Поради недостаток на координирани решенија изостануваат потребните ефекти од поддршката во дигитализацијата на локално ниво

„Дигитализација на локално ниво” беше темата на првиот состанок за координирање на политики меѓу надлежните институции и донаторската заедница. Процесот на координација го водат Министерството за локална самоуправа и Амбасадата на Швајцарија во соработка со Секретаријатот за европски прашања и Делегацијата на Европската Унија, а целта е координативно дејствување за подобро спроведување на активностите за дигитализација и дигитална трансформација во општините.

Пред присутните се обрати извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, која нагласи дека ЗЕЛС има повеќе од десетгодишно искуство во поддршката на општините за обезбедување на електронски услуги за граѓаните. Таа посочи дека сите општини активно ги користат трите електронски системи: дозвола за градба;  градежно земјиште и продажба на движни и недвижни ствари за чија примена добиваат секојдневна поддршка од ЗЕЛС. – „ Воведовме  и електронски систем за издавање на  Б –интегрирани еколошки дозволи, но не заживеа доволно бидејќи  беше дадена можност за опционална примена на хартиена форма. Затоа сметаме дека не треба да се дозволува парцијална можност за употреба на дигиталните системи и дека треба да се воведуваат што повеќе  електронски услуги за граѓаните. И покрај тоа што  слушаме за интензиви заложби за дигитализација, ЗЕЛС веќе пет години наназад бара поддршка за воведување на електронски систем за даноци на имот, но досега не доби позитивен одговор ниту од државата ниту од меѓународната заедница. Се надеваме дека граѓаните наскоро ќе може да ја спроведуваат оваа обврска по електронски пат“, рече Перишиќ и потсети дека ЗЕЛС е секогаш  подготвен за конструктивен дијалог кој оди во насока за обезбедување на  поквалитетни услуги за граѓаните; поголема ефикасност на општинската администрација; помалку трошоци во постапките и обезбедување транспарентно работење и превенција  од коруптивни дејства. 

Електронски систем за данок на имот, меѓу приоритетите во дигитализација на општините, најави министерот за локална самоуправа 

Претставници од УНДП, од Делегацијата на ЕУ и од УСАИД  на состанокот ги  презентираа проектите преку кои  се спроведуваат активности за дигитализација на локалните услуги, а за  поддршката  на единиците на локалната самоуправа што ја дава Швајцарија, говореше Амбасадорката на оваа земја, Вероник Хулман. Претставниците од централната власт од нашата земја посочија дека спроведување на дигитализација е една од приоритетните задачи  со цел достигнување на просекот на ЕУ земјите во однос на развојот на дигитално општество и економија. Министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, посочи дека за реализација на овие цели се потребни многу финансиски средства и дека во последните неколку години со поддршката во оваа област од разни организации не се постигнати  потребните ефекти, заради што е потребна взаемна координација и синхронизиран стратегиски пристап. Беше нагласено дека првенствено внимание ќе биде посветено на воведување на електронски систем за постапките околу наплатата на данокот на имот. Министерот за информатичко општество и администрација (МИОА), Азир Алиу најави дека во фаза на усвојување од Владата на РСМ се значајни стратегиски документи како: Националната стратегија за сајбер безбедност како и  Националната ИКТ стратегија 2023-2027  која  се базира на 4 основни столба, кои ги вклучуваат дигиталната поврзливост и ИКТ инфраструктурата, развивање на дигиталните вештини кај граѓаните, развој на дигитална Влада, како и засилена поддршка за дигитализација на бизниси, ИКТ овозможувачи и поттикнување на дигитални иновации. И Заменик на Претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење.  Славица Грковска потврди дека некоординираните активности по разни институции не дадоа ефекти за граѓаните, затоа приоритет се подготовка на законски решенија што ќе бидат база на натамошна имплементација, како и ажурирање на листа на проекти од сите донации . Таа ја нагласи и потребата за структурно реорганизирање на општините, каде меѓу другото и  оптимизација на процесите кои потоа ќе се дигитализираат, во соодветен дигитален менаџмент систем.