Споделени искуствата на општините од нашата земја пред албанските општини на Форумот „Општините и евроинтегративниот процес“
„Општините и евроинтегративниот процес“ беше тема на отворената дискусија на Форумот за локална самоуправа, што се одржа во Тирана, на 13 октомври, 2023 година, во организација на НАЛАС и проектот ЕУ за општините, во Албанија. Пред голем број градоначалници од Албанија и претставници од централната власт на оваа земја, пред претставници на Делегацијата на Европската Унија и на Мрежата на здруженија на власти од Југоисточна Европа беа презентирани добри практики и искуства за интегрирањето на земјата во ЕУ и улогата на општините во тој процес. Подетално се говореше и за структурната улога на општините и нивните асоцијации во процесот на членство во ЕУ, како и поддршката на ЕУ за општините преку финансирање на важни развојни проекти.

На Форумот учествуваше заменик директорката на ЗЕЛС, Ардита Дема Мехмети која говореше за заложбите и активностите на ЗЕЛС во поддршката на општините во евроинтерграцискиот процес. Таа нагласи дека ЗЕЛС има голема улога во навремено информирање на своите членки за активностите на Европската Унија и за сите проекти што обезбедуваат финансиска поддршка, а произлегуваат од претпристапна помош за земјата во процесот на нејзиното интегрирање во ЕУ. Од особено значење е поддршката што им ја дава ЗЕЛС на своите членки во делот на градењето на соодветни административни капацитети, преку реализација на низа обуки за изработка на квалитетни проекти. Мехмети посочи дека за разлика од Албанија, каде сега постепено се пристапува кон решавање на предизвикот со кофинансирањето и со управувањето на проектите, во нашата земја, особено во делот на ИПА програмата за проектите од компонентата за преку-гранична соработка, општините добиваат финансиска поддршка од 15% кофинансирање што се обезбедува преку Владата на РСМ, односно преку Министерството за локална самоуправа. Тоа е од големо значење за општините, ако се има во предвид ниското ниво на фискална децентрализација, односно слабата финансиска самостојност на општините. Заменик директорката, Мехмети ја претстави и иницијативата што ЗЕЛС ја понуди на Владата на РСМ уште пред повеќе од 10-години, за отворање на Банка на општините, како можност да се покрие недостаток со средства со поволни кредитни линии за што претходеше и детална студија изготвена од Економскиот фaкултет, но овој проект не доби одобрување од Министерството за финансии. Основна идеја беше токму обезбедување на финансиска поддршка на општините и во делот на реализација на проекти од европските и други фондови. Искуства и добри практики пред албанските градоначалници, особено за искористувањето на европските фондови изнесоа и претставниците на асоцијациите на општините од Црна Гора, Хрватска и Косово.
Од овој Форум произлегоа и повеќе препораки ,меѓу кои : Асоцијациите на локалните самоуправи на земјите од Југоисточна Европа играат важна улога во поддршката на локалните власти за обезбедување на поквалитетни услуги и обезбедување на европски стандарди, преку интегрирање на земјите во Европската Унија. За надминување на предизвиците со недостаток на квалитетни административни капацитети за испорака на проекти од претпристапната помош, асоцијациите активно да се вклучат, особено преку испорака на квалитетни обуки за своите членки и други иновативни форми на поддршка, за што поголемо искористување на средствата од европските фондови. Како и да се организираат повеќе средби за размена на искуства и да се потенцира вмрежувањето на општините од регионот за воспоставување на соработка и заедничко аплицирање и искористување на европските финансиски средства.
