Унапредување и продлабочување на знаењето за родовата еднаквост за советниците и општинската администрација во Општина Пробиштип
На иницијатива на Општина Пробиштип, а како продолжение на успешната минатогодишна основна обука за родова еднаквост за советниците од оваа локална самоуправа, претставничките од ЗЕЛС, Ирена Николов и Благородна Шопова спроведоа обука на тема родови концепти, родово сензитивен јазик и интегрирање на родовата перспектива во локалните политики на 10 октомври, 2023 година за советници и општинска администрација(раководители на одделенија).
Пред учесниците од Општина Пробиштип, кои некои за прв пат посетуваат ваква обука беа презентирани разликите во поимите по и род, како се формираат родовите улоги и со какви родови стереотипи и предрасуди се соочуваме во секојдневниот живот и кои мерки и активности може да се спроведуваа за надминување на овие стереотипи. Понатаму, низ дискусија беше анализирана состојбата со родова еднаквост низ бројки во сите општествени области кај нас обработени во публикацијата „Жените и мажите во Р.С.Македонија 2022“ во издание на Државен завод за статистика. Се акцентираше и потребата од собирање и анализирање на родово разделени податоци за секоја од општините кои се неопходни за согледување на состојбите во одредена област, а врз основа на тоа и креирање на мерки и активности за нивно надминување. Во публикацијата се претставени податоци за бројот на основци разделени по пол, за деца запишани во средно образование, разликата во запишани момчиња и девојчиња во технички науки, во корист на момчињата, понатаму за состојбите во здравство, на пазар на труд, во одлучувачки тела итн. Претставничките од ЗЕЛС укажаа на важноста од собирање на статистички податоци и нивно анализирање при развивањето на општинските програми со соодветно буџетирани средства. Една од алатките за родово разделени податоци е и е-платформата на ЗЕЛС www.rob.zels.org.mk која има посебен дел за родова статистика, а секоја од општините има назначено лице кое треба да ги внесува општинските податоци по категории.
Во вториот дел од обуката се зборуваше за начините на интегрирање на родовата перспектива во локалните програми, меѓу кои и Методологијата за интегрирање на родовата перспектива во локалните програми и буџет на ЗЕЛС изработен во партнерство со UN Women, на македонски и албански јазик. Се разговараше за значењето и потребата од користење на родово-сензитивен јазик, собирање на родово-сензитивни податоци и спроведување на родова анализа во секторот, а се со цел креирање на родово-одговорни политики и мерки на локално ниво. Преку вежби учесниците на обуката работеа на одредени секторски програми каде направија одлично мапирање на потребите на жените и мажите и момчињата и девојчињата со користење на родова перспектива и родови индикатори преку кои најдобро се мери ефектот од спроведена мерка или активност.
Соработката на ЗЕЛС со Општина Пробиштип е една од добрите пракси за јакнење на капацитети преку директна, менторска поддршка на работа, за потребите на општинската администрација.



