Следната недела ќе биде објавен повик за општините за добивање на грант за адаптација на постојни објекти за проширување на капацитетите на јавните детски установи
-„Министерството за труд и социјална политика ( МТСП) следната недела ќе објави јавен повик за единиците на локалната самоуправа за изразување на интерес за проширување на капацитетите на јавните детски установи. Средствата за финансирање на овој повик ќе бидат обезбедени преку „Проектот за подобрување на социјалните услуги“ финансиран со средства од заем на Светска Банка, кој го реализира МТСП Од вкупно милион и шестотини илјади долари, еден милион и триста се предвидени за адаптациите, а 300,000 долари ќе се користат за опремување на адаптираните објекти“. Ова го истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, на онлајн средбата со градоначалниците, што беше реализирана на 18 јануари, 2024 година. Таа упати апел до сите општини, особено до руралните општини да се охрабрат и да учествуваат на овој повик, со цел да се зголеми опфатот на деца во предучилишно образование, како и да се подобрат условите во предучилишните установи.
Заинтересираните општини треба да аплицираат најдоцна до 1 април, 2024 година, а во овој период треба да идентификуваат дали имаат соодветни објекти ( училишта, месни заедници или други објекти со добра статика) што се во сопственост на општината а, кои може да се адаптираат или пренаменат во простории за предучилишно образование со целодневен престој на децата. Исто така, општините може да аплицираат за пренамена или адаптација на простор што е во државна сопственост, но при тоа треба да спроведе соодветни постапки за добивање на трајно користење на објектот. Беше посочено дека во јавниот повик ќе бидат прецизно наведени сите потребни документи што општината треба да ги достави во апликација, меѓу кои се имотен лист за потврдување дека објектот е во сопственост на општината или ако е во државна сопственост да достави соодветна изјава дека ќе се започнат соодветни постапки за трајно користење на објектот од страна на општината. Целата постапка, вклучително и изведувањето на адаптациите треба да заврши до 30 јуни, 2025 година. Беше посочено дека по пуштање на објектот во употреба, натамошните обврски за функционирање на објектот ќе бидат на товар на општината и дека општината ќе треба да изврши и соодветни измени на систематизацијата на кадарот во соодветната градинка. Исто така, општината треба да поднесе барање до МТСП, односно до Министерството за финансии, за добивање на согласност за вработување на соодветни кадри. При тоа присутните беа информирани дека и покрај најавите дека од 1 јануари, 2024 година општината не треба да бара согласности за вработувања од Министерството за финансии, беше посочено дека се уште не се реализирани потребните законски услови и затоа нема никакви промени, односно и понатаму ќе се поднесуваат барањата.
Претставниците од МТСП информираа дека општините се ослободени од изработка на проект. Тоа ќе биде реализирано од страна на Проектната единица при МТСП, која исто така е обврзана да го обезбеди адаптирањето и надзорот. Беше посочено дека општините може да се обратат за дополнителни информации во Проектната единица или да побараат на веб страната www.sspi.mk. Доколку општините имаат дилема при изборот на објектот кој сакаат да се адаптира, ,Проектната единица може да обезбеди архитект кој ќе дојде на терен и ќе им помогне за најсоодветен избор. Беше нагласено дека сите потребни информации околу јавниот оглас и потребните документи ќе биде контактиран и ЗЕЛС кој потоа ќе ги достави до сите општини.