Западен Балкан се обедини за паметни градови и структуриран регионален дијалог за спроведување на ЗЕЛЕНАТА АГЕНДА на локално ниво

 

Првиот форум на локални самоуправи: Отклучување на иднината: иновации, еко-подигање и издигнување - Западен Балкан се обедини за паметни градови“ се одржа во Тирана( Република Албанија) на 12 октомври 2023 година. Овој Форум беше организиран во пресрет на Самитот на Берлинскиот процес што ќе се одржи на 16 октомври, 2023 година во Тирана, а претставува продолжување на засилените дискусии за забрзана интеграција во ЕУ, како и структуриран регионален дијалог со локалните самоуправи за Зелената агенда за Западен Балкан. Првиот Форум на локални самоуправи го организираше Регионалниот совет за соработка (РСС) заедно со општина Тирана и Мрежата на асоцијации на локални власти на Југоисточна Европа (НАЛАС).

Од Форумот беше испратена пораката дека во справувањето со итни еколошки прашања, меѓу кои: загадувањето на воздухот, управувањето со отпадот и влијанијата на климатските промени, градовите и општините се главните субјекти што треба да преземаат активности за нивно надминување. Во таа насока,  справувањето со овие прашања бара суштински промени во урбана инфраструктура, транспортните системи и изворите на енергија, што можат да бидат доста сложени и кои бараат  обезбедување на огромни финансиски средства. Затоа, императив е градовите и регионите да бидат поддржани во забрзувањето на нивната транзиција кон еколошки и дигитално напредни урбани средини. Овој дијалог за засилување на колективните напори бара иновации, еко-подигање и издигнување. Соработката помеѓу локалната и централната власт, ангажманот со граѓанското општество и приватниот сектор и талентираната претприемачка младина може да донесе разновидна експертиза и ресурси и да помогне овој регион да премине кон позелена и дигитална иднина.

Пред присутните, со пораки за структурирана акција за спроведување на Зелената агенда на локално ниво, се обрати генералната секретарка на РСС, Мајлинда Брегу. Воведно обраќање имаше Арбјан Мазнику, министер за локална самоуправа на Албанија, потоа говореа: Луиџи Сореца, амбасадор на ЕУ во Албанија, Мехмет Ергун Туран, претседател на НАЛАС и градоначалник на Фатих, Истанбул и Матие Мори, генерален секретар на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа. Учесниците имаа можност да бидат дел од панелот посветен на зелената трансформација на градовите низ Западен Балкан каде, градоначалничката на Град Скопје, Данела АРсовска го презентираше проектот што ќе се имплементира во нашиот град. За своите активности  во насока на обезбедување на паметни градови говореа и  Ерион Велиај, градоначалникот на Тирана; Перпарим Рама, градоначалник на Приштина; Самир Авдиќ, заменик градоначалник на Сараево и Лука Ракчевиќ, заменик градоначалник на Подгорица.

Дел од програмата на Форумот вклучуваше и презентација на најдобрите практики на ЕУ, како и дигитални решенија кои можат да имаат конкретно влијание кон почисти и попаметни урбани средини. Дигиталните решенија се обезбедени во рамките на водечката иницијатива на RCC, Balkathon, годишен натпревар за најдобро регионално дигитално решение, кој се одржува од 2020 година.