Излезе од печат ноемврискиот број на Гласилото на ЗЕЛС
Во најновиот број на Гласилото на ЗЕЛС се изнесени информации за активности на телата и органите на ЗЕЛС, како и информации од значење за информираноста на локалните самоуправи во земјата. Управниот одбор на ЗЕЛС на средината на месец ноември, 2023 година, ја одржа 19 седница на која беше усвоен еден од најзначајните документи за лобирање на ЗЕЛС пред централната власт - „Систематизирани ставови на ЗЕЛС за 2024 година“. Во него се утврдени најважните предизвици со кои се соочуваат единици на локалната самоуправа и содржи предлози за нивно надминување, како и за предлози за реформи во системот на локалната самоуправа и продлабочување на процесот на децентрализацијата на власта во земјава. На оваа седница беше дискутирано и за предлог измените на Законот за административни службеници, а беше утврдено и започнување на подготовки за изработка на конечна предлог верзија на Закон за комунални дејности. Членовите на Управниот одбор ги разгледаа и Предлог Акцискиот план и Предлог буџетот на ЗЕЛС за следната година, што ќе бидат изнесени на дискусија и гласање пред Генералното собрание на ЗЕЛС, закажано за 4 декември, 2023 година.
Во овој месец, во Скопје беше одржан 22 состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу нашата земја и Комитетот на региони на Европската Унија (ЗКК) каде повторно беше изнесена иницијативата на ЗЕЛС во процесот на преговорите со ЕУ да се отвори нов посебен кластер каде ќе се оценуваат достигнувањата на нашата земја во реализацијата на развој на децентрализацијата и реформите во системот на локалната самоуправа. При реализирањето на официјалните посети на асоцијациите во регионот, Генералниот секретар на Конгресот на регионални и локални власти при Совет на Европа, Матие Мори, во просториите на ЗЕЛС имаше средба со претседателот и со потпретседателот на ЗЕЛС. Мори нагласи дека ќе се залага за продлабочување на процесот на децентрализацијата на власта, јакнење на финансиската стабилност на општините и јакнење на соработката на локалната и централната власт во нашата земја.
Со одржувањето на првата средба на претседателите на општинските совети од општините од Скопскиот плански регион, во просториите на ЗЕЛС и официјално започнува новиот циклусот на состаноци што секој член на Комитетот на советите при ЗЕЛС, во соработка со стручната служба на ЗЕЛС треба да го организира со претседателите на општински совети од планскиот регионот што тој го претставува во Комитетот. Во овој месец, дел од членовите на Комитетот на совети при ЗЕЛС, реализираа студиска посета на Република Малта, и се запознаа со начинот на функционирање на нивните општински совети како и со системот на организирање на локалната самоуправа во оваа земја. Во текот на овој месец, ЗЕЛС самостојно и во соработка со проекти од меѓународните заедници обезбеди обуки за јакнење на општинската администрација во делот на животната средина, управувањето со комуналниот отпад, социјалата заштита и други области.
Гласило Ноември 2023