„Граѓаните во фокус: Креирање иднина со поквалитетни локални услуги“-тема на годишната конференција за децентрализација и локално управување

-„ Во нашата земја не се почитува Европската повелба за локална самоуправа каде стриктно е нагласено дека за секоја префрлена надлежност на локално ниво, централната власт треба да обезбеди и соодветни средства за нејзино спроведување. И наместо да се јакне децентрализацијата, која со себе носи и зголемена демократија и учество на граѓаните во креирање на сопствените потреби, ние имаме уназадување, игнорантски однос на централната власт кон општините, недоверба и застој во спроведувањето на потребните реформи на локално ниво.“ Ова го истакна претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски, на почетокот од своето обраќање на годишната конференција за децентрализација и локално управување што се одржа на 6 и 7 декември, 2023 година, на темата „Граѓаните во фокус: Креирање иднина со поквалитетни локални услуги“, организирана од Програмата за развој на Обединетите нации во нашата земја (УНДП) и Министерството за локална самоуправа (МЛС).

Ѓорѓиевски нагласи дека општините се спремни  да понудат поквалитетни   услуги и европски стандарди за своите граѓани, но се приморани да одвојуваат дополнително од сопствените приходи за најмалку 50% од износот што го добиваат во блок дотациите и тоа особено кај противпожарната заштита, образованието, градинките и друго. Сепак, според Ѓорѓиевски и во вакви услови, но со голема заложбите и ентузијазам од општините  има континуиран напредок во квалитетот на  услугите и подобрувањето на условите за живот на граѓаните. Тој потенцираше дека е особено важно да се обезбеди финансиска поддршка за реализирање на големи инфраструктурни проекти во водоснабдување локални патишта, канализационите мрежи, стандардизирани депонии и слично. 

-„ЗЕЛС во своите систематизирани ставови за 2024 година, меѓу другото се залага за повторно отпочнување на процесот на реформи во локалната власт;  реформи за обезбедување на финансиска стабилност;  реформи во организационата поставеност на општината и советите како и за натамошен развој на децентрализацијата, односно префрлање на нови надлежности на општините, но поткрепени со соодветни финансиски средства. Приоритет  е  обезбедување на електронски систем за спроведување на постапките поврзани со данокот на имот. Нешто за што ЗЕЛС се залага веќе пет години, но досега не добила поддршка ниту од централната власт ,ниту од меѓународните организации присутни во земјава. Потребно е Агенцијата за катастар на недвижности да ни ги префрли бесплатно податоците на имателите на имот. Воведувањето на ваков електронски систем ќе значи : обезбедување на правичност во примена на даночната политика кон сите даночни обврзници подеднакво; обезбедување на дополнителни континуирани приходи за општината; поедноставување на процедурите поврзани со плаќање но, и со неплаќање на овој данок; транспарентност на постапките и друго“, истакна претседателот на ЗЕЛС , Орце Ѓорѓиевски кој на организаторите им посака успешна реализација на овој традиционален настан. 

Изнесени заложби за поддршка на локалната самоуправа за понатамошен развој 

Во присуство на градоначалници, советници, општинска администрација, претставници од централната власт, од домашни и странски организации, воведно обраќање имаа и министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов; амбасадорката на Швајцарија во нашата земја, Вероник Улман; амбасадорка на Шведска, Ами Ларсон Џаин и Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП. 

-„ И покрај отежнатите околности, поврзани со енергетската криза, која ги окупира  буџетите, може да изразам задоволство од иницијативноста на општините  за изнаоѓање начини за справување со состојбите. И Извештајот на УНДП за задоволството на граѓаните од општинските услугите, не покажува драстични отстапувања од претходните години, освен во делот на изразено сомневање за корупција, каде оваа година 24% од населението изразило ваков сомнеж, а во 2017 година изнесувал 5% “. Ова го нагласи министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, кој посочи дека ова е патоказ каде треба да се преземат соодветни активности за подобрување. Тој говореше и за овогодишниот скрининг на Европската комисија, каде се нагласува потребата за подобрување на јавните услуги, што кореспондира со мислењата на граѓаните, а ја нагласи и важноста на партнерство со ЗЕЛС за подобрување на системот на локалната самоуправа, при што говореше и за поддршката на општините за изработка на техничка документација за поголеми инфраструктурни проекти, за финансирањето на проекти за планските региони и за кофинансирањето во делот на активностите од ИПА 2 програмата на ЕУ.

Амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман, нагласи дека децентрализацијата значи гаранција за поквалитетен живот на граѓаните и инклузивна слика во земјата, а Програмата за развој на Швајцарија со години го подржува овој процес и локалната власт во повеќе сегменти, особено во делот на транспарентното работење. Таа посочи дека од бројните посети што ги имала во општините можела да забележи дека онаму каде се чувствува поголема волја и ентузијазам се постигнуваат повисоки резултати, независно што кај сите општини евидентен е недостатокот на финансиски средства.  Таа ја најави поддршката за спроведување на новата програма за зголемување на општинската отпорност на корупција.

За поддршката на локалната власт во нашата земја, говореше и амбасадорката  на Шведска, Ами Ларсон Џаин која посочи дека нејзината земја има за цел да и помогне на Северна Македонија  на патот за членство во Европската Унија, при што како посебни области ги посочи животната средина и  значењето на стратегиски пристап при спроведување на сите активности, преку изработка на соодветна планска документација. 

-„Локалниот развој е важна компонента во поширокиот развој на земјата“, истакна постојаниот претставник на УНДП во нашата земја, Армен Григорјан. Тој посочи на досегашните активности во делот на поддршката за јакнење на дијалогот на регионален развој, вклучување на граѓаните во демократско одлучување, во процесите на дигитализација, транспарентност, јакнење на капацитетите на општинските совети, изработка на техничка документација за проекти и друго,  при што го најави новиот оглас за аплицирање на нови општини,  од кои 10 ќе добијат поддршка во рамките на програмата за локален развој и децентрализација. 

Можност за отворен и инклузивен дијалог за натамошни чекори за развој на демократските процеси во земјата

Примарната цел на конференцијата е да се воспостави платформа за отворен и инклузивен дијалог за критичните предизвици и можности за локален развој фокусиран на граѓаните. Се создаваат можности за размена на искуства меѓу општините, креаторите на политики од земјава и од регионот, домашни и  меѓународни организации. На конференцијата се дебатираше за потенцијални решенија и пристапи што треба да овозможат ефикасно и успешно реализирање на основните принципи од Програмата за одржлив локален развој и децентрализација 2021-2026. Клучни теми опфатени на овој настан беа: системот на локална самоуправа, локална демократија, финансирање на локалните самоуправи, креирање политики засновани на докази, меѓуопштинска соработка, градење капацитети на локално ниво, родово одговорни општини, развој на општините во контекст на ЕУ перспективата на земјата, дигитализација на локалните самоуправи, мобилизирање ресурси за локални проекти, како и други релевантни прашања.  За предизвиците со кои се соочуваат, но и за добрите практики кои ги спроведуваат говореа градоначалниците на:  Валандово, Велес, Крива Паланка, Радовиш, Желино и на Град Скопје, потоа советници од Гостивар и од Град Скопје, како и претставници од општинската администрација.