Средба на извршните директори на асоцијациите на локални власти на Северна Македонија и на Кралството Шведска, во Стокхолм

Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ се сретна со  извршниот директор на шведската Асоцијација на локални власти и региони  (САЛАР),  Пале Лундберг ( Palle Lundberg) во рамките на студиската посета што беше организирана во периодот од 24 до 27 октомври, 2023 година во Стокхолм, (Кралство Шведска). Тие разговараа за начинот на организирањето на двете асоцијации, нивната улога и услугите што им ги даваат на своите членки, за изворите на нивното финансирање, како и за надлежностите што ги имаат општините и регионите во Шведска и во нашата земја.

Извршниот директор на САЛАР, Пале Лундберг нагласи дека членството во нивната Асоцијација е на доброволна основа, но дека сите 290 општини и 21 регион  изразиле волја и се активни членки на САЛАР. Улогата на САЛАР  е да лобира за  подобрување на законските услови за спроведување на надлежностите на локалните и на регионалните власти за обезбедување на поквалитетни услуги за граѓаните, но исто така голем дел од своето работење го посветува и на обезбедување на квалитетни административни капацитети на овие власти и заложба за заштита и унапредување на нивните права. Директорот Лундберг  говореше  за организационата поставеност на САЛАР, односно посочи дека Конгресот е највисокото тело на САЛАР (составено од претставници избрани на локални избори) кое се состанува најмногу до два пати во текот на четири години. Пооперативно тело на САЛАР е Одборот,  составен од 21 член (и исто толку заменици), со кои се среќава еднаш во месецот, а најголема соработка извршниот директор нагласи дека има со Извршниот комитет кој брои седум члена (и исто толку заменици) и со нив има чести средби, најмалку еднаш во неделата. Организацијата има и три дополнителни тела (делегации): за ревизија, за здравствена заштита и за преговори, како и девет комисии со повеќе од 250 членови кои се политичари, а се утврдени според области соодветни со  надлежностите на општините и на регионите (за култура; за демократија; за образование; е-општество; регионален развој; за активности со Европската Унија; за планирање и развој на заедницата; за примарна здравствена заштита и грижа за стари лица и за социјална политика).

Во однос на финансирањето на САЛАР, извршниот директор, Пале Лундберг  нагласи дека финансиските извори се различни, но најголемиот дел  се  средства што како одреден процент ги земаат од даноците што ги добиваат општините и регионите од своето население. Поточно во  2022 година,  од секој шведски граѓанин САЛАР добил 51 шведска круна. Шведска има вкупно население од околу 10,4 милиони (2020). Целокупниот буџет на САЛАР за 2022 година изнесувал  531 милиони шведски круни, каде се вклучени и други финансиски извори, меѓу кои: приходи од курсеви и конференции, публикации, надоместоци за консултантски услуги;  од проекти за кои добива значителна финансиска поддршка од Владата на Кралството Шведска како и од други извори на финансирање. САЛАР има седум свои организации (фирми -ќерки), меѓу кои една од нив е  САЛАР Интернационал, која во нашата земја започна со имплементација на четиригодишниот проект „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“ во шест општини од Југозападниот и Пелагонискиот регион  (Битола, Прилеп, Новаци, Охрид, Кичево и Пласница).

Извршната директорка на ЗЕЛС, нагласи дека постојат големи сличности во улогата, но и во организационата поставеност на ЗЕЛС и на САЛАР, со значително помалубројна администрација и финансиски средства за работење на нашата асоцијација, но дека и на двете организации главната цел им е лобирање за интересите на локалните власти и поддршка во јакнењето на капацитетите на општинската администрација. При тоа Перишиќ   нагласи дека ЗЕЛС  ќе даде целосна поддршка за реализација на Проектот  што САЛАР  Интернационал го спроведува во нашата земја, во шестте општини, но дека соработката може да се продлабочи и на други полиња од надлежност на општините. При тоа таа говореше за електронските услуги што општините во нашата земја им ги даваат на граѓаните,  во делот на дозвола за градење, управување со градежното неизградено земјиште и продажбата на движни и недвижни ствари во сопственост на локалната власт, а кои во име на општините ги одржува ЗЕЛС. При тоа Перишиќ ја потенцираше повеќегодишната заложба на ЗЕЛС за обезбедување на електронски систем за спроведување на целиот процес на плаќање на данок на имот во  нашата земја. На крајот од разговорот и двајцата извршни директори изразија желба за продлабочување на взаемната соработка, при што Перишиќ  го покани директорот на САЛАР да ја посети нашата земја, односно да  го посети ЗЕЛС.

Делегацијата оствари средба со високи политички претставници на САЛАР и со претседателот на Советот на градот Стокхолм

Во рамките на оваа посета, делегацијата од нашата земја оствари средба и со политички претставници, членови на организациските телата на САЛАР , односно со првиот потпретседател на САЛАР, градоначалник на општина Томелила, Леиф Сандберг, (Leif Sandberg)  и со Карола Гунарсон (Carola Gunnarsson)  заменик претседател на Обединети градови на локална самоуправа (UCLG), портпарол на САЛАР за активности во Советот на европски општини и региони (CEMR),  поранешна прва потпретседателка на САЛАР, градоначалник на општина Сала. Исто така, делегацијата оствари средба и со претседателот на Советот на градот Стокхолм, Оле Бурел (Olle Burrel) кој  говореше за предизвиците со кои се соочува градот во испорака на услугите за своите граѓани, како и за организационата поставеност и изворите на финансирање на градот. На ова средба беше презентирана и целокупниот систем за вода и отпад на Стокхолм. 

Во текот на четиридневната посета, делегацијата од нашата земја имаше можност да ја посети постојката за производство на биогас од органски отпад, што се наоѓа во Упсала, од каде со овој енергенс се снабдува дел од јавниот автобуски превоз на Упсала, детски градинки и училишта, а воедно  беше организирана и теренска посета на  подрачјето каде се започнати активности за реализација на проектот за развој на Кралското пристаниште, во Стокхолм. Станува збор за одличен пример на воспоставен интегриран систем за управување со отпад, проект за модел на одржливост, обезбедено учество на граѓаните, адаптација на климатските промени, економски развој и друго.

Цел на студиската посета

Во студиската посета учествуваа десет претставници од нашата земја во чиј состав имаше двајца претставници од ЗЕЛС, потоа од Министерството за животна средина и просторно планирање како и претставници од Министерството за локална самоуправа, предводени од министерот Ристо Пенов. Учесниците се запознаа со историја на развојот на шведскиот систем за локална самоуправа; со  улогата на САЛАР, особено во шведската јавна администрација и правните и финансиски принципи на организација и функционирање на здружението на локална самоуправа; со значењето на базите на податоци за креирање на политики за  подобрување на општинските услуги; се говореше за поддршката што им ја дава САЛАР  на општините во справување со корупција каде беше посочено дека е на многу ниска, но сепак се работи на тоа да биде и целосно ,,изолирана“. Од голема важност во оваа посета беше и запознавањето за активностите на Шведска и на општините и регионите во управувањето со отпадот, каде беше опфатено и значењето на родовиот аспект во планирањето на овие активности. Генерално, студиската посета имаше за цел да обезбеди запознавање на клучните концепти за децентрализација и локално управување, фокусиран на системот на политичка, административна и фискална децентрализација, концентрирајќи се особено на поделбата на одговорноста во и помеѓу различните нивоа на власт. Исто така, посетата беше насочена и кон создавање на појасна визија за хоризонтална соработка во децентрализиран систем на управување на повеќе нивоа, вклучувајќи органи на централната власт и секторски министерства; потоа подигање на свеста за потребниот дијалог за одржливо управување со отпадот, неговите клучни придобивки и примената на упатствата на ЕУ во пракса, преку сеопфатен вовед во шведскиот систем за управување со отпад,