Се одржа деветнаесетата седница на Управниот одбор на ЗЕЛС

На 15.11.2023 година во просториите на општина Крива Паланка се одржа 19-тата седница на Управниот одбор на ЗЕЛС. Домаќинот, г-дин Сашо Митовски, градоначалник на општина Крива Паланка, а воедно и член на Управниот одбор, ги поздрави присутните и изрази задоволство за новата пракса на одржување на седниците на Управниот одбор во разни градови. 

Членовите на Управниот одбор во рамките на седницата дискутираа по два предлог закони и разгледаа неколку интерни документи на ЗЕЛС. 

ЗЕЛС на годишно ниво ги артикулира ставовите во однос на процесот на децентрализација, тековните надлежности  и барањата на нејзините членки околу функционирањето на локалната самоуправа, процесите и предизвиците со кои се соочуваат и предлозите за подобрување и унапредување на локалната самоуправа со крајна цел испорачување на подобри услуги за граѓаните. Сите овие предлози, барања и ставови се содржани во рамките на документот Систематизирани ставови на ЗЕЛС кој беше усвоен на оваа седница со претходна консултација со сите членки. 

На оваа седница беше утврден датумот, четврти декември 2023 како и дневниот ред за одржување на петтата седница на Генералното собрание на ЗЕЛС. Како материјал за петтата седница на Генералното собрание на ЗЕЛС беа разгледани предлог буџетот на ЗЕЛС за 2024 година и предлог Акцискиот план на ЗЕЛС за 2024, документи каде се предложени активностите предвидени за реализација и истите се однесуваат на лобирање и застапување на членките, информирање испорачување на услуги во делот на техничка поддршка за корисниците и одржување на воспоставените  електронски системи на ЗЕЛС, реализација на обуки во рамки на ЗТЦ како и реализација на проекти во делот на родовата еднаквост, спроведување на зелена агенда на локално ниво, унапредување на политиките за социјална заштита на локално ниво и други активности во соработка со донатори. Целосната финансиска конструкција за реализација на овие активности е димензионирана на 32,420,000 денари. На седницата беше усвоена измена на предлог планот за измена на Планот за јавни набавки за 2023 како и беше усвоен Планот за јавни набавки за 2024 година. Поради високите трошоци за одржување на постојните две возила на ЗЕЛС, беше одлучено истите да се донираат на општини кои имаат нужна потреба за возила. За таа цел ќе се утврди листа на критериуми и со одлука на Управниот одбор ќе се одлучи на кои општини ќе се донираат истите. 

Присутните разгледаа два предлог закони  и тоа текстот на Предлог законот за административни службеници и предлог Законот за комунална полиција. 

Текстот на Предлог-законот за административни службеници што Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) го постави на разгледување  на ЕНЕР предизвика низа реакции од единиците на локалната самоуправа. во однос на одредени членови и одредби кои ги засегаат општините. За таа цел ЗЕЛС организираше онлајн работилница каде општините ги искажаа сите забелешки и предлози по овој закон и истите во сублимирана форма беа испратени до Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија и МИОА. 

Генерална забелешка е дека овој Предлог-закон ги дискриминира вработените во локалната самоуправа, по образование, звања и систем на бодување, во однос на вработените во министерствата, што се на исто ниво. Разликата во бодовите на административен службеник во министерство или секретаријат и оние во локалната самоуправа за исто ниво, за исти стручни квалификации и исти работни задачи и обврски е демотивирачка и би предизвикала негативни ефекти при извршувањето на работните задачи од страна на вработените во општините. 

Во однос на текстот на Предлог-законот за комунална полиција, што пред неколку години го изработи Градот Скопје, и кој беше доставен до сите единици на локалната самоуправа на разгледување беше формирана работна група од неколку градоначалници кои детално ќе ги разгледаат одредбите по што дефинираниот Предлог-закон би се доставил до Владата на РСМ.