ЗЕЛС организираше работилница на тема „Улогата на локалната самоуправа во унапредување на правата на лицата со попреченост“

„Улогата на локалната самоуправа во унапредување на правата на лицата со попреченост” беше темата на работилницата што ја организираше ЗЕЛС во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот, на 12 јануари, 2024 година, а на која беа  поканети претставници од општините кои работат во областите на социјална заштита и  образование. Работилницата беше реализирана со поддршка на ГИЗ и во соработка со Фондацијата „Чекор по чекор“,  Министерството за труд и социјална политика и Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата за ООН за правата на лицата со попреченост.

Учество на локалната самоуправа во имплементирањето на Стратегија за правата на лицата со попреченост и на  Акциски план за спроведување 2023-2026 година

На почетокот на работилницата, претставничка од Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, Лидија Крстеска Дојчиновска ги презентираше принципите на оваа Конвенција што е ратификувана од Собранието на нашата земја во декември, 2011 година. Изработена е и Стратегија за правата на лицата со попреченост 2023-2030 година со Акциски план за спроведување 2023 -2026 година. Утврдени се девет приоритетни области во Стратегијата, и тоа : обезбедување на пристапност; еднаквост, пристап до правда и активно учество во јавниот и политичкиот живот; пристап до здравствена заштита; детска, социјална заштита и независно живеење; право на образование; вработување и право на работа, локални инклузивни заедници, јавна свест и култура, спорт и рекреација. Првиот приоритет се  однесува на обезбедување на реконструкција и адаптација на урбаните површини и објекти за подобрување на пристапноста за лица со попреченост. Тука се поразбира и ревитализација и зголемување на бројот на обележани паркинг места како и  адаптација на веб страните на општините и други јавни институции со примена на стандардите за веб пристапност за лица со оштетен вид. Исто така во рамките на обезбедување на пристапност се предвидува субвенционирање за пристапност на домовите на лица со попреченост и субвенционирање на полагање на возачки испит.  Во Акцискиот план во приоритетите од делот на пристап до правда и активно учество во политичкиот живот опфатени се активности за отстранувањето на бариерите за остварување на правото на глас на избирачките места, како и вклучување на правата и потребите  на овие лица во програмите и буџетите на институциите на локално ниво, ( по примерот на родово одговорно буџетирање). Потоа  во приоритетните активности се предвидува и зајакнување на капацитетите на државната и локалните комисии за заштита на правата на пациентите; изградба и адаптација на предучилишните установи согласно стандардите за пристапност, како и нивно соодветно опремување; обезбедување на услуги за живеење со поддршка за лицата со попреченост на локално ниво; развој на мрежата на даватели на услуги на локално ниво согласно потребите на лицата со попреченост како и воспоставување на систем за  мониторинг и евалуација на спроведувањето на социјалните услуги од страна на општините. За улогата на локалните власти во спроведување на мерки од областа на социјалната заштита и образование, говореше и Душан Томшиќ, од Министерството за труд и социјална политика. 

Обезбедени пет сензорно ресурсни соби во пет општини 

Пред присутните беше презентиран и Проектот „Инклузивни општини преку квалитетно образование“  што го спроведува Фондацијата за културни и образовни иницијативи ,,Чекор по чекор“ во 34 училишта во пет општини: Битола, Велес, Кочани, Ресен и Штип. Клучни согледувања за проектот даде Бранка Џајковска, а за искуствата од опремување на сензорните соби говореше Елена Мишиќ и двете  претставнички од Фондацијата. Беше посочено дека во соработка со училиштата и општините,  за секоја општина направена е поединечна лична карта за пристапност и подгптвеност за инклузија на ученици со попреченост во училиштата. Утврден е бројот на деца со попреченост; условите за пристапност до и во училишните згради, стпортските сали, училишниот двор; потоа утврдена е состојбата со постоење на пристапни тоалети; ракохвати на пристапните рампи и тактилни патеки за лица со оштететн вид; потоа дали има сензорно ресурсна просторија во училиштето; а е утврдена и подготвеноста и потребите на училишниот кадар како и други важни податоци.Во рамките на проектот се реализирани и едукативни работилници за подобрување на вештините и на родителите на учениците со попреченост. Во рамките на проектот опремени се и пет сензорно ресурсни соби во сите пет општини, а за нивната полезност и значењето за лицата со попреченост говореа Ајфер Аџигора, директорка на Општинското основното училиште ,,Мите Богоевски“ од Општина  Ресен и Никола Ристовски, специјален едукатор и рехабилитатор.