ЗЕЛС организира работилница за овластените просветни општински инспектори

 

Во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот, во административната зграда на ЗЕЛС на 12 декември, 2023 година, беше одржана работилница за општинските просветни  инспектори, членови на Мрежата за образование при ЗЕЛС. На средбата се дискутираше за актуелни предизвици при спроведувањето на законските одредби, а беа споделени и добри искуства и практики. Генерално беше посочено дека има недостаток на просветни инспектори во одредени општини; дека е потребно да се зајакне статусот на општински просветен инспектор; дека има колизија во одредени законски прописи за спроведување на постапките за надзор и дека е потребно општинскиот просветен инспектор во соработка со државните просветни инспектори да учествува при спроведувањето на процесот на интегралната евалуација во воспитно-образовните установи што се во надлежност на општините. 

 

Потребно да се зајакне статусот на овластените просветни инспектори

 

Просветните инспектори од општините изнесоа бројни предизвици со кои се соочуваат речиси секојдневно при спроведувањето на своите надлежности и разменија искуства и добри практики за нивно решавање. Беше нагласено дека од страна на МОН и други институции, позицијата на општинскиот просветен инспектор е омаловажена во однос на државниот просветен инспектор и дека  им е потребна поголема заштита во спроведувањето на одредени постапки. Беше посочено дека има одредени информации за можно нивно преименување во регионални просветни инспектори, со што ќе се надминат одредени преклопувања, но и ќе се обезбеди инспекцискиот надзор да се врши подеднакво во сите воспитно-образовни институции. Бројот на општинските просветни инспектори засега е околу 25 лица. Беше отворена дилемата за вршење на инспекциски надзор во општинските детски градинки, бидејќи одредени инспектори добиле усни укажувања дека тука надзор вршат инспекторите од Секторот за инспекциски надзор во социјална заштита при Министерството за труд и социјална политика. Беше нагласено дека тука има одредена неусогласеност со други закони, но дека овластувањата на општинскиот просветен инспектор се однесуваат за сите воспитно-образовани установи основани од општината каде спаѓаат и детските градинки и ученичките домови во надлежност на општината.

Стана збор и за постапката кога ученик отсуствува повеќе од 100 часови од наставата и активирањето на прекршочниот платен налог, предвиден со закон. Беше изнесена практика дека по извршена едукација, ако лицето и понатаму отсуствува се поднесува барање за поведување на прекршочна постапка до надлежен суд. Заедно е доставува и добиениот одговор од МВР дали лицето е иселено или е во земјата и е наведува средствата од предвидената глоба да се префрлат на општинската сметка. Дискусија се отвори и во однос на задолжителното најавување на инспекциски надзор со навремено доставување на чек листа до воспитно-образовната институција, но и за можноста инспекциски надзор да не е претходно најавен, кога станува збор за обезбедување на јавниот интерес. Исто така, беше нагласено дека во одредени случаи кога има потреба од вршење на инспекциски надзор и утврдување на фактичка состојба, општинскиот просветен инспектор постапува по претходно издадена писмена наредба од градоначалникот или налог од раководителот. Беа изнесени и примери кога МОН ги одзема ингеренциите на општината или на градоначалникот, за парцијални делови од надлежноста во образование, (најчесто во постапките за утврдување на директор на образовната институција, или одземање на ингеренции само за едно училиште) а не и за целата надлежност и дека треба да се прецизираат ваквите состојби со закон. Дилеми во постапките се јавуваат и при надзорот на спроведување на организираниот превоз на учениците, односно за квалитетно спроведување на тендерските постапки за оваа намена, како и за ученичките екскурзии и нивното изведување согласно законските одредби и подзаконските акти, за што беше договорено да се дискутира на нова дополнителна средба на општинските просветни инспектори што ќе ја организира ЗЕЛС. 

 

Презентиран новиот предлог -концепт за постсредно образование

 

На почетокот на работилницата, номинираниот претставник на ЗЕЛС во меѓу-институционалната работна група за изработка на нова концепција за постсредно образование (ПСО) во нашата земја, д-р Македонка Виларова, советник, просветен инспектор од Општина Велес, накратко ја претстави предлог-концепцијата. Овие активности ги реализира МОН во рамките на активностите на Проектот ,,Зголемување на атрактивноста, инклузивноста и релевантноста на стручното образование и обука и образование на возрасни“. Постсредното образование има функција да обезбеди продлабочени знаења, вештини и оспособување за работа со посложена и покомплексна технологија, за специјализирани, висококвалитетни услуги, за организирање на работата, за раководни функции на прво ниво, за инструирање, менторство и слично. Според, Законот за Национална рамка на квалификации  на РСМ  постсредното образование припаѓа на петто ниво, под ниво VБ, а се остварува преку образовни програми за специјалистичко образование и образование за мајстор.  Со ова образование се планира стекнување посложени компетенции, донесување на оперативни одлуки и повисок степен на лична и деловна одговорност. Потребата за донесување на нова концепција е повеќекратна. Постојните програми за ПСО се стари повеќе од 30 години и не се во корелација со направените реформи на другите нивоа на стручно образование, не кореспондираат со  националната рамка на квалификации, а најважна причина е што е потребно да се  одговори на брзиот техничко-технолошки развој и честите промени на пазарот на трудот.  Беше посочено дека  ПСО во земјите од ЕУ е многу  застапен, односно околу 40-50% од  лицата што завршуваат средно образование се одлучуваат да одат на повисоко ниво, односно да обезбедат и постсредно образование. Просветните инспектори треба да имаат увид во спроведувањето на процесите на мониторирање и на евалвација на посредното образование, посебно се препорачува увид кај верифицираните провајдери, регистрирани од МОН,  но и во делот на претставките за издадена фалсификат диплома, потоа за пропусти во постапката на спроведување на настава или полагање и испитот и слично. Локалната самоуправа во целиот овој процес  има голема улога  во детектирање на образовните потреби за пазарот на трудот. Преку утврдување на интересите на полуматурантите за нивната натамошна професионална наобразба, како и преку Локалниот економски совет. Општината во соработка со бизнис заедницата  треба да обезбеди соодветна анализа за потреба од нови образовни профили, што ќе биде усвоена од Советот на општината, потоа доставена до МОН за нивно имплементирање во соодветните училишта од општината и натамошно утврдување  во  годишниот конкурс за упис во средно образование.