Делегација од ЗЕЛС учествуваше на меѓународната конференција ,,CORE Days 2023“, во Котор
Ревитализација на односите и побрза европска интеграција на земјите од регионот се клучните активности за развојот на Западен Балкан во следниот период. Доближувањето на регионот до ЕУ ќе се постигне со подобрување на владеењето на правото и на макроекономската стабилност, а зајакнувањето на довербата во институциите и заштитата на животната средина ќе обезбедат подобар животен стандард. Сето ова ќе им овозможи и на младите да останат и да живеат во своите земји. Ова беше заклучокот донесен на втората регионална Конференција CORE Days, што се одржа на 10 и на 11 октомври, 2023 година, во Котор (Република Црна Гора), на тема: „ Паметен и зелен раст – локално, регионално, европски“.
Една од целите на „Партнерството за конкуретен регион“, во кое покрај ЗЕЛС, вклучени се и 20-тина организации од седум економии, е размена на искуства и имплементација на регионални иницијативи и реформи во земјите од Западен Балкан. Во изминатиот период тоа доведе до воведување електронски градежни дозволи; онлајн регистрација на сезонски работници; подобрување на инспекциски надзор итн. На оваа конференција присутните имаа можност преку низа панели да дискутираат за неопходните следни чекори за регулирање на деловното опкружување, особено за решавање на предизвикот на имотно-правните прашања и легализацијата на дивоградби. Се говореше и за потребата за јакнење на видливоста на научните институции и развој на локални иновации, регулирање на системот за јавни набавки преку воведување социјални и зелени критериуми и воведување одржливи начини на водење бизнис, преку стандардот ESG (Environment, Social, Governance) пропишан од ЕУ, односно напредок по прашањата поврзани со животната средина, социјалата и управување. Исто така, фокус беше ставен и на транспарентноста на учесниците во финансискиот пазар, вклучително и на банките, осигурителните компании, управувачите со средства и пензиските фондови.
Македонски претставници земаа учество на повеќе панели, меѓу кои - „Иновации – Пријателски Екосистем: Потенцијални и Клучни состојки“ каде говореше Фестим Халили, директор на Фондот за иновации и технолошки развој, а на темата за Презентација на првиот Регионален индекс за деловно опкружување, свое видување изнесе Антонио Пешев, извршен директор на Стопанска комора на Северна Македонија. Извршната директорка на ЗЕЛС Душица Перишиќ, говореше на панелот посветен на темата: Затворање на јазот(-вите): Отклучување на потенцијалот на недвижности. Таа посочи дека нашата земја уште пред десет години направи голем напредок преку воведување на електронски системи со што се обезбеди значаен придонес за локалниот економски развој на општините. Воведувањето на електронскиот систем за отуѓување и давање под закуп на градежно земјиште им овозможи на општините и на државата да го планираат и да управуваат со државното неизградено земјиште, првенствено во насока на поддршка за развој на економијата. Потоа беше обезбеден електронскиот систем за издавање градежни дозволи, со што нашата земја со ваков систем беше прва во Европа, а втора во светот. Тоа обезбеди голем скок на индексот Doing business на Светска банка, кога Македонија се искачи на второ место на ранг листата. Перишиќ нагласи дека овие значајни искуства од е-дозвола за градба, нашата земја ги сподели и им ги пренесе на своите соседи: Албанија и Србија. Во меѓувреме, од Министерството за финансии , ЗЕЛС го презема и системот за електронско отуѓување и давање под закуп на движни и недвижни ствари со сопственост на општините (e-stvari), кој овозможи транспарентно управување со имотот на општините. Освен позитивните состојби Перишиќ говореше и за одредени актуелни случувања во нашата земја поврзани со заостанување на процесот на децентрализација, особено во доменот на префрлање на нови надлежности на општините.-„ Бараме од Владата децентрализација на земјоделското земјиште, шумите и пасиштата, со кои сега исклучиво раководи централната власт. Со години бараме да се развие софтверска апликација за даночно работење на општините. Имаме и еден парадокс, општините да го полнат со податоци Катастарот за недвижности, а кога имаат потреба да ги преземат, Катастарот им ги наплаќа. Затоа сметаме дека децентрализацијата во континуитет треба да се развива, независно од актуелната политичка состојба на земјата, бидејќи општините се најблиску до граѓаните и тие најдобро ги знаат нивните предизвици и потреби. Но за секоја префрлена надлежност , централната власт треба да ги префрли и потребните финансиски средства за нивно квалитетно спроведување.“ нагласи во своето обраќање извршната директорка на ЗЕЛС.
Дводневната Конференција беше организирана од НАЛЕД во соработка со партнерите од Партнерството за конкурентен регион, со поддршка од шведската Влада, имплементирана од СИДА и Германската развојна соработка, имплементирана од ГИЗ. Партнерството за конкурентен регион е платформа за дијалог и размена на најдобрите реформски решенија за одржлив развој на регионот.
Регионален индекс за деловно опкружување за 2023
На Конференцијата беше претставен првиот Регионален индекс за деловно опкружување, кој ги оценува условите за одржлив развој и ги споредува економиите во регионот, со цел да им помогне да го подобрат своето деловно опкружување. Според Извештајот, Хрватска е на прво место со 57,7 поени, потоа Србија (51,5), Албанија и Црна Гора на трето и четврто место (50,7), следи Македонија (48,1), Косово (46,9) и Босна и Херцеговина (43,9) . Наместо да се гледа само целокупното рангирање, вредноста на овој Индекс е да се признае дека ниту една економија не води во сите области. Индексот им помага на лидерите да се фокусираат на области каде што постои можност за најголемо подобрување. Со одговор на предизвиците во однос на конкурентноста, управувањето , одржливоста и трговската интеграција, регионот би можел да го отклучи својот реален потенцијал и да се приближи до животниот стандард на граѓаните на ЕУ – рече Душан Васиљевиќ, директор за конкурентност и инвестиции во НАЛЕД, при претставување на извештајот.
Регионалниот индекс вклучува рангирања по пет клучни столбови: Основи (макроекономска стабилност и владеење на правото); Пазар (пазар на труд, финансиски и капитален пазар); Администрација и регулативи (квалитет и ефикасност на јавната администрација); Компании (сива економија, иновации, бизнис дигитализација); Економски развој (еднаквост, родова рамнотежа, зелена економија).
Доделени BFC SEE сертификат на четири општини
За време на конференцијата „CORE Days 2023 “ на општините: Ниш, Параќин, Станари и Србац официјално им беше врачен сертификат BFC SEE (Business Friendly Certification во Југоисточна Европа). Со тоа тие се приклучија на мрежата од 44 единици на локална самоуправа од регионот кои добија сертификација во последниот циклус согласно третата едиција на BFC SEE Програмата.
Новото воведено четврто издание на стандардот BFC, објавено оваа година, става посебен акцент на дигитализацијата, одржливиот и општествено одговорен развој, зачувувањето на животната средина, поттикнувањето на иновациите и интеграцијата во ЕУ на локално ниво. Над 60 градови од целиот регион се вклучени во Програмата за БФЦ СЕЕ да се стекнат со овој сертификат, кој всушност е потврда за обезбедување на квалитетна услуга и соработка на локалната власт со бизнис заедницата. Новата едиција на стандарди за стекнување со сертификатот е фокусирана и на размена и имплементација на реформски ориентирани решенија, клучни за напредокот на регионот кон интеграцијата во ЕУ. Имплементацијата на Програмата БФЦ СЕЕ започна во 2012 година, а нашата земја е една од првите земји во чии локални власти започна имплементацијата на овие стандарди.


Видео:
https://m.youtube.com/watch?v=aguBnOnN1I0&feature=youtu.be