвиците околу недостатокот на  домови за стари лица

При разгледувањето на Предлог – Уредба за методологија за утврдување на критериуми за распределба на блок дотации за јавните установи за социјална заштита - домови за стари лица, претставниците од локалната власт ја нагласија потребата за итно посветување на сериозно внимание на прашањето за згрижувањето на старите лица. Тие нагласија дека централната власт, која  располага со средствата за инфраструктура, досега во ниту една општина нема изградено  нов објект за оваа намена, а потребата на граѓаните за оваа услуга и те како е нагласена. Постојните старски домови не се во добра инфраструктурна кондиција, нивниот број е недоволен, а се повеќе има и недостаток од соодветен кадар во овие установи. Беше нагласено дека средства за оваа намена треба значително да се зголемат и дека е потребно локалната и централната власт итно да дискутираат за потребата од  структурално стратешко решавање на овој предизвик .

Потребна поголема децентрализација и во областа на културата 

Претставниците од локалната власт, исто така, нагласија дека средствата од блок дотациите не се воопшто доволни за да можат општините квалитетно да ги спроведуваат овие надлежности, независно од тоа што се истакнува дека во одреден процент има нивно мало зголемување, споредено со претходната година. При тоа присутните се задржаа на недоволното финансирање на локалните установи од областа на културата, особено во програмскиот дел. Како и на претходниот состанок на оваа Комисија, и сега, претставниците од локалната власт уште еднаш побараа Министерството за култура да направи сериозна анализа околу утврдувањето на листата на национални културни манифестации подржани од страна на централната власт, за да се ослободат општините од сериозните издатоци што ги даваат како поддршка при нивната реализација. Остатокот од овие средства да се децентрализираат, односно наместо да се објавуваат конкурси за  културни проекти кои добиваат финансиска поддршка од Министерството за култура  тие средства по одредена формула да се распределат на општините. Како причина беше наведено дека не се јасни критериумите по кои МК одобрува огромни средства на одредени проекти, а проекти кои имаат значаен културно- историскиот печат за општината не добиваат ниту денар. Беше нагласено дека локалната власт најсоодветно ќе ги распредели добиените средства и на тој начин ќе обезбеди поддршка на поголем број културни проекти и манифестации за граѓаните.

Претставниците од Министерството за финансии нагласија дека до крајот на месец август, според анализите што ги направиле, најголем број општини немаат доволна реализација на средствата и потсетија дека непотрошените средства на крајот од годината им се одземаат.