Функцијата претседател на совет треба да се почитува и од градоначалникот и од администрацијата-еден од предизвиците на претседателите на совет од општините од Скопскиот регион

Со средбата  на претседателите на советите на општините од Скопскиот регион и членови на Комитетот на совети при ЗЕЛС која се одржа на 10 ноември, 2023 година во ЗЕЛС, отпочнаа серијата на средби по региони на овие избрани лица, активност која ја организира ЗЕЛС за првпат во овој состав на советници.  Како и за претседателите на совети од сите општини од претходниот мандат, така и сега ЗЕЛС ќе спроведе работни средби со нив по региони на кои се претставува улогата и функцијата на Комитетот на совети при ЗЕЛС како нивно матично тело преку кое би се иницирале активности и идеи за унапредување на статусот и работата на советниците на ниво на цела држава.

Извршната директорка Душица Перишиќ ги запозна присутните со функцијата на Комитетот на совети при ЗЕЛС кое тело е составено од 9 членови, претседатели на совети од сите 8 региони и претседателот на совет на Град Скопје кој по функција е член. Со оглед на тоа што Комитетот има координативна функција им укажа на потребата од почеста комуникација на претставникот од ова тело со останатите претседатели на совети од регионот со цел утврдување на одредени предизвици и потреби, нивни идеи и иницијативи кои понатаму ќе се разгледуваат од ова тело на ЗЕЛС и како заклучоци, препораки или иницијативи би биле претставувани и пред Управниот одбор на ЗЕЛС, а понатаму доколку се одлучи и пред централните власти.

Иницијатива за организирање на вакви средби на ниво на региони и на цела држава ја актуелизираше претседателот на Совет на Општина Кисела Вода, Иван Живковски неодамна со цел отворање на прашања од интерес на функционирањето на советниците, односно претседателите на совети, дискусија и предлагање на решенија со цел нивно решавање. На оваа средба тој ја истакна потребата од решавање на статусот на претседател на совет, односно негова професионализација по теркот на функцијата градоначалник, односно за време на четиригодишниот мандат да биде во мирување нивниот професионален ангажман, а не да се извршува паралелно. Тој и други присутни претседатели се согласија со оваа идеја која би придонела до професионално и посветено извршување на функцијата претседател која е навистина многу одговорна, бара посветеност и голем ангажман. За тоа да се оствари, како што истакна Живковски е неопходно да се отвори постапката за промена на Законот за локална самоуправа кој не е изменет и отворен од 2002 година. Во однос на тоа како функционира советот на Општина Кисела Вода се пофали со редовност, добра координација и соработка во рамки на советот и со градоначалникот.

И останатите присутни претседателки на совет од општините Гази Баба, Илинден и Ѓорче Петров се согласија со идејата за професионализација на функцијата претседател на совет, понатаму од неопходноста на вработени лица за поддршка на советот и претседател на совет. Според Зоран Љутков, претседател на Совет на Општина Велес и член на Комитетот на совети може да се размислува за вработувања на лица за поддршка на претседателот и советот на општината кои би биле со мандат како и советниците, односно да се вработуваат кабинетски службеници.  Тој смета дека функцијата претседател на совет е потценета, но тоа е многу одговорна и бара посветеност и дури некогаш неиздржано се „вперува со прст“ кон претседателот на совет за потпишани одлуки кои се изгласани од советот. Тој и останатите присутни сметаат дека треба да се работи на подобрување на имиџот на претседатели на совет пред се кај администрацијата која многу често не им излегува во пресрет на барањата на претседателите на совет кои се под влијание на градоначалникот како нивни работодавец. Соработката на советот со администрацијата треба да е редовна, континуирана и да не подлежи на влијанија од градоначалникот се согласија и претседателите на совети од Сопиште, Чаир, Арачиново и Зелениково.

Претседателот на совет на Град Скопје, Трајко Славески кој исто така ги има предизвиците за не(соработка) со администрација и немање на вработени лица за поддршка на советот,  даде конкретен предлог за надминување на предизвикот на несоработка градоначалник и претседател на совет. Славески смета дека е време да се промени системот на избор на градоначалник и совет со што овие функции би биле на исто ниво на рамноправност, претседателот да има повеќе ингеренции, а советите да бидат покомпактни. Според него треба да се размислува за изборен модел со отворени листа на која ќе се избира и градоначалникот и советниците, по примерот на САД, Р. Малта каде што неодамна беа на студиска посета членовите од Комитетот на совети при ЗЕЛС..

Некои од присутните членови сметаат пак дека професионализацијата на функцијата претседател на совет нема да биде функционална во помалите и рурални општини, но се согласија дека е многу важна соработката со градоначалникот и администрацијата.

На крај, тие ја истакнаа и потребата од почести вакви средби, обуки на почеток на мандатот, но и додека трае, за прашања од надлежност на општините со цел подобрување на нивната информираност, знаење и работа за потребите на граѓаните.