Генералното собрание на ЗЕЛС ја одржа петтата седница

-„Се повеќе имам чувство дека се губи надежта дека воопшто некогаш ќе се реализираат потребните реформи и дека децентрализацијата ќе се развива во вистинскиот правец. Но искрено, јас верувам во демократијата и верувам дека општините ќе ја добијат потребната власт и потребните средства, бидејќи нема никој поблизок до граѓаните, од нас општините. Игнорантскиот однос на Владата кон општините веројатно го достигнува врвот. Немањето слух најдобро се илустрира  и со тоа што немаме ни одговор, а камо ли потпишување на изготвениот Меморандум за соработка меѓу ЗЕЛС и Владата, иако беше постигната согласност од двете страни. Дури отиде до таму што направи и законска повреда, бидејќи одредени методологии за распределба на средствата од блок дотации за општините за 2024 година, ги усвои без претходна согласност од страна на Комисијата за следење на системот на финансирање на општините, каде мнозинството на членови се од општините. Но, јас не губам надеж, бидејќи сите наши иницијативи и предлози што ги упативме до Владата беа конструктивни, поткрепени со претходно обезбедени податоци, со спроведени анализи и со цврсти аргументи. Ниту едно упатено барање до централната власт не беше паушално. Затоа нема откажување, туку напротив  ни претстои уште посилно лобирање и пред Владата, но и пред други домашни и меѓународни фактори.“   Со овие зборови претседателот на ЗЕЛС, го започна своето обраќање пред делегатите на петтата седница на Генералното собрание на ЗЕЛС, што се одржа на 4 декември, 2023 година, во  хотелот „Александар Палас“ во Скопје. На почетокот на седницата, присутните оддадоа почит со едноминутно молчење за прерано згаснатиот живот на малата Вања Ѓорчевска, ужасна трагедија која ја потресе целата земја. 

На оваа седница делегатите ги разгледаа и ги усвоија Акцискиот план и Буџетот на ЗЕЛС за 2024 година. Во таа насока претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски во своето обраќање кратко говореше за некои досегашни предизвици и активности, а поголем простор посвети на идните заложби на ЗЕЛС  за  лобирање,  што е всушност и најважната стратегиска цел на Заедницата. Тој особено потенцираше дека и понатаму приоритет на ЗЕЛС останува спроведувањето на реформи во системот на локална власт; обезбедување на  финансиска стабилност на  единиците на локална самоуправа и продлабочување на процесот на децентрализација на власта во земјата. Ѓорѓиевски ги информираше градоначалниците и претставниците на Комитетот на Советите при ЗЕЛС, сите делегати на Генералното собрание на ЗЕЛС ,   за иницијативата на ЗЕЛС изнесена пред Заедничкиот консултативен комитет на Комитетот на регионите на Европската Унија, да се отвори нов, посебен кластер за оценување на достигнувања во развој на децентрализацијата и реформите во системот на локалната самоуправа, заедно со другите кластери за напредок на нашата земја на патот кон ЕУ. Ѓорѓиевски потенцира дека и оваа иницијатива на ЗЕЛС е основана, ако се има во предвид дека 70% од европското законодавство треба да се имплементира на локално ниво.

Во делот на активностите што ги реализираше оваа година Управниот одбор на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски информираше за предизвиците со уличното осветлување; противпожарната заштита; Законот за превоз во патниот сообраќај; промена на методологијата за распределба на средства за основно образование; Законот за административни службеници; иницијативата за донесување на Закон за комунална полиција; справувањето со дивоградбите и слично. Тој го нагласи и усвојувањето на „СИСТЕМАТИЗИРАНИ СТАВОВИ НА ЗЕЛС за 2024 година“ значаен документ, каде се утврдени сите цели за лобирањето на ЗЕЛС пред централната власт и пред  домашни и странски организации. 

Во однос на предизвиците со финансирањето противпожарната заштита претседателот на ЗЕЛС го  изнесе сегашниот став на Управниот одбор  да се  задржи оваа надлежност и понатаму на локално ниво, но само доколку се обезбеди соодветно финансирање, опрема и соодветен кадар. Тој потсети и на иницијативата за преземање на подрастични мерки на ова поле, но рече дека токму следната година треба дефинитивно да се утврди цврст став дали доколку останат сегашните состојби, општините ќе продолжат со  спроведување на оваа надлежност, или дефинитивно ќе се откажат, особено што системот на противпожарна заштита е составен дел од системот на заштита и спасување кој се воедначува со нормите и стандардите утврдени во земјите членки на НАТО. Сега, општините кои имаат противпожарни единици, одвојуваат повеќе средства од сопствениот буџет, отколку што изнесува висината на наменската дотација што ја добиваат од државата. Најголемиот број општини не го исполнуваат ни законски утврдениот број на пожарникари, а опремата е стара и несоодветна за обезбедување на квалитетна услуга. По доставувањето на иницијативата од ЗЕЛС во Парламентот и разговорите со министерот за финансии, ЗЕЛС во ребалансот на буџетот  обезбеди дополнителни 60 милиони денари во наменските дотации за оваа надлежност, а доби и ветување дека ќе се обезбедат согласности за дополнителни вработувања на пожарникари.

Ѓорѓиевски ги нагласи и  заложбите  околу  новата предлог- формула за распределба на блок дотациите за основно образование, што ја утврди МОН и каде со анализите на УНИЦЕФ беше потврдено долгогодишното  барања на ЗЕЛС, дека  блок дотацијата за оваа намена не е доволна , односно дека е потребно зголемување на овие средства од најмалку  30%. Формулата требаше да се примени од следната, 2024 година, но поради недостаток на финансиски средства, централната власт ја одложи нејзината примена и повторно ги префрли обврските на општините без соодветно финансирање.

Ѓорѓиевски говореше  и за средствата, односно заемот од Светска банка во висина од 50 милиони евра, наменет за подобрување на општинските услуги и заемот од ЕБОР во висина од 55 милиони евра, наменет за воспоставување на регионални депонии. Тој посочи дека општините го очекуваат најавениот повик за доставување на апликации до крајот на годината, како што беше најавено од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Во однос на Предлог - Законот за административни службеници најголемиот проблем е нееднаквиот третман на државните и локалните службеници во однос на предвидените бодови за плати. За исто ниво, исти стручни квалификации и исти работни задачи општинските службеници се ставени во понеповолна положба од државната администрација. Ваквото решение веќе доведе до демотивирање на администрацијата во општините, а може да предизвика и негативни ефекти при спроведувањето на услугите. Дополнително, сето ова би се одразило и на уште поголемо продлабочување на недостатокот од професионален и стручен кадар, предизвик со кој општините се соочуваат веќе подолг период. 

Заложбата на ЗЕЛС за воведување на комунална полиција ќе биде еден од приоритетите за следниот период. Ѓорѓиевски нагласи дека беше реактивирано ова барање до централната власт, односно  упатено е барање до ресорните министри за именување на свои претставници во работна група, која заедно со претставници од локалната власт треба да изработат Предлог – Закон за комунална полиција.  Целта на донесување на ваков пропис, кој до сега не е донесен во нашето законодавство, е да се утврди правото на локалната самоуправа да изрекува мерки и да презема активности за почитување на комуналниот ред, јавната хигиена, заштитата на зеленилото, водите, јавните површини, загадувањето на воздухот и почвата, одлагање на отпадот, одржување и безбедност на настаните од локално значење, заштита на имотот и објектите во сопственост на единиците на локалната самоуправа и имотот и објектите на установите основани од локалната власт, и друго.

Во однос на сите критики упатени кон општините дека не го собираат сопствениот приход, Ѓорѓиевски  потенцира дека ЗЕЛС повеќе од пет години бара поддршка од централната власт и меѓународните организации присутни во земјава, за обезбедување на електронски систем за спроведување на постапките поврзани со данокот на имот.  Од  Агенцијата за катастар на недвижности се бара на општините бесплатно да им ги префрли податоците на имателите на имот. Воведувањето на ваков електронски систем, пред се ќе значи : обезбедување на правичност во примена на даночната политика кон сите даночни обврзници подеднакво; обезбедување на дополнителни континуирани приходи за општината; поедноставување на процедурите поврзани со плаќање но, и со неплаќање на овој данок; транспарентност на постапките и друго.

ЗЕЛС и СОНК ќе упатат поединечни барања за зголемување на блок дотациите за образование вклучително и за градинките 

На оваа седница на Генералното собрание на ЗЕЛС беше повикана и делегација од синдикалните организации: СОНК и КСС. Јаким Неделков, претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура пред делегатите ги изнесе актуелните состојби и предизвици со кои се соочуваат членовите на овие синдикални организации, а кои се вработени во институциите што се во надлежност на  единиците на локалната самоуправа. Тој укажа на реакциите  што им ги упатуваат нивните членови во однос на неисполнување на одредени права по основ на склучени колективни договори, како и за зголемениот обем на работа со кој се соочуваат, особено вработените во градинките и техничкиот персонал во поголем број училишта. При тоа ги изнесе и стравувањата на наставниот кадар од најавените процеси на оптимизација во училиштата, каде според математички пресметки  е утврдена превработеност на наставниот кадар, што не  се поклопува со објективната состојба.   Неделков нагласи дека има верба во заеднички социјален дијалог со ЗЕЛС и дека ќе се дојде до најприфатливи решенија за двете страни, без при тоа да се покренуваат тужбени побарувања.  Тој нагласи дека по неодамна реализираната средба во просториите на ЗЕЛС, со претседателот Ѓорѓиевски  добил сознанија дека локалната власт е ставена во позиција да реализира финансиски обврски за кои всушност ветила Владата со потпишувањето на колективните договори, а при тоа  не се погрижила да обезбеди и да им префрли соодветни финансиски средства во блок дотациите за нивна реализација од страна на општините. Беше договорено и СОНК и ЗЕЛС да упатат поединечни барања  до Владата и до Собранието на РСМ  во кое ќе биде побарано а се извршат соодветни корекции во блок дотациите за образование и за градинките и ќе се образложи соодветно потребата за нивно зголемување.