Обемна дискусија на општинските градежни инспектори по Предлог-законот за градење

Во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот, на 13 декември 2023 година, на барање на општинските градежни инспектори, беше одржана работилница на која се разгледуваа дел од одредбите од Предлог-законот за градење и се дискутираше за можностите за нивно подобрување, особено оние што се однесуваат на нивните ингеренции и постапување. Целата дискусија се водеше во интеракција со претставник од Министерството за транспорт и врски, предлагач на Законот.

На почетокот беше изнесена дилемата дали општинските градежни инспектори треба да работат по лиценцата што ја издава Инспекцискиот совет или по овластување од градоначалникот. Одредени ставови одеа и во насока дека е подобро сите градежни инспектори да се во рамките на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам. Беше посочено дека многу општини немаат градежен инспектор, обемот на работа на инспекторите е преголем, постојано се под закани, а вкупниот број на  општински градежни инспектори во целата земја е мал.

Присутните изразија и дилема околу дефиницијата за „времена градба“, односно, беше предложено да се прецизира точно временскиот период или да  се посочи дека објектот има ваков статус до реализацијата на деталниот урбанистички план за тоа подрачје. Притоа беше изнесено дека иако општините се задолжени да донесуваат  Годишна програма за поставување на времени објекти на подрачјето, тоа, генерално, не се практикува многу. Инспекторите нагласија дека треба да се изнајде соодветно решение и во однос на  третирањето на оградните ѕидови, бидејќи огромен број на барања од граѓаните за постапување на инспекторите стигнуваат токму за ваков вид градби, каде што најчесто спорот е од имотно-правна природа. Со законските предлози се обезбедува и зајакнување на инспекцискиот надзор. Утврдено е дека вршењето инспекциски надзор на спроведувањето на одредбите од овој Закон и прописите донесени врз основа на овој Закон во процесите на градење, употреба и одржување на градбите ги вршат државните и општинските градежни инспектори, но исто така, предложена е и можност да им се дадат јавни овластувања на правни лица  да вршат инспекциски надзор по претходно исполнети услови. Притоа, инспекторите  ја нагласија и потребата да се  доуредат постапките за вршење надзор. Беше изнесено и размислувањето за промени кај условите што треба да ги исполни лицето кое сака да конкурира за градежен инспектор, со оглед дека има генерален недостиг на оваа професија на пазарот на труд во нашата земја. Забелешки беа дадени и за содржината на решението на градежниот инспектор, особено дали има потреба, освен катастарската парцела да се наведува и бројот на имотниот лист со кој се докажува легалноста на  градбата. Присутните дискутираа и околу постапката за извршување, односно, се спореше околу делот каде што се нагласува дека жалбата не го одлага извршувањето, а исто така, полемика предизвикаа и одредбите со кои инспекторот се обврзува најмалку двапати во неделата да проверува дали е извршено уривањето. Стана збор и за постапките за извршување преку трето лице, при што беа изнесени одредени сознанија за евентуално формирање на агенција која ќе ги спроведува доставените решенија од градежните инспектори. Дел од дискусиите изнесени на оваа работилница беа и: што значи отпочнување на градба; пренамена на станбен во деловен простор; враќање во првобитна состојба; висина на казните и слично.

Пречестото и преобемно менување на законските одредби ‒ една од причините за потребата од донесување на нов закон за градење

Според предлагачот, Министерството за транспорт и врски, постојниот Закон за градење веќе не е функционален поради неговото пречесто и преобемно менување, што произведува состојба на правна несигурност и хаос кај органите што го спроведуваат и кај инвеститорите. Всушност, постојниот Закон за градење е менуван повеќе од 30 пати, од донесувањето на основниот закон во 2009 година.  Состојбата во областа на градењето и контролата на просторниот развој е влошена и поради нормативната неусогласеност на материјата од оваа област што треба да ја уредува исклучиво Законот за градење и надлежното министерство за вршење на работите од областа за уредување на просторот. Со донесување на нов закон, ќе се обезбеди подобрување на решенијата во областа на градењето, правата и обврските на учесниците во изградбата, употребата и одржувањето на градбата, постапката на издавање одобрение за градење и друго. Всушност, со Предлог-законот е уредена и осовременета дефиницијата за видови проектна документација и проекти што се неопходни во процесот на изградбата; детално и прецизно е уредена класификацијата и категоризацијата на градбите според нивното значење. Градбите се поделени на две категории, и тоа на градби од државно значење и градби од локално значење. Според степенот на нивната сложеност, градбите се поделени на градби со поголема сложеност и на градби со помала сложеност. Систематски се уредени и надлежностите и постапките во процесот на издавањето акти за градење и воспоставена е унифицирана процедура што ги обврзува надлежните органи на ажурен сервис за граѓаните и инвеститорите. За првпат се уредени сите видови акти за градење што ги покриваат сите видови градби на територијата на државата. Ова беа дел од образложенијата за причините за донесување нов закон за градење, што ги даде претставникот на Министерството за транспорт и врски.