Излезе од печат новиот број на Гласилото на ЗЕЛС
Гласилото на ЗЕЛС за месец декември излезе од печат. Активностите на ЗЕЛС не стивнуваа и во последниот месец од годината. На почетокот на декември, Генералното собрание на ЗЕЛС ја одржа петтата седница на која делегатите ги разгледаа и ги усвоија Акцискиот план и Буџетот на ЗЕЛС за 2024 година, а претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, ги информира за активностите на Управниот одбор на ЗЕЛС и за идните планови на Заедницата. Тој го нагласи и усвојувањето на Систематизираните ставови на ЗЕЛС за 2024 година, значаен документ во којшто се утврдени сите цели за лобирање и каде што посебно внимание е посветено на заложбите за обезбедување на електронски систем за данокот на имот и воведување на комунална полиција.
На седницата на Надзорниот одбор на ЗЕЛС се дискутираше за приходите на ЗЕЛС за 2024 година, коишто во најголем процент се обезбедуваат од членарината на единиците на локалната самоуправа. Беше нагласено дека ЗЕЛС максимално рационално ги троши сите средства за потребите на општините, овозможувајќи им заштеда, што особено се забележува во користењето на електронските системи. Надзорниот одбор упати апел до сите општини за редовно плаќање на членарината, а оние што имаат долг да го отплатат што поскоро, бидејќи ќе се пристапи кон воведување на нови мерки за подобрување на наплатата на членарината.
Во текот на овој месец беа одржани и повеќе работилници и обуки за јакнење на капацитетите на општинската администрација. Овластените просветни општински инспектори изнесоа низа предизвици со кои се соочуваат при спроведувањето на своите надлежности и разменија искуства за нивно решавање, а беше презентиран и новиот предлог-концепт за постсредно образование. Во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот, обемна дискусија по Предлог-законот за градење водеа и општинските градежни инспектори. ЗЕЛС продолжи и со обуките што ги реализира во општините кои доброволно изразија интерес на повикот на ЗЕЛС и се пријавија за следење на еднодневната обука за јакнење на капацитетите на членовите на Советот за социјална заштита на општината. Во овој месец, вакви обуки беа реализирани во општините Карпош и Неготино.
Крајот на годината го одбележа и потпишувањето на договори од страна на 44 општини за реализација на шеесет и шест проекти, со вкупна вредност од 32,5 милиони евра. Проектите се однесуваат за реконструкција на улици и локални патишта, изградба и реконструкција на училишта и градинки, на здравствени установи, спортски сали, домови за култура, мостови, пречистителни станици и други проекти, кои се обезбедени од буџетот на шест министерства на Владата на РСМ. За сето ова може да прочитате во овој број на Гласило на ЗЕЛС.
Гласило Декември 2023