„Добри пристапи на локалната власт за градење на доверба на граѓаните“ тема на тркалезна маса на која беа изнесени низа добри примери од општините
„Добри пристапи на локалната власт за градење на доверба на граѓаните“ беше темата на тркалезната маса што во организација на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) се одржа на 31 јануари, 2024 година во Скопје. Пред присутните градоначалници, претставници од општинската администрација, експерти и претставници од граѓанскиот сектор се обрати претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски кој говореше за улогата на ЗЕЛС при стимулирање размена на добри пристапи меѓу општините, а говореше и за активностите на градење на доверба кон граѓаните што се практикуваат во Општина Кисела Вода, каде тој е градоначалник.
-„Довербата не се гради преку ноќ, туку е плод на макотрпна и посветена ангажираност за која најважни чекори се : транспарентноста, потоа вклучувањето на граѓаните во креирањето и донесувањето на одлуки и одговорноста“ нагласи Ѓорѓиевски на почетокот на своето обраќање. Тој како мошне ефикасна алатка за граѓанско учество ја посочи ,,форуми во заедницата“ што ЗЕЛС со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка, уште пред петнаесетина години почна да ја поддржува и воведува во општините. Иако не е предвидена во постојната законска регулатива, „форуми во заедницата“, како форма на граѓанско учество, широко е прифатена и веќе е институционализирана во повеќе од 70 општини во земјава. Тоа значи дека Советот на општината гласал и ја прифатил оваа форма за граѓанско учество во својот Статут. Ѓорѓиевски нагласи дека чекорите и начинот на кој таа се реализира во локалната власт доведе до висока доверба кај населението и поттикна помасовно учество на граѓаните во креирањето на политики и носење на одлуки од локално значење. Овие форуми обезбедуваат конструктивни дебати, споделување на мислења, ставови и идеи за многу прашања полезни за граѓаните и обезбедуваат на консензуален начин да се донесат взаемно прифатливи одлуки што потоа ги реализира општината. –„Форуми во заедницата можеме да ја примениме за било кое прашање што е од надлежност на локалната власт, но најзастапена е при креирањето и донесувањето на општинскиот буџет.“, нагласи Ѓорѓиевски. Беше нагласено дека ЗЕЛС вложува напор за континуирано усовршување на оваа алатка, не само во делот на чекорите на реализација на самиот форум, туку во професионализација на лицата кои ги водат форумските сесии, со воведување на лиценцирање на форумските модератори. Овие лица, чија листа се наоѓа во ЗЕЛС и од која општините имаат можност да си избираат соодветен модератор, стекнуваат петгодишна лиценца по претходно посетувана обука и полагање на писмен и устен испит, што во целост го организира и спроведува ЗЕЛС . Професионализацијата на овие модератори дава дополнителна потврда дека општините се заинтересирани да обезбедат сериозни процеси на дебатирање и што помасовно вклучување на своето население, односно се заинтересирани за градење на квалитетни ,,мостови“ на доверба со своите граѓани. Горѓиевски нагласи дека довербата е столбот врз кој се надградува успешен раст и развој на секоја институција, а на општините најважна им е довербата на нејзините граѓани. Токму како резултат на високата доверба на општините кон ЗЕЛС, всушност обезбедено е и вакво масовно прифаќање и спроведување на „форумите во заедницата“.- „ Сите одлуки што се донесуваат во ЗЕЛС се во интерес на сите општини и се изградени низ дијалог, единство и консензус, без партиски, етнички или било какви други влијанија“, рече на крајот од своето обраќање претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.
Резидентниот програмски директор на ИРИ, Кристофер Бренан нагласи дека претставниците на општината се секојдневно и непосредно меѓу граѓаните, односно соочени со нивните секојдневни проблеми заради што и одговорноста е издигната на едно повисоко ниво и бара соодветни начини за воспоставување на взаемна комуникација. Пред присутните беа изнесени и наоди од истражување на ИРИ за перформанс и респонзивност на локалната власт, а беше презентирана и анализата на добри мерки и пристапи на локалната власт за градење доверба кај граѓаните.
Изнесени добри практики од општините
На тркалезната маса беа изнесени иновативни примери на добро воспоставена комуникација на општината со граѓаните, што се применуваат во некои единици на локална самоуправа. Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски говореше за воведувањето на избори во урбаните и месни заедници и воспоставувањето на Совет на претседатели на овие заедници на ниво на општина. Потоа говореше за значењето на теренската активност, односно постојаните посети -,,Во твоето маало“, односно во секое населено место во општионата, за пренесувањето во живо на седниците на Советот на општината , обезбедувањето на алатката ,,24 часа’“ и слично. Заменик –градоначалничката на Општина Струмица, Елена Маѓеровска-Паликарова го презентираше општинскиот сервис за пријавување на комунални проблеми-„ Систем 48 часа“ воспоставен уште од 2012 година, каде граѓаните ги пријавуваат проблемите, а општината се обврзува да ги санира за 48 часа. За оваа услуга општината обезбедува бесплатна телефонска линија за граѓаните, електронска комуникација и 4 вработени лица кои ги проследуваат барањата на граѓаните до соодветните служби и одговараат на истите. „ Мој Општинар“ беше алатката за комуникација со граѓаните што пред шест години ја воспоставила Општина Кавадарци, за која се ангажирани 10 лица, кои се распределени во 10 реони на општината и имаат задача да комуницираат со граѓаните и да утврдуваат одредени состојби не само во комуналната, туку и во друга области од надлежност на локалната власт. Како што посочи,Тодор Ефремов, секретар на општината, ова е воведено со цел и оние обесхрабрени граѓани да се вклучат и да им бидат решени одредени предизвици со кои се соочуваат во секојдневниот живот, а за кои никогаш нема да дојдат да ги пријават во општината или да поднесат писмено барање. Тој посочи дека општината работи на постојано унапредување на комуникацијата со граѓаните и градењето на доверба и дека она што ќе следи и воведување на темелни извештаи и анализи за тоа колку и со кој квалитет се реализирани барањата на граѓаните, како и утврдување на точен процент на средства од буџетот кои се потрошени за предлог-проекти што произлегле како барање од граѓаните, изнесени на собири или форуми што ги организирала општината.
Позитивни искуства беа изнесени и од Општина Центар, од страна на претседавачката на Советот на оваа општина,Виолета Мирчевска Велковска, како и од Општина Битола, од градоначалникот Тони Коњановски. Од Општина Гостивар, претседателот на Совет, Ваљбон Лимани ја потенцираше директната комуникација на градоначалникот кој заедно со својот тим ја реализира во континуитет во сите месни и урбани средини во општината. Како резултат на одредени традиционални навики на граѓаните се поизразена е желбата на граѓаните непосредно да се видат со градоначалникот, што им е воедно и овозможено. Во општината размислуваат за поголема вклученост и на општинските секторите во комуникација со граѓаните, бидејќи секојдневните контакти се исцрпувачки за градоначалникот, но за тоа е потребна и промена на менталитетот кај граѓаните. Беше посочено дека граѓаните сакаат висока одговорност од локалната власт, а при тоа ни самите немаат одговорен однос кон општината, особено во делот на плаќањето на данокот на имот, како основен сопствен извор на финансирање на општината тие не се однесуваат со потребната одговорност. За непосредните и секојдневни контакти на градоначалникот со граѓаните, говореше и претставникот од Општина Желино, кој ја посочи и примената на електронската алатка,,Кажи му на градоначалникот“. Но тој нагласи и друг предизвик со кој се соочуваат речиси сите општини од нашата земја, а тоа колку општините вистински се во можност да ги реализираат барањата и потребите посочени од граѓаните, бидејќи се соочуваат со ограничени финансиски и административни капацитети. На ова се надоврза и директорката на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, која апелираше за поддршка од домашните и меѓународни организации за продолжување на процесот на децентрализација во земјата и активирање на реформите во локалната власт, што започнаа да се креираат во 2019 година, но запреа поради пандемијата со КОВИД-19.Таа нагласи дека ЗЕЛС повеќе од шест години од централната власт бара поддршка и за обезбедување на софтвер за данок на имот што треба да овозможи негова подобра наплата, но постојано се јавуваат пречки, особено од Агенција за недвижности која засега не сака да им ги предаде на општините ниту податоците за имателите на имот.
Присутните се согласија дека добро воспоставена доверба меѓу граѓаните и локалната власт е клучна за напредок , но дека треба да се воведуваат нови начини и алатки истата да се подобрува во континуитет, преку транспарентно и отчетно работење и дека процесот на децентрализацијата треба да се забрза и да се обезбеди поголема финансиска стабилност на општините.