Битола, Прилеп, Новаци, Охрид, Кичево и Пласница ги финализираат локалните акциски планови за управување со отпад

Претставници од шест пилот- општини од Пелагонискиот регион и од Југозападниот регион, вклучени во проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“ учествуваа на работилница за подготовка на локални акциски планови за управување со отпад. Како една од серијата работилници, пилот општините, чекор по чекор, го развиваат акцискиот план со сите елементи, утврдените активности, индикатори и можности за регионална и меѓуопштинска соработка. Овој пат, на работилницата во Охрид, општините ги утврдуваaт алатките за импакт на активностите врз локалната заедницата, односно промените што истите би ги напраиле доколку се спроведат, мониторинг на постигнатите резултати, како и утврдување на родовата димензија во истите.

На работилницата, ЗЕЛС даде придонес во појаснување на врската меѓу управувањето со отпад и родовата перспектива. Управувањето со отпадот е активност зависна од човековото однесување и социо-економските фактори и оттука не може да биде родово неутрално. Почесто, политиките за управување со отпад се родово слепи бидејќи не ги земаат предвид различните гледишта за тоа што претставува отпад, различните навики во создавањето на отпадот и депонирањето на отпадот и различните потреби кои се однесуваат на управувањето со отпадот воопшто.

Интегрирањето на родовата перспектива во планирањето, спроведувањето и следењето на проектите за управување со отпад е неопходност за да се обезбедат подобри услуги за сите граѓани. Вклучува родова специфична анализа за тоа како се вреднуваат и користат достапниот отпад и ресурси и како спецификите на процесот би можеле да се подобрат и за жените и за мажите. 

Во тој контекст, собирањето податоци поделени според полот и водењето статистика за родовиот отпад е важна и корисна алатка која овозможува информирано планирање и донесување одлуки, како и подобрување на директното обезбедување на услуги.

Клучната влезна точка за вклучување на родовите аспекти во управувањето со отпадот е планирањето и усвојувањето на политики, стратегии и планови. Консултациите и анализата на податоците пред воведувањето на нови политики, процедури и технологии и еднаква застапеност на жените и мажите во овие консултации се од суштинско значење. Најефективната опција е да се воведе родова перспектива во изготвувањето на плановите и политиките бидејќи тоа дава најголем простор за ваков вид на интервенција.

Првите фази на циклусот за управување со отпад, т.е. создавањето и постапувањето со отпад, исто така обезбедуваат влезни точки за вклучување на родовата перспектива и треба внимателно да се анализираат и инклузивно да се планираат.

Неопходни се кампањи и активности за подигање на свеста во рамките на управувањето со цврстиот отпад (селекција, рециклирање, депонирање на отпад, итн.), кои треба да се однесуваат на специфичните родово чувствителни аспекти на управувањето со отпадот. 

Жените се вклучени во процесот на собирање отпад обично во трудоинтензивни, многу често најниско платени (формални или неформални) улоги. Важно е ова да се земе предвид при формализирање на активностите за отпад.

Важно е да се поттикнат жените да се движат погоре во хиерархијата на управување со отпад, не само во постапувањето со отпадот, туку и во структурите за управување на локалните власти, јавните комунални претпријатија и воопшто кога станува збор за деловните можности за отпад. 

Треба да се консултираат жените и другите социјални групи кога се рекултивираат затворените депонии и ѓубришта

Пилот – општини вклучени во изработка на локални акциски планови за управување со отпад се Битола, Прилеп, Новаци, Охрид, Кичево и Пласница (од Југозападниот и Пелагонискиот регион) што во следните четири години ќе учествуваат во имплементација на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“. Овие општини во месец јуни, оваа година потпишаа меморандуми за соработка со партнерите на проектот: ЗЕЛС, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за локална самоуправа, како и со САЛАР Интернационал  (дел од Шведската асоцијација на локални и регионални власти САЛАР). Проектот е финансиран од Шведската агенција за меѓународна соработка и развој СИДА. По потпишувањето на меморандумите  започнат е и процесот на имплементацијата на проектот на локално ниво.