Продлабочување на соработка со збратимени општини и развивање на европски проекти во фокус на студиската посета во Малта

Членовите на Комитетот на совети при ЗЕЛС, од 31 октомври до 04 ноември, 2023 година за време на студиската посета се запозна со организациската поставеност на локалната самоуправа во Република Малта и начинот на функционирање на советите, надлежноста на градоначалниците и улогата на регионите во спроведувањето на активности за подобрување на животот на граѓаните. За време на студиската посета која е во организација на канцеларијата на УНДП во Скопје, а дел од активностите за вмрежување и размена на добри пракси во рамките на проектот “Зајакнување на општински совети-фаза 2“, која се спроведува во партнерство со ЗЕЛС, а со финансиска поддршка на Швајцарската Амбасада и Министерството за локална самоуправа, учесниците имаа можност да се запознаат со улогата на Асоцијацијата на локални совети во Малта која дава институционална поддршка на советите и градоначалниците преку застапување и лобирање и зајакнување на општинските капацитети. Понатаму, во рамките на средбите со претставници од регионалните совети, градоначалници и Парламентарниот секретаријат за локална самоуправа на Малта учесниците на посетата разменија искуства со домаќините за надлежностите на општините, односно системската поставеност во двете земји, при што во Малта се уште се централизирани сервисите кон граѓаните за разлика од кај нас каде е децентрализирано собирањето даноци, комунални такси, образование, социјална заштита. Се разменија искуства и за вклучувањето на граѓаните при развој на проекти, меѓу општинската соработка на регионално ниво, се зборуваше и за начинот на одговорно и транспарентно работење на општините, како и за родовата еднаквост која е на многу основно ниво.

За време на посетата се разговараше и за можноста за продлабочување на воспоставените соработки на збратимените општини од двете земји во полето на аплицирање и спроведување на европски проекти, нови збратимување и размена на искуства во различни области, за што ЗЕЛС и Асоцијацијата на локални совети од Малта би дале поддршка во иднина. Во таа насока и очекуваме возвратна посета од претставници од Малта во нашата земја.

Според организациската поставеност во Република Малта има 6 региони, 68 совети и 468 советници.