Средба на претседателот на ЗЕЛС со високи претставници од СОНК и КСС

Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски на 28 ноември, 2023 година, во просториите на административната зграда на ЗЕЛС оствари работна средба со претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков и претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) Благоја Ралповски. На средбата се дискутираше за актуелни состојби и предизвици со кои се соочуваат членовите на овие синдикални организации, вработени во институциите што се во надлежност на  единиците на локалната самоуправа.  Синдикалните претставници  укажаа на реакциите  што им ги упатуваат нивните членови во однос на неисполнување на одредени права  по основ на склучени колективни договори, како и за зголемениот  обем на работа со кој се соочуваат, особено вработените во градинките и техничкиот персонал во  поголем број училишта.

-,,Задоволни вработени е императив на секоја наша установа. Очигледно нашите и вашите заложби се во иста насока и добро е што седнавме да подискутираме и да изнајдеме заеднички решенија. Недостатокот на соодветен кадар во градинките е наш голем предизвик, а главната причина е што долги години наназад општините не добиваат согласности од централната власт, за нови вработувања, ниту пак за надополнување на местата на вработените кои заминале во пензија. За да го пополниме овој недостаток, вработуваме лица  што ги финансираме од сопствениот буџет, односно за нив не добиваме средства во блок дотациите, кои во основа се недоволни и за задоволување на најосновните потреби на овие институции. Освен во градинките истиот предизвик е нагласен и со техничкиот кадар во училиштата “ – изјави на средбата, претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски. Тој посочи дека локалната власт воопшто не била консултирана во процесите на креирањето на  колективните договори, со цел да укаже на состојбите и можностите за нивно исполнување. Всушност локалната власт е ставена во позиција на дополнителни финансиски обврски за нешто што ветила централната власт, а при тоа не се погрижила да обезбеди и префрли на локално ниво соодветни финансиски средства за реализација на ветеното. - „Сепак, нагласи Ѓорѓиевски, сметам дека  во интерес на нашите вработени, а ваши синдикални членови, преку дијалог и взаемно разбирање ќе изнајдеме соодветно решение. Тој ги покани претставници од двете синдикални организации да презентираат овие состојбите пред градоначалниците и претставници од општинските совети, делегати на највисокото тело на ЗЕЛС , а тое Генералното собрание на седницата што е закажана на 4 декември, 2023 година во Скопје. Поканата беше прифатен.