ДВАЕСЕТ И ВТОРИ СОСТАНОК НА ЗАЕДНИЧКИ КОНСУЛТАТИВЕН КОМИТЕТ МК-ЕУ Финансии и реформи за усогасување со вредностите и стандардите на ЕУ

Општините и граѓаните сакаат да бидат дел од европското семејство, да се работи на имплементирање на европските стандарди и вредности, но не членство по секоја цена, истакна Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода, на отворањето на 22-от состанок на  Заедничкиот консултативен комитет на градоначалници од нашата земја и Евопската унија, претставуван преку европскиот Комитет на региони. Во ситуација кога се налага на општините да имплементираат 70% од европското законодавство, ЗЕЛС бара во процесот на преговори со ЕУ да се отвори нов посебен кластер за „Развој на децентрализацијата и реформи во системот на локалната самоуправа“.  Причината е во стагнација на структурната и фискална децентрализација, иако ЗЕЛС пред пет години иницираше пакет на промени за поголема финансиска стабилност на локалната власт и промени во организациската поставеност на работењето на општините. Наместо поголема финансиска самоодржливост, општините добија поголеми одговорности без решенија за тешката финансиска состојба. Оставени беа сами на себе и во справување со ковид и енергетската криза, како и во поддршката за обезбедување електронски систем за евидентирање и наплата на данок на имот, што е основен извор на приходи на општините. Од значителна важност за општините се и финансиските инструменти на ЕУ за јакнење на локалните административни капацитети, подобрување на инфраструктурата и поддршката во реформите што би довеле до усогласување со вредностите и стандардите на ЕУ, а заради подобрување на квалитетот на услуги кон граѓаните, рече Ѓорѓиевски, упатувајќи апел до делегатите на европскиот Комитет на региони да се заложат за отворање ново поглавје за напредокот на децентрализацијата во процесот на преговори со ЕУ.

Од своја страна, Ристо Пенов, министер за локана самоуправа, ја истакна важноста на поддршката од Европската Унија во реализација на проектите за развој на општините. Потребно е да се увидат напорите  за унапредување на системот на локалната самоуправа и интегрирање на стандардите на ЕУ за рамномерен и одржлив социо-економски развој, како и резултатите и предизвиците произлезени од скринингот на ЕУ за  напредокот на државата. Највисок приоритет на Владата е преговорите со ЕУ да продолжат со отварање на поглавјата и да се обезбеди континуитет во реформите, рече Пенов. 

Ко-претседавачките на ЗКК, Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје, и Јасна Габриќ, член на Собрание на општина Трбовље, Словенија, изразија задоволство од можноста да се разменат информации и да се направи преглед на досега постигнатиот напредок на локално ниво во контекст на евроинтеграциските процеси. Треба да се говори за добрите практики и позитивни примери, и да се одреди фокусот на работа во наредниот период со цел општините да бидат поподготвени, истакна Арсовска. Габриќ го сподели впечатокот за напредокот на земјата преку личното искуство од збратимување на општина Трбовље со општина Валандово, каде гледа дека се спроведуваат европски стандарди, а локалните власти длабоко се навлезени во спроведување проекти од областа на култура, социјална заштита и поддршка на млади. 

Бен Нупну, заменик шеф на Делегацијата на ЕУ најави дека деновиве се очекува да биде објавен извештајот на Европската комисија за напредекот на реформите,  го истакна скриниг процесот што е во тек, а се задржа и на поддршката за општините што се обезбедува преку разни инструменти на Европската Унија. 

Ана Маѓар, известител за проширување на Комитетот на региони ги потенцираше заложбите на Комитетот во процесот на проширување и важноста од навремено, квалитетно спроведување на потребните реформи на земјите кандидати. 

Хрватското искуство во процесот на пристапување во ЕУ го сподели Јошко Клисовиќ, член на Комитет на региони и претседавач на Собрание на Загреб, поранешен заменик министер и советник за надворешни работи на претседателот на Хрватска 

Во рамки на темата за владеење на правото и улогата на локалните заедници во борбата против говорот на омраза, злосторствата од омраза, лажните вести и дискриминација се споделија искуства од повеќе делегати во справувањето со говорот на омраза и повикаа на санкционирање согласно расположливата рeгулатива и изнаоѓање решенија за спречување на  истите, но како што истакнаа експертите треба точно да се знае каде почнува правото на говор, а кога се преминува во говор на омраза. За ова говореа Петра Балажиќ, Центар за европска перспектива, Словенија,  Симеон Дукиќ  од Мрежа на силни градови, и Филип Стојановски, директор на Метаморфозис, компанија за проверка на факти.

Заеднички консултативен комитет (ЗКК) претставуван преку европскиот Комитет на региони, го сочинуваат вкупно 22 делегати, односно по 11 делегати од нашата земја и Европска унија, од редот на градоначалници и советници. ЗКК се одржува двапати годишно, еднаш во Брисел, и вториот во Скопје чии домаќин е ЗЕЛС.