Излезе од печат новиот број на Гласило на ЗЕЛС

Гласилото на ЗЕЛС за месец октомври содржи низа информации околу активностите на ЗЕЛС реализирани во овој период Управниот одбор на ЗЕЛС, на почетокот на октомври, ја одржа осумнаесеттата седница на која се дискутираше за повеќе предизвици со кои се соочуваат локалните самоуправи, меѓу кои: недостатокот на финансиски средства што тие ги добиваат со блок дотациите за спроведување на децентрализираните надлежности; недоволната или лоша соработка меѓу локалната и централната власт и потребата за реафирмирање на прашањето за формирање на комунална полиција. ЗЕЛС, во  текот на овој месец, до општините го достави Предлог-законот за административни службеници, а потоа, пристигнатите забелешки и предлози ги испрати до Генералниот секретаријат на Владата на РСМ. Најголемиот број од забелешките што стигнаа од општините се однесуваа на членот 69. Во реакциите тие посочуваат дека дел од предложените измени водат кон дискриминирање на вработените во локалната самоуправа, особено за направената разлика во бодовите на административниот службеник во министерство или секретаријат и оние во локалната самоуправа за исто ниво, за исти стручни квалификации и исти работни задачи. Тоа би предизвикало негативни ефекти при спроведувањето на услугите и би се одразило со уште поголемо продлабочување на недостатокот од професионален и стручен кадар, предизвик со кој општините се соочуваат веќе подолг период. Во оваа насока, треба да се има предвид дека и бројот на административни службеници во локалната самоуправа е незначителен (околу 5 000 лица) во однос на вкупниот број на административци во земјава. Овој месец, седница одржа и Комисијата за следење на развојот на системот за финансирање на општините, на која беа усвоени предлог- уредбите за блок дотации за основното и за средното образование за општините, за 2024 година. Со тоа, и следната година општините ќе добиваат средства по досегашната формула, а не по новата предлог-формула, каде што се предвидуваше средствата за образование да се утврдуваат според пресметаните вистински трошоци по ученик.

Заложбите и активностите на ЗЕЛС во поддршката на општините во евроинтегративниот процес беа презентирани на Форумот за локална самоуправа, „Општините и евроинтегративниот процес“ што се одржа во Тирана на средината на октомври.  Делегација од ЗЕЛС учествуваше и на меѓународната конференција „CORE Days 2023“ во Котор, каде што за време на конференцијата беа врачени и сертификатите БФЦ СЕЕ. ЗЕЛС, како акредитиран технички секретаријат за нашата земја, е вклучена во Програмата за сертификација на градови и на општини со поволно деловно опкружување во Југоисточна Европа (БФЦ СЕЕ) уште од 2012 година. 

Извршните директори на ЗЕЛС и на Шведската асоцијација на локални власти и региони (САЛАР) имаа средба во Стокхолм, во рамките на студиската посета, организирана како дел од активностите на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, што во период од четири години се спроведува во нашата земја, во шест општини од Југозападниот и Пелагонискиот Регион, преку САЛАР Интернешенал. Тие разговараа за начинот на организирањето на двете асоцијации, нивната улога и услугите што им ги даваат на своите членки, за организацијата на локалната самоуправа и изворите на финансирање. 

Подетални информации за овие, но и за други настани организирани од ЗЕЛС, можете да  прочитате во овој број на Гласило на ЗЕЛС

Гласило Октомври 2023