За дигитален развој во комуналните дејности потребна сеопфатна квалитетна инфраструктура, усогласување на законодавството и голема финансиска подршка од централната власт
,,Комунални услуги во паметните градови“ беше темата на 11 конференција на Здружението на даватели на комунални услуги во нашата земја (АДКОМ) што се одржува на 18 и 19 октомври, 2023 година во Скопје. Фокусот на дискусиите меѓу бројните претставници од комуналните претпријатија од земјава и од странство, како и на поканетите домашни и странски експерти беше насочен кон можностите за модернизација на овој сектор преку дигитализација. ЗЕЛС, како здружение на единиците на локална самоуправа е долгогодишен партнер со АДКОМ во процесот на унапредување на работата на јавните комунални претпријатија,чии основачи се токму општините. Во таа насока пред повеќе години двете здруженија потпишаа и Меморандум за соработка со цел унапредување на квалитетот на јавните комунални услуги во земјава. Дел од темите на кои се дискутираше на овој дводневен настан беа: „Дигитализација и дигитални искуства и практики за водните услуги“; ,,Улога на регулаторот во дигиталната трансформација“; ,,Како до одржливи и ефикасни системи за водните услуги“; ,,Управување и регулација на отпад“ . Во рамките на конференцијата беше организирана и техничка изложба на претпријатија чии дејности се тесно поврзани со потребите за работа на комуналните претпријатија.

Конференцијата ја отвори претседателот на АДКОМ, Пеце, Милевски, кој говореше за улогата на АДКОМ и неговата важност за комуналните претпријатија во насока на взаемна соработка, лобирање и поддршка, говореше. Тој посочи дека модернизацијата на комуналните дејности е неизбежна и дека соработката меѓу централната, локалната власт и комуналните претпријатија е важен императив во овој процес. Воведен збор имаше и извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, како и министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова.
– „ Унапредувањето на урбаното живеење, особено во делот на јавните комунални услуги е важен предизвик со кој се соочуваат и општините, кои се основачи на јавните комунални претпријатија. Едена од можностите за модернизација на работењето на овие претпријатија е и обезбедувањето на електронски услуги во оваа област, како што впрочем тоа ЗЕЛС веќе петнаесетина години наназад го прави за своите членки, општините“ истакна Перишиќ во своето обраќање, упатувајќи честитки до организаторот на конференцијата во име на претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, кој од оправдани причини не беше во можност да присуствува на овој настан. Таа ги посочи електронските системи со кои, во име на општините, управува ЗЕЛС, а кои не само што обезбедуваат квалитетни и брзи услуги за граѓаните, туку обезбедуваат и превенција од коруптивни дејствија, заштеда на материјали и голема транспарентност во постапките . Дел од оваа успешна приказна ЗЕЛС ја пренесе и на две држави од регионот, па од таму, одржување токму на вакви конференции, се важно местото за разменување на идеи и концепти за натамошни надградувања и развивања во сите сектори, а особено во комуналната дејност. Сепак, за дигитален развој и обезбедување на електронски услуги, Перишиќ нагласи дека од голема важност е и поддршката од централната власт за обезбедување на соодветна инфраструктура, усогласено законодавство и соодветни финансиски средства. Беше нагласено дека ЗЕЛС веќе подолг временски период од централната власт бара поддршка за обезбедување на електронски систем преку кој ќе се водат сите постапки поврзани со плаќањето на данок на имот, но дека засега не е постигнато взаемно усогласување.
Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шуков нагласи дека иако најголем дел од нашето законодавство во делот на животната средина и комуналните дејности е усогласено со европското законодавство, сепак во одредени области, како што е управувањето со комуналниот отпад, државата има најслаб прогрес во имплементацијата, а во делот на имплементацијата на вода и водни услуги има и соодветен напредок. Таа нагласи дека најголемиот предизвик со кој се соочуваат јавните комунални претпријатија и општините, како нивни основачи е потребата од обезбедување на соодветна инфраструктура, за што е потребна взаемна соработка на сите нивоа на власт и се разбира соработка со комуналните претпријатија. Во таа насока таа ги повика општините да бидат подготвени за имплементирање и успешно спроведување на поставената законска регулатива.

