Поддршка на заложбите на ЗЕЛС за децентрализирање на надлежности од областа на социјалната заштита- дадоа и општинските советници, членови на Тематската работна група за јавни дејности

Во рамките на Проектот „Зајакнување на општинските совети- Фаза 2“ на 20 септември, 2023 година беше спроведена работилница за општинските советници кои се членови на Тематската работна група за јавни дејности. На оваа работилницата беше презентиран Законот за социјалната заштита, каде посебно внимание беше посветено на надлежностите, обврските и активностите што произлегуваат од него, а се однесуваат на единиците на локалната самоуправа. Беа презентирани и неколку примери од општини кои воспоставиле одредени социјални услуги со користење на средства од општинскиот буџет. Учесниците имаа можност да дискутираат за предизвиците со кои се соочува Советот на општината во делот на донесување на политики и на одлуки од областа на социјалната заштита. Се говореше за потребите на социјално ранливите групи на граѓани за поддршка од државата и од локалната власт и за обезбедување на што поголем број на социјални услуги. Стана збор и за соработката  на општината со здруженијата на граѓани од оваа област и со институциите од централната власт, а неминовно се говореше и за улогата и функционирањето на општинските совети за социјална заштита. Од посебно значење е што на работилницата, општинските советници  од оваа работна група изразија целосна поддршка на заложбите на ЗЕЛС за децентрализирање на надлежностите во областа на социјалната заштита.

Работилницата се реализираше во рамки на активностите „Редизајнирање на постојните и воспоставување нови модели за соработка и координација помеѓу советниците, градоначалниците и општинската администрација“, што  се спроведуваат во  соработка со  ЗЕЛС,  како едена од партнерските организации на Проектот, што во нашата земја го имплементира УНДП.

Законот за социјална заштита, локални политики и добри практики од областа на социјална заштита,  основни  теми на двете работни сесии 

На првата сесија беа реализирани повеќе теми меѓу кои: Социјална политика и социјална инклузија; Ранливи групи и социјални проблеми; Клучна законска регулатива; Законот за социјална заштита и локални политики за социјална заштита; Систем за социјална заштита; Видови социјални услуги за ранливи групи. 

На втората сесија се говореше за значењето на политиките и мерките за социјална заштита во општините; Општинскиот совет за социјална заштита и неговите надлежности; Социјален план на општината; Како се собираат податоци потребни за анализа за развој на мерки и политики, при што беа презентирани добри пракси од општините: Битола, Струмица, Кавадарци, Велес, Куманово и Аеродром. 

Бројни предизвици на локалната власт во областа на социјалната заштита 

Во дискусиите беа нагласени и предизвиците со кои се сочуваат локалните власти при поддршката што ја даваат во областа на социјалната заштита. Обезбедување и ажурирање на податоци и информации за социјалните предизвици на локално ниво, како и за социјално ранливите групи во општината, бидејќи истите изостануваат, поради нивна недоволна  утврденост од страна на  надлежните институции од централната власт. Беше нагласена и потребата социјалните предизвици да се имплементираат не само во општинската програма за социјална заштита туку и во останатите програми и политики што ги утврдува општината бидејќи комплетното решавање на овие состојби не може изолирано да се спроведува.  Предизвик за најголем број општини е и недостатокот на здруженија на граѓани што во партнерство со општината би развивале и имплементирале социјални услуги. Беше нагласена и потребата за воспоставување на соодветна координација  и соработка со надлежните институции од централно ниво и со невладиниот сектор за спроведување на взаемни активности за креирање и  обезбедување на социјални услуги. На работилницата посебно внимание беше посветено на активностите на општинскиот совет за социјална заштита и комуникацијата и споделувањето на информации со Советот на општината.

Во таа насока, членовите на оваа тематска работна група дадоа препорака за целосна поддршка на заложбите на ЗЕЛС за продлабочување на процесот на децентрализација и преземање на одредени надлежности од социјална заштита, од причина што локалната власт е во најнепосредна корелација со овие групи на граѓани. Речиси сите општини од својот буџет трошат сериозна сума на финансиски средства за оваа намена. Исто така, беше нагласено дека е потребно сите општини да ја реализираат законската обврска за формирање на општински совет за социјална заштита и да  изработат  социјален план. Воедно од голема важност за граѓаните  е да се направат напори за спроведување на одредени социјални услуги преку воспоставување на меѓу-општинска соработка и нивно споделено користење на регионално ниво. Во оваа насока од особена важност е и вклучувањето и поддршката на здруженијата на граѓани од областа на социјалната заштита.