Почести едукации и навремени информации за законските обврски за судир на интереси, лобирање и заштита на укажувачи се нужни за општините
Работилница на тема „ Јакнење на капацитетите на општинските совети во борбата против корупцијата“ за членовите на Тематска работна група за борба против корупцијата се одржа на 17 ноември, 2023 година во просториите на УНДП. Работилницата се организираше во рамките на активностите „Редизајнирање на постоечките и воспоставување нови модели за соработка и координација помеѓу советниците, градоначалниците и општинската администрација“, што ја спроведуваме во партнерство со УНДП, како дел од проектот “Зајакнување на општински совети-фаза 2“. Проф. д-р Ѓорѓи Сламков ги презентираше законските решенија и клучните алатки за борба против корупцијата и нивната практична имплементација на локално ниво, а посебно механизмите за спречување на судир на интереси, постапката за лобирање во локалната самоуправа, како и заштитата на укажувачите во локалната самоуправа.
Во првата сесија на интерактивен начин беа претставени законските обврски за спречување на судир на интереси преку практични примери за препознавање на судирот на интереси во локалната самоуправа. При тоа беа укажани и начините за спречување и пријавување на судирот на интереси опфатени со законските решенија. Во текот на сесијата се разви дискусија околу алатката за изземање при одлучувањето кога постои јасен судир на интереси и се потенцираше потребата за појаснување на институтот изземање дали значи само апстинирање од гласањето на некоја одлука или пак и физичко неприсуство при одлучување. Вакви примери во советите има често како што потврдија учесниците особено за одлуки кога треба да се одржува кворум за точките кои им се на гласање. Понатаму, се зборуваше и за евентуални случаи на судир на интереси при примање на подароци во името на општината, за што се утврди дека во општините од каде доаѓаат присутните претседатели на совети нема општински каталог за подароци како законска обврска во секоја јавна установа.
На втората сесија беа презентирани законските одредби за лобирање и одговорностите на локалните самоуправи при лобирање како и законската одредба за подготовка на внатрешен акт за лобирање која треба да се достави до ДКСК. Беше нагласено дека во земјата нема ниедна регистрирана лоби група или лобист, што остава простор за противзаконско тргување со влијание, при што советниците, а и другите чинители на локално ниво може да се доведат во ситуација да постапат спротивно на законските одредби. Беа претставени и начинот на регистрација на лобисти, постапките кои треба да се следат при лобирање, законските ограничувања за лобирање како и обрасците кои треба да се доставуваат од страна на избраните функционери по средба со лобисти.
Вториот дел од работилницата беше посветен на Законот за заштита на укажувачи како и улогата на локалната самоуправа во оваа област како што се: подготовка на акт за заштита на укажувачи, именување на одговорно лице за прием на укажувачи, и периодичното известување кое треба да се спроведе од страна на општините и јавните установи.
Како главни предизвици и предлози кои произлегоа од дискусијата се следните:
- Задолжителната подготовка на Каталог за подароци за секоја општина и јавна институција
- Поттикнување и подигнување на свеста на граѓаните за идентификување и пријавување на судир на интереси
- Ажурирање на анкетниот лист на ДКСК според новите законски одредби
- Задолжителна подготовка на внатрешен општински акт за лобирање
- Зајакнување и интензивирање на соработката и комуникацијата меѓу ДКСК и ЗЕЛС во поддршка на напорите на ДКСК при комуникација со локалните самоуправи за споделување на информации од важност за општините
- Назначување на лице/лица одговорни за заштита на внатрешно пријавување во општините
- Подготовка на внатрешен општински акт за заштитено внатрешно пријавување.