Јакнење на капацитетите на членовите на Советот за социјална заштита на општините: Карпош и Неготино
Карпош и Неготино се дел од општините што доброволно изразија интерес на повикот на ЗЕЛС и се пријавија за следење на еднодневна обуки за јакнење на капацитетите на членовите на Советот за социјална заштита на општината. Обуките се организираат во просториите на општината, а ги спроведува претставник од стручната служба на ЗЕЛС. Ова е третиот циклус на обуки што го спроведува ЗЕЛС. Во претходните два циклуса обуките ги проследија околу 75 членови на општинските совети за социјална заштита од општините: Битола, Велес, Аеродром, Арачиново и Куманово. Интересот за обуките е се поголем кај членовите на овие совети, па ЗЕЛС ќе им излезе во пресрет и на другите заинтересирани општини, во следната година.
Во Општина Карпош на 7 декември, 2021 година и во Општина Неготино на 21 декември, 2023 година претставници на општинската администрација што се одговорни за социјална заштита; претставници од регионалните центрите за социјална работа; од полицијата; од регионалните центри на Агенција за вработување; од образовните институции; од, здравствените институции; од јавно обвинителство и од здруженија на граѓани, сите членови на Советот за социјална заштита, земаа активно учество на обуката што ја спроведе ЗЕЛС. Присутните имаа можност подетално да дискутираат за имплементирањето на Законот за социјална заштита, надлежностите и обврските на општината во оваа област; улогата на Социјалниот совет и предизвици со кои се соочуваат при спроведувањето на своите законски обврски. Посебно внимание беше посветено на улогата на општината во превенирање на социјални проблеми и воспоставување и поддршка на социјални услуги; дефинирање на основните концепти за социјална инклузија и социјална заштита; идентификување на социјални проблеми во заедницата; потребата од координирано делување на релевантните институции на локално ниво во насока на спречување на социјалните проблеми и заштита на ранливите групи. Исто така, се дискутираше и за потребата од координација на инспекциските служби на локално ниво, со цел вклучување на потребите на ранливите лица во рамки на хоризонталните политики на општината и потребата од зајакната соработка со здруженијата на граѓани од оваа област. Искуствата покажаа дека општинските совети за социјална заштита, онаму каде се воспоставени, се попосветено ги спроведуваат своите ингеренции и се активни во превенирањето на одредени состојби од социјална заштита.
Па така, Општина Карпош има воспоставено Совет за социјална заштита на општината, и исто така изработува Социјален план каде ги креира политиките што ќе ги преземе во рамките на својата надлежност. Општината редовно подготвува, но и дискутира за реализацијата на Годишната програма за социјална заштита. Како резултат на тие дискусии, во процес е и воспоставувањето на нова услуга за ранливите категории - бесплатен транспорт за стари лица и лица со попреченост.
Општина Неготино веќе има изработено Социјален план, што е важен стратегиски документ на општината, а редовно носи и усвојува годишна програма за социјална заштита. Исто така, воспоставен е и Совет за социјална заштита на општината, што има улога на советодавно тело на општината во домен на социјална заштита и социјална инклузија. Токму од овие заемни координации и соработка на сите важни чинители во локалната власт во делот на социјалната заштита, досега е обезбедено конфинансирање од страна на општината за услугата за образовен асистент, а исто така, општината обезбедува и финансиски средства за работа на регионално советувалиште за помош и поддршка на жени и деца жртви на родово базирано и семејно насилство.
Обуките претставуваа и дополнителна можност за размена на ставови за постојните социјални предизвици во општината, како и можност да се изнајдат начини за најефикасно насочување на расположливите ресурси и финансиски средства за обезбедување на превенција и за обезбедување на социјални услуги за ранливите категории на граѓани.