Соработката на ЗЕЛС и Владата е нужна и за тоа ќе вложиме заеднички напори- заклучок од средбата на ЗЕЛС и генералниот секретар на Конгресот на локални и регионални власти на Совет на Европа

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски заедно со потпретседателот и градоначалник на Општина Чаир, Висар Ганиу беа домаќини на средбата со Генералниот секретар на Конгресот на регионални и локални власти при Совет на Европа, Матие Мори кој е во официјални посети на Асоцијациите на општини во регионот. Најнапред, на средбата што се одржа на 17 ноември 2023 во просториите на ЗЕЛС од домаќините беше претставена функцијата и мисијата на ЗЕЛС потенцирајќи го единството на членките при донесувањето на одлуки во рамките на телата на ЗЕЛС за прашања од интерес на локалната самоуправа, без разлика на партиска или политичка припадност како „златен стандард“ во долгогодишното работење на ЗЕЛС. Претседателот Ѓорѓиевски смета дека овој начин на работа со единствени ставови на членките на ЗЕЛС е придобивка и добра пракса која се негува и дава позитивни резултати во работата на Асоцијација. 

Од страна на директорката на ЗЕЛС, Душица Перишиќ беше претставена структурата на ЗЕЛС како и тековните активности кои се однесуваат на лобирање и застапување на општините, градење на капацитетите и испорака на услуги со акцент на е-услугите во делот на управување со градежно земјиште по која услуга и сме препознаени од другите асоцијации  на регионално и меѓународно ниво. Директорката се осврна и на долгогодишните заложби и барања на ЗЕЛС за изработка и управување на софтвер за даноци на имот, за што се уште нема соодветна финансиска поддршка од централните власти или меѓународни институции. Но, ЗЕЛС останува да бара поддршка за развивање на оваа електронска услуга која ќе биде унифицирана и единствена за сите општини, а управувана од страна на ЗЕЛС по примерот на е-градежно земјиште.

Претседателот и потпретседателот ги претставија состојбите со процесот на децентрализација кој е успорен, како и за  предизвиците на локалните власти во секојдневното работење. Продлабочена децентрализација, препратена со соодветни финансиски средства е една од приоритетните полиња каде е фокусиран ЗЕЛС и за што е потребно да има слух и централната власт, но за жал и во последниот извештај на Европската комисија ова беше нотирано како слабо поле, каде не се забележува напредок. Тоа се потврдува и со низата барања кои ЗЕЛС ги има артикулирано во документот Систематизирани ставови,  и низата иницијативи кои се доставени до Владата од каде се забележува слаба соработка, дури и игнорантски однос од нивна страна, а некогаш тоа е про-форма соработка кога се даваат кратки рокови за одговори од страна на ЗЕЛС и општините по одредени законски решенија. Беше потенцирано дека веќе со месеци се чека на потпишување на нов меморандум за соработка на ЗЕЛС со Владата со кој ќе се уреди начинот на функционирање и решавање на предизвиците со кои се соочуваат општините, секако и за донесување на законски решенија кои се во корелација со европските директиви. Исто така беше изнесен фактот дека општините беа сами оставени да се справат со енергетската и економската криза и сето тоа се продлабочува на сметка на квалитетната испорака на услугите за граѓаните.

Пред генералниот секретар на Конгресот на регионални и локални власти при Совет на Европа беше истакнато дека е нужна и итна  потребата од продлабочување на децентрализацијата како со зголемување на приходите кои општините ги добиваат за веќе утврдените надлежности така и заради фактот што веќе локалните власти водени од принципот на супсидијарност ја чувствуваат нужноста и се подготвени да испорачаат и други надлежности со цел тие услуги се доближат поблиску до граѓаните,  притоа истите да бидат покриени со соодветни финансиски средства. Претседателот Ѓорѓиевски смета дека треба да се работи на промена на состојбите со централизираноста на надлежностите во земјата искажувајќи го фактот дека после Кипар, Р.С.Македонија е најцентрализирана земја во Европа. За тоа побара и поддршка од меѓународните институции, како Конгресот на регионални и локални власти при Совет на Европа.

Генералниот секретар Матие кој неодамна е избран на функцијата најнапред зборуваше за промените во Конгресот во однос на зголемен капацитет на вработени, а со тоа и најави за нови соработки и промени во интерес на Асоцијациите и регионалните и локални власти во Европа. Понатаму, ги претстави и неговите перцепции при посетите на соседните земји како дел од мониторинг мисијата, при што го поздрави единството на ЗЕЛС при донесувањето на одлуките, што не е пример во Р. Албанија и Р. Црна Гора. Единството на ЗЕЛС е позитивна страна, но недоволната соработка со Владата и слабиот прогрес на децентрализација се негативни страни и  се теми кои ќе ги разгледа и соодветно ќе предложи активности за надминување, секако во рамките на надлежностите на Конгресот. Г-дин Матие смета дека одреден притисок на Владата за овие прашања, како една од функциите на Конгресот ќе биде од помош за надминување на овој проблем, како и поддршка од амбасадори на европски земји од кои би побарал да организираат настан за собирање на едно место на локалните и централните власти во присуство на амбасади. За оваа идеја домаќините се согласија дека е потребно да има позитивен притисок, но не очекуваат некои промени од заеднички настан. ЗЕЛС ќе ја продолжи соработката со Конгресот на регионални и локални власти и за сите иницијативни кои се од интерес на општините ќе даде свој максимален придонес.