Инклузивно и одржливо управување со животната средина на локално ниво

Примената на Архуската Конвенција, важноста и бенефитот од вклучување на локалните чинители во креирање политики за животна средина, надлежностите во управување со отпад, начини и можности на вклучување на јавноста во крeирање документи и имплементација на законските одредби, заштита на квалитетот на воздухот, инспекцијата, урбанизмот, како и вклучување на родовата перспектива во заштита на животната средина беа клучните теми на работилницата „Инклузивно и одржливо управување со животната средина на локално ниво“, поддржана и организирана од ЗЕЛС и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Циркуларната економија, инфраструктурата за нејзино воспоставување, вклучувањето и користењето на потенцијалот на граѓаните кои учествуваат во генерирањето на различни текови на отпад во овој концепт, беше клучна тема околу која се дискутираше за можностите на општините и предизвиците што треба да се пресретнат при поставување  на моделот на циркуларна економија на локално ниво. Во овој контекст беше претставено хрватското искуство, поточно праксата на јавното комунално претпријатие Прелог, кое опслужува 14 општини со 109 вработени и 3.5 милиони евра годишен буџет, како и на општина Копривница.  Хрватска до 2035 година треба да транспортира само 10% комунален отпад на депонија.  Доколку не ја исполни оваа цел , треба да плаќа пенали на Европската унија. Ова повлекува верижна реакција на наплата на пенали на ниво на жупании и општини, така што во зависност од количините на депониран комунален отпад, различни општини различно ја одредуваат цената на наплата на комуналните услуги кон граѓаните. Градби кои се дел од циркуларната економија се: компостари, сортирници на корисен отпад, обработка на кабаст отпад, рециклажен двор- фиксен и мобилен, центар за повторна употреба, покриени и отворени складишта и гаражи за комуналните возила. Депониите се поставени на регионално (жупанско) ниво. Системот на селекција, собирање и депонирање е поврзан во електронска апликација, на која има увид колку и кој вид на отпад е подигнат за секој граѓанин, како и известувања за термини за собирање на различни текови на отпад и известувања за јавни кампањи и слични активности на јавните комунални претпријатија. 

Од голема важност за здравјето на граѓаните во општините е и квалитетот на амбиентниот воздух, што особено во есенскиот и зимски период е на загрижувачко ниво. Контролата над индустриските капацитети, користењето огревно дрво со несоодветна влажност, како и спалување отпад на отворени простори, треба да биде од приоритетна обврска за надзор од страна на локалната инспекција во средините што подлежат на енормно загадување. Тука беше нагласена потребата и за взаемно делување на локалните и државни инспекции, со оглед на поделбата на надлежностите за надзор, а локалните инспектори се први на терен и ги алармираат државните институции за зголемено загадување на воздухот. Во делот на инспекцијата беше нагласена потребата од транспарентност и достапност на документацијата што ја креираат локалните инспекции, иако инспекцискиот систем како што е сега поставен е повеќе бирократски обременет, отколку практично насочен кон решавање на проблеми и ефектуирање на казните за прекршителите на законите во областа на заштита на животната средина. Иако, управувањето со отпад генерално се смета за родово неутрална дејност, сепак како активност зависна од однесувањето на човекот се смета дека не може да биде родово неутрална. Политиките за управување со отпад најчесто не ги земаат предвид различните гледишта за тоа што претставува отпад, различните навики во создавање и депонирање на отпадот и различните потреби што се однесуваат на управувањето со отпадот. Интегрирањето на родовата перспектива во студиите за проценка, планирањето, спроведувањето и следењето на проектите за управување со отпад, како и нивно соодветно буџетирање во локалните планови е неопходност за да се обезбедат подобри услуги за сите граѓани. Со вклучување на родова специфична анализа за тоа како се вреднува и користи достапниот отпад и ресурси се дава преглед за спецификите на процесот што би можеле да се подобрат во корист и за жените и за мажите. 

Урбанизмот и интеграцијата на одржливи практики во градскиот развој е тесно поврзано со заштитата на животната средина, заради што секоја општина би требало да ја вклучи јавноста во урбанистичкото планирање при воспоставување на концептот на урбанизам и одржлив развој, а со тоа да се води сметка за квалитетот на стандардот на живеење на граѓаните. 

Работилницата која се одржа во период од 20 до 24 ноември, 2023 во Маврово, а на која земаа учество претставници од над 40 општини во земјава, започна и заврши со проверка на влезното и излезно знаење на учесниците. Евалуацијата на истата треба да ги даде насоките за концептирање на идните активности во оваа област.