Конференција во Хаг посветена на обезбедување на еднаквост и правичност при наплататa на данок на имот

Делегација од  нашата земја, во која имаше и претставник од ЗЕЛС,  учествуваше на Конференција посветена на данокот на имот, што се одржа на  6 и 7 декември, 2023 година, во Хаг, Холандија, во организација на Интернационалниот институт за данокот на имот (ИПТИ). ИПТИ е невладина глобална организација, специјализирана за сите политики, искуства за данокот на имот, чија мисија е промовирање на  експерти  од оваа област и обезбедување на соодветни  експертски мислења, а се со цел да се обезбеди еднаквост и правичност во примената на овој данок кај сите  даночни обврзници.

На конференцијата беа изнесени најнови научни истражувања и сознанија во градењето и спроведувањето на овие даночни политики. При тоа беше нагласена важноста секој поединец да биде соодветно информиран дека треба редовно и навремено да ја реализира оваа обврска, но и да добие соодветни сознанија за начинот  како  најбрзо и наједноставно да го плати данокот.  Исто така, даночните обврзници треба да бидат соодветно информирани, каде и за што тие средства ќе бидат искористени од надлежните институции каде  завршуваат овие средства. Речиси во сите земји, данокот на имот претставува исклучително и во целост, приход на локалната самоуправа. Потоа, беше посочено дека е многу важно да се врши редовна, дури и годишна ревалоризација на вредноста на имотот на обврзникот, или пак, да се спроведат масовни репроценка, доколку на одредена област се зголемува пазарната вредност на објектите. Од одредени изнесени искуства, беше посочено дека процентот на оданочување некаде е ист за цела земја, а некаде е повисок за објекти во централните градски подрачја во однос на објекти изградени на периферија.

Македонската делегација беше гостин на Советот за проценка на имот на Холандија. На овој состанок се развија бројни дискусии околу тоа како функционира овој даночен систем во Холандија. Советот е формиран од државата, а се финансира од средства од: државата, општините и од организацијата на проценители. Беше нагласено дека наплатата на данокот на имот во Холандија изнесува 99% од фактурираното. Како пример беше посочено дека  за стан од 100 метри квадратни, во близина на центарот на градот, данокот на имот на годишно ниво изнесува околу 10.000 евра.

За креирањето на данок на имот , методологиите, пресметките, спроведувањето на целиот процес на наплата и уште многу други теми од оваа област говореа светски етаблирани професори и експерти, меѓу кои; Енид Слак, универзитетска професорка од Канада; Јап Зевенберген, универзитетски професор од Холандија; Џоан Јангман, авторка на бројни студии и учебници за данокот на имот;  Дирк Лохр, професор од Германија. Особено беа интересни изнесените ставови и искуства  на Рој Кели, професор на Санфорд, кој стекнал и огромно практично искуство работејќи низ целиот свет, односно помагајќи им на многу земји во воспоставувањето на ефикасен даночен систем. На конференцијата се обратија и голем број претставници од институции што вршат собирање на данокот на имот, кои ги пренесоа своите искуства и најдобри практики за обезбедување на поголема ефикасност во целиот процес. Беа пренесени искуствата од Канада; Соединетите Американски држави; Хонг Конг; Германија; Холандија; Литванија и Англија.