Потребни инвестиции во зелена инфраструктура и јакнење на административните капацитети - главни препораки од Форумот за граѓанско општество на Берлинскиот процес за Клима и Зелена агенда, во Скопје

„Инвестиции во зелена инфраструктура“ беше главната тема на јавниот настан на  Форумот за граѓанско општество на Берлинскиот процес за Клима и Зелена агенда,    што се одржа на 26 септември, 2023 година во Скопје. Настанот го организираше  Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) OSF Западен Балкан заедно со Институтот за добро владеење и политики во животната средина и климатските промени – Скопје (IPECC) што ја води тематската работна група за „Клима и зелена агенда“, витална компонента на Берлинскиот процес 2023 година. 

При изнесувањето на аспектите на  „Доброто владеење во животната средина“ , како  дел од разработката на главната тема, излагање имаше извршната директорка на ЗЕЛС,  Душица Перишиќ. Таа во своето обраќање изнесе дека седумдесет проценти од активностите предвидени во европското законодавство за животна средина и зелена енергија треба да бидат имплементирани на локално ниво. Тоа значи потреба од повеќе финансиски средства и од подготвена општинска администрација, како и одлична взаемна соработка меѓу локалната и централната власт при усогласување на потребите и можностите за успешна реализација. -За жал реалност дава една поинаква слика, а процесот на децентрализација се посигурно оди во спротивен правец“ нагласи Перишиќ, посочувајќи дека ЗЕЛС секогаш се залага за поголема децентрализација, но со префрлање на надлежности за кои општините ќе добиваат и соодветни финансиски средства, во согласност и со принципите на Европската повелба на локална самоуправа. Таа посочи дека доза надеж имаше во 2019 година, кога ЗЕЛС изнесе одредени предлози за реформи во локалната самоуправа, во три правци и кога почнаа разговори меѓу ЗЕЛС и Владата на РСМ,  но во светот и во нашата земја се појави  КОВИД -19  и  работите застана. Извршната директорка на ЗЕЛС пред  присутните претставници од владите на земјите од Западен Балкан, од Европската Унија, од меѓународните организации, приватниот сектор, граѓанското општество и Think Thanks организациите говореше и за административните капаците со кои располага локалната, но и централната власт. При тоа посочи дека е потребно генерално да се промени концептот на спроведување на обуки за јакнење на капацитетите на администрација, бидејќи од досегашното петнаесетгодишно искуство на ЗЕЛС во спроведување на обуки за општинската администрација резултатите не го покажуваат посакуваното ниво. Како најсоодветен концепт, според Перишиќ е учење и давање поддршка низ текот на работењето, кога службеникот директно учествува во изработката на документите или спроведувањето на постапките каде му е потребна конкретна поддршка. Теоретската обука се покажува дека не е доволна за подобар успех. Во таа насока ја нагласи и заложбата за спроведување на итни реформи и рационализација на администрацијата,  а при тоа  укажа и на потребата да се  имаат во предвид бројките кои отсликуваат огромен диспаритет меѓу администрацијата на централно ниво, со околу 130.000 административци  и на локално ниво со едвај 6.000 службеници. 

Настанот  го отвори министерката за животна средина и просторно планирање на РСМ, Каја Шукова, а се обрати и Штефан Худолин, раководител за соработка во Делегацијата на ЕУ и Алмира Џембула, заменик министерка за туризам и животна средина на Република Албанија. Министерката Шукова посочи дека до повисоко ниво на усогласување со стандардите и регулативите на Европската Унија може да се стигне само преку зголемени инвестиции во зелената инфраструктура. Всушност не само за нашата земја, туку и за сите земји од Западен Балкан главните предизвици за да се постигне посакуваното ниво се:  недостаток на финансиски средства и несоодветни административни капацитети – „Зелената агенда нуди визија на одржлива и просперитетна иднина, но патот да се стигне до таму е исполнет со предизвици кои бараат соработка помеѓу владите, приватниот сектор и граѓанските организации. Овие предизвици се комплексни и бараат акција од сите надлежни институции. Потребата од инвестиција се огромни, ни треба многу повеќе фондови отколку што имаме“, рече Шукова. 

Од овој настан произлезе и документ за политики кој содржи препораки, кои граѓанските организации ќе ги претстават пред лидерите на ЕУ и лидерите на Западен Балкан, на Самитот на Берлинскиот процес, закажан за 16 октомври, 2023 година, во Тирана.